Патерсон (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Патерсон (англиски: Paterson) - филм од 2016 година, во режија на Џим Џармуш. Главните улоги ги толкуваат: Адам Драјвер и Голшифтех Фарахани.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството во филмот се одвива во градот Патерсон во државата Њу Џерси. Притоа, во текот на една седмица е прикажан секојдневниот живот на возачот на автобус Патерсон (го игра Драјвер). Секое утро, тој се буди крај саканата Лаура (ја игра Фарахани), појадува, оди пеш на работа; таму ги слуша поплаките од шефот, го вози автобусот по вообичаената линија и притоа ги слуша туѓите разговори; се враќа дома, го шета кучето, во локалниот бар пие пиво; а во слободното време пишува поезија. Лаура сонува да стане кантри-пејачка и купува гитара. Истовремено, таа прави колачи кои ги продава на локалниот пазар. Вечерта, тие одат на кино, а кога се враќаат гледаат дека кучето ја распарчило тетратката со поезија на Патерсон. Разочаран, тој оди во паркот, каде запознава Јапонец кој пишува поезија. Јапонецот му поклонува празна тетратка во која Патерсон повторно почнува да пишува поезија.[1] [2]

За филмот[уреди | уреди извор]

Во филмот не се случува речиси ништо, а режисерот му пркоси на конвенционалниот холивудски начин на раскажување, продлабочувајќи го својот минимализам. Во филмот не постои конфликт, а потенцијалните провокации се разрешуваат со искрена меѓучовечка комуникација. Со бавниот ритам и преознатливата микродраматургија, како и со специфичниот хумор, Џармуш гради слоевит утописки универзум создаден од мали нешта. Од просечноста и баналноста на секојдневниот свет, тој создава совршен свет, исполнет со љубов и среќа. Во таа смисла, веројатно, „Патерсон“ е најинтимниот филм на Џармуш.[3] Филмот освоил 11 награди (меѓу кои и „Палминото куче“ на Канскиот фестивал) и имал уште 36 номинации.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Јаневски, „Патерсон“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 98-99.
  2. IMDb, Paterson (2016) (пристапено на 6.4.2020)
  3. Ѓорѓи Јаневски, „Патерсон“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 98-99.
  4. IMDb, Paterson (2016)Awards (пристапено на 6.4.2020)