Парцивал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Парцивал или Парсифал (германски: Parzival, француски: Perceval) — витешки еп од средновековниот поет Волфрам фон Ешенбах што се повикува на француски извори, пред сè на Кретјен де Троа (француски: Chrétien de Troyes)[1]. Епот се состои од над 20 000 стиха.

Делото ја обработува борбата на човечката душа да најде мир и да постигне рамотежа помеѓу витешките и човечките вредности.

Името на главниот лик потекнува од францускиот израз percer les vaux, буквално „оној што се пробива низ долината“. Интересно е што Рихард Вагнер погрешно го протолкувал изразот како fal parsi, „чист будала“.

Кратка содржина на делото[уреди | уреди извор]

По смртта на таткото витез, мајката на Парцивал сака да го заштити од опасностите на витешкиот живот и го одгледува сам во шума. Парцивал случајно во шумата среќава витез и од него дознава за турнирот на дворот на кралот Артур. И покрај противењето и солзите на мајката, Парцивал заминува на дворот на кралот во Нант, каде се истакнува со својата храброст, победувајќи го непријателот на кралот, Итер, познат како Црвениот витез, и му го зема оклопот. Во меѓувреме, мајка му умира од жал по заминатиот син, а Парцивал заминува да бара други авантури и пристигнува во замокот на стариот витез Гурнеманц. Тој му ги пренесува дворските обичаи и витешките вредности, меѓу другото го поучува и да не прашува многу. Меѓу другото ја запознава и кралицата Кондвирамур, во која се вљубува и која му станува жена. Меѓутоа, не може да ја смири жедта да доживее нови нешта, па ја напушта жена си и одново талка.

По многу авантури, Парцивал стигнува на Гралсбург, замокот на Светиот грал, каде го опкружува невиден раскош. Таму лежи болен кралот Амфортас во страшни болки. При посетата, Парцивал се сеќава на поуката на Гурнеманц и не кажува ништо, иако со своето прашање можел да го излечи кралот од раните и да стане негов наследник. Во овој случај, Парцивал ги поставува дворските манири пред човечкото сочувство и со тоа не ја достигнува среќата што му била наменета. Следниот ден го бркаат од замокот.

Несреќен и чувствувајќи вина поради смртта на мајката, на Итер и неможноста да му помогне на Амфортас, Парцивал талка четири години. Разочаран од светот и од бога, се среќава со својот побожен чичко Треврицент, кој го потсетува дека за да го добие кралството на Светиот грал мора да поседува три нешта: себеоткажување, чисто срце и верба во Бога. Овој разговор го трогнува Парцивал и го исполнува со желба повторно да се обиде да го освои Гралот.

Со нови херојски дела Парцивал одново ја заработува титулата на витез на Гралот, го лекува Амфортас и повторно ја наоѓа својата жена и две деца.

Значење и влијание на делото[уреди | уреди извор]

Во книжевната теорија Парцивал претставува еден од најдлабоките расправи за човечките вредности. Трипати паѓа во искушение и има три учители кои го водат низ животот: мајката, витезот Гурнеманц и чичкото Треврицент, најпрво ја губи, а потоа повторно ја враќа изгубената верба во Бога и во човечките вредности.

Операта од Рихард Вагнер, Лоенгрин, ја обработува судбината на синот на Парцивал.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Krell, Leo (1967). Deutsche Literaturgeschichte. Bamberg: Buchners Verlag. стр. 40, 41, 42.