Папска конклава (2025)
Папска конклава Мај 2025 | |
---|---|
Датум и местоположба | |
7–8 мај 2025 Сикстинска капела, Апостолски дворец, Ватикан | |
Клучни достоинственици | |
Декан | Џовани Батиста Ре |
Продекан | Леонардо Сандри |
Камерленго | Кевин Фарелл |
Протопрезвитер | Михаил Мичај Китбунчу |
Протоѓакон | Доменик Мамберти |
Секретар | Илсон де Жезус Монтанари |
Избори | |
Изборници | 133 (список) |
Кандидати | Види papabili |
Гласачки ливчиња | 4 |
Избран папа | |
Роберт Франсис Превост Избрано име: Лав XIV | |
![]() | |
Папска конклава од 2025 (латински: Conclave anni 2025) — избор на папа што се одржал од 7 до 8 мај 2025 година со цел да се избере нов папа, наследник на Франциск, кој починал на 21 април 2025 г.[1][2] Од сите 135 кардинални избирачи помлади од 80 години, присуствувале сите освен двајца. По три неуспешни обиди, на четвртиот круг гласање, конклавата го избрала за пала кардиналот Роберт Франсис Превост.[3] Тој бил префект на Дикастеријата за бискупи и претседател на Папската комисија за Латинска Америка. Откако бил избран за папа и ја прифатил должноста, го зел името Лав XIV.[4]
Хорхе Марио Бергољо бил избран за време на папската конклава во 2013 година и бил папа 12 години. Според апостолскиот устав Universi Dominici gregis издаден од Јован Павле II во 1996 година и изменет од Бенедикт XVI во 2013 година преку motu proprio Normas nonnullas, кардиналите имале најмалку 15 дена од смртта на папата за да се состанат. На Петтата општа конгрегација на кардинали, одржана на 28 април 2025 година, било одлучено конклавата да започне на 7 мај. Медиумите шпекулирале за можни папабили, или кандидати кои би можеле да станат папи, а меѓу нив беа Андерс Арборелиј, Жан-Марк Авелин, Фридолин Амбонго Бесунгу, Питер Ерде, Марио Грек, Пјетро Паролин, Пјербатиста Пицабала, Роберт Франсис Превост (кој подоцна ќе биде избран), Роберт Сара, Луис Антонио Тагле, Питер Турксон и Матео Зупи.[5]
По смртта на папата Франциск, во Каса Санта Марта започнале подготовките за сместување на кардиналските изборници, вклучително и поставување бариери или непроѕирни фолии на прозорците за да се спречи контакт со надворешниот свет, како и изградба на простории за прослава на таинството покајание, приватна молитва и оброци. Процесот на избор на нов папа е многу таен, со употреба на уреди за блокирање на сигналот што го оневозможуваат општењето преку Bluetooth, Wi-Fi и мобилни мрежи. Ватиканската жандармерија, под водство на Џанлука Гаучи Броколети, се соочува со бројни предизвици во контрашпионажата во заштитата на целоста на конклавата, со можни закани што вклучуваат системи за вештачка интелигенција, беспилотни летала, микроскопски микрофони, кампањи за дезинформации, сеприсутното присуство на социјалните медиуми, па дури и сателити. Жандармеријата користи 650 безбедносни камери во Ватикан, како и шифрирани пораки, заедно со системи за откривање и реагирање на безбедносни закани за да ја обезбеди конклавата.
Процес за избор на папа
[уреди | уреди извор]Како и на Папската конклава од 2013 година, деканот и продеканот на Собранието на кардинали имале над 80 години и немале право да учествуваат. Кардиналот епископ Пјетро Паролин, кој бил најстар кардинал под 80 години, претседавал со конклавата, сегашниот декан, Џовани Батиста Ре, претседавал со конклавата од 2013 година, наместо тогашниот декан Анџело Содано.
Временски распоред и постапки
[уреди | уреди извор]Според апостолскиот устав донесен од Јован Павле Втори во 1996 година, Universi Dominici gregis, изменет со motu proprio Normas nonnullas донесен од папата Бенедикт XVI во 2013 г., кардиналите морале да се состанат за најмалку 15 дена од смртта или оставката на претходниот папа. Кардиналите имале право да ја започнат постапката на конклавата порано само доколку сите кардинали со право на глас биле пристигнати или подоцна доколку постоеле важни причини за одложување, но не било дозболено тоа да се случи подоцна од 20 дена откако престолот бил sede vacante (празен). На 28 април 2025 година, Петтата општа конгрегација на кардиналите одлучила почетокот на конклавата да го закаже за 7 мај 2025 година.
Кардинали избирачи
[уреди | уреди извор]Регион | Број |
---|---|
Италија
|
17 |
Остатокот од Европа
|
35 |
Северна Америка
|
20 |
Јужна Америка
|
17 |
Азија
|
23 |
Океанија
|
4 |
Африка
|
17 |
Вкупно | 133 |
Кардиналите на возраст од 80 години или постари пред денот на завршувањето на папството на претходниот папа, немаат право да учествуваат. На 21 април 2025 година, имало 252 кардинали, од кои 135 биле под 80 години. Од кардиналите избирачи, 108 (80 %) биле назначени за кардинали од Франциск.
Иако кардиналите избирачи на конклавата можат да гласаат и да изберат кој било крстен маж католик, последниот пат некој што не е кардинал да бил избран за папа била Папската конклава од 1378 година.
Конклава
[уреди | уреди извор]Прв ден
[уреди | уреди извор]На 7 мај започнала конклавата. Била претходена од мисата pro eligendo Pontifice (лат. „за избор на понтиф“) што ја предводел кардинал Џовани Батиста Ре, деканот на Колегиумот на кардинали, во базиликата „Свети Петар“ во 10 часот претпладне по средноевропско летно време.
Сите помошни служби — вклучително и клисарите, медицинскиот кадар, лифтовските оператори, директорот на безбедносните служби на Ватикан, како и службениците и службените лица поврзани со конклавата — ја положиле заклетвата за тајност на 5 мај.
Во 16:30 часот попладне, конклавата официјално започнала со молитвен обред во капелата „Паолина“, по кој кардиналните избирачи во свечена поворка влегле во Сикстинската капела. Таму била отпеана химната Veni Creator Spiritus („Дојди, Создателе Духу“), а 133 кардинали со право на глас дале свечена заклетва за тајност.
Секој кардинал, според старешинство, ги положил рацете врз Евангелието и ја изговориле следната заклетва на латински:
Et ego [име] Cardinalis [презиме] spondeo, voveo ac iuro. Sic me Deus adiuvet et haec Sancta Dei Evangelia, quae manu mea tango |
„И јас, [име] Кардинал [презиме], ветувам, се заветувам и се колнам. Нека ми помогне Бог и овие Свети Евангелија што ги допирам со рака.“ |
Некои од кардиналите ги користеле латинските верзии на своите имиња додека ја давале заклетвата.
Папскиот водач на литургиски церемонии, Диего Равели, потоа ги изговорил зборовите Extra omnes („Сите надвор“), наредувајќи сите што не се кардинални избирачи да ја напуштат просторијата. Во 17:46 часот, вратата на Сикстинската капела била затворена.
По влегувањето на кардиналите во конклавата, Раниеро Канталамеса одржал духовно размислување. Бидејќи конклавата започнала во попладневните часови, тој ден се одржал само едно гласање.
Првиот ден од конклавата завршил во 21:00 часот, кога од оџакот на Сикстинската капела се издигнал црн чад, што значело дека не е избран нов папа.
Според ватиканските медиуми, дури 45.000 верници се собрале на плоштадот „Свети Петар“.[6]
Втор ден
[уреди | уреди извор]Претпладневно заседание
[уреди | уреди извор]Вториот ден од конклавата започнал со две гласања, кои завршиле приближно во 10:30 и 11:45 часот претпладне. Црн чад се појавил во 11:51 часот, што повторно означувало дека не е избран нов папа. Чадот не се појавува по секое гласање, бидејќи гласачките ливчиња од двете неуспешни кругови во едно заседание (наутро или попладне) обично се палат заедно, па затоа чадот се гледа само на крајот од секое заседание.
Во текот на претпладневното заседание, кардиналите продолжиле со своите молитви и размислувања во тишина, исполнувајќи ја капелата со чувство на свештеност и тежина на историскиот миг. Според информации од Ватикан, гласањето се одвивало мирно и дисциплинирано, без никакви отстапки од установените постапки.
Попладневно заседание
[уреди | уреди извор]По паузата за ручек, кардиналите се вратиле во Сикстинската капела за следниот круг гласање. По четвртиот круг, во 18:07 часот се појавил бел чад, по што следело ѕвонењето на камбаните од базиликата „Свети Петар“, означувајќи дека е избран нов папа. Наскоро потоа, групите на Швајцарската гарда и Карабинерите преминале низ плоштадот „Свети Петар“ и зазеле формација под централната ложа на базиликата.
Оттаму, протоѓаконот кардинал Доминик Мамберти објавил дека Роберт Франсис Превост бил избран за папа, земајќи го името Лав XIV. Откако ја прифатил својата изборна одлука, кардиналите го поздравиле со ракоплескање, а тој ги прегрнал веднаш штом излегол од Сикстинската капела, по што службената веб-страница на Ватикан била променета со зборовите „Habemus papam“ („Имаме папа“).
Новиот папа се појавил на балконот кратко по службената објава и ги поздравил верниците на плоштадот „Свети Петар“ и целиот свет со традиционалниот благослов Urbi et Orbi и порака на италијански и шпански јазик.
Веднаш по појавувањето на белиот чад, околу 40.000 луѓе се стрчале кон плоштадот „Свети Петар“; според италијанските безбедносни служби, до мигот кога било објавено „Habemus papam“, на плоштадот се собрале до 150.000 лица.[7]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Дејан, Дејан (2025-04-21). „Почина Папата Франциск на 88-годишна возраст“. telma.com.mk. Посетено на 2025-05-09.
- ↑ „Конклавата за избор на нов Папа ќе започне на 7 мај - Vatican News“. www.vaticannews.va. 2025-04-28. Посетено на 2025-05-09.
- ↑ „БЕЛ ЧАД ИЗЛЕГУВА ОД ОЏАКОТ ВО ВАТИКАН - ИЗБРАН Е НОВ ПАПА“. Сакам Да Кажам. 2025-05-08. Посетено на 2025-05-09.
- ↑ „Роберт Превост е новиот папа со името Лав 14, првиот американски папа“. 24.mk (англиски). Посетено на 2025-05-09.
- ↑ KOHA (2025-04-26). „Ватикан ќе го избере новиот папа, кој се 12-те можни кандидати за наследник на Франциско - КОХА“. KOHA. Посетено на 2025-05-09.
- ↑ Edwards, Christian; Kent, Lauren; Kemp, Olivia; Chowdhury, Maureen (7 May 2025). „Live updates: New pope to be elected by the conclave“. CNN. Архивирано од изворникот 8 мај 2025. Посетено на 8 мај 2025.
- ↑ Rainews, Redazione di (7 мај 2025). „Habemus Papam, eletto l'americano Robert Francis Prevost: è Leone XIV. "La pace sia con voi"“. Rai News 24 (италијански). Посетено на 8 мај 2025.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Конклава од 2025 г. (англиски)