Партизанска споменица 1941

Од Википедија — слободната енциклопедија
Партизанската споменица 1941 изложена во трајна поставка на Музејот „7 јули 1941“ во Бека Црква кај Крупањ

Партизански споменица 1941 — високо одликување во СФРЈ коешто било доделувано во „знак на државно признавање на организаторите на народното востание и првоборците на Народноослободителната борба за големи заслуги стекнати за делото ослободување на нашите народи“.[1] Одликувањето било установено на 14 септември 1944 година со одлука на Националниот комитет за ослободување на Југославија како „Споменица 1941“, а со Законот за ордени и медали на ДФЈ од јуни 1945 година било преименувано во „Партизанска споменица 1941“.

Споменицата била издавана од страна на Министерството за народна одбрана, а им била доделувана на партизанските првоборци, односно на борците и водачите на Народноослободителното движење коишто пристапиле во Народноослободителната борба во текот на 1941 година. Право на споменицата имале само преживеани првоборци, додека на семејствата на погинатите борци им била доделувана „Споменица на паднатите борци“. До 1963 година, кога завршило доделувањето на споменицата, вкупно биле доделени 27.629 Партизански споменици од 1941.[2] Нејзините носители остварувале одредени права (на пр. здравствена заштита, додаток на пензија, бесплатен превоз, годишен одмор итн.) коишто биле регулирани со Законот за основните права на носителите на Партизанска споменица 1941“.[3]

Изработката на споменицата била од сребро со позлатени делови, а се носела на левата страна, на џепот од блузата или капутот. Покрај Партизанската споменица 1941 била издавана и Книшка на носителот на Партизанска споменица 1941, којашто била доказ за правото на носење и користење на предвидените повластици.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Закон за Партизанска споменица“. Член 1. 5 мај 1946.
  2. Grbec, Klemen (2010). „Partizanski spominski znak 1941. Ljubljana: Univerza v Ljubljani, Filozofska fakulteta, Fakulteta za družbene vede. (синхалски)
  3. 3,0 3,1 Воена енциклопедија“. том 6. 1973. Белград. 1973.