Прејди на содржината

Папокот на светот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Папокот на светот“роман на македонскиот писател Венко Андоновски од 2000 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Предговор на приредувачот

[уреди | уреди извор]

Во предговорот, издавачот на книгата, кој за себе вели дека работи како сметководител, ги објаснува мотивите за издавањето на книгата: заедно со ковчегот со мртвото тело на брат му, кој работел во циркусот „Медрано“, тој добива и еден куфер полн со книги, но во куферот пронаоѓа уште неколку записи: романот „Папокот на светот“, дневникот на брат му и судското сведочење за неговата смрт дадено од госпоѓата Луција Земанек. Иако се сомнева дека брат му е автор на романот, сметководителот решава да ги објави пронајдените ракописи при што вистинските имиња ги заменува со имињата на главните ликови во романот „Шега“ на Милан Кундера.[1]

Дел прв: Клучалница

[уреди | уреди извор]

Книга Папокот на светот

[уреди | уреди извор]

Отец Иларион, кој е отфрлен од божјата милост и ја има загубено верата во бога, ја пишува својата исповед во која раскажува за своите односи со св. Кирил Филозофот. Отец Иларион е дете од непознати родители, пронајдено и одгледано од калуѓерите, а почнал да зборува уште на шестмесечна возраст и подоцна се одликува со дарбата да раскажува приказни поради што е наречен Сказник. Отец Иларион се одликува и со дарбата да ги гледа невидливите нешта како во случајот со смртта на царската ќерка, кога во огледалото го видел нејзиниот посмртен лик, а потоа од парчињата на скршеното огледало ја составил сликата на мртвата девојка. Еден ден, во дворот на логотетот (владетелот) доаѓа Кирил Филозофот кој со својата мудрост тој го засенува главниот советник на логотетот, отец Стефан наречен Писмородецот поради тоа што по налог на владетелот создал сосема нови букви. Гневниот отец Стефан ги собира дванаесетмината членови на царскиот совет на таен состанок со намера да коваат заговор против Филозофот. Иларион не се согласува со тоа, но од страв им се приклучува на заверениците.[2]

Филозофот успева да ги прочита новите букви на отец Стефан и тогаш се открива дека дека се работи за старо, заборавено писмо кое во минатото се употребувало во Кападокија. Отец Стефан е јавно посрамотен, а поради направениот фалсификат е сменет од функцијата. Неговиот гнев кон Филозофот уште повеќе се зголемува и тој го испраќа Иларион во Дамаск за да купи отровен пајак. Во меѓувреме, логотетот му дава нова задача на Филозофот – да го преведе записот на неговиот прстен, напишан на некој непознат јазик. Кирил повторно се истакнува со својата мудрост и не само што успешно го преведува записот, туку го подучува логотетот како да чита непознати писма. Стефан и Иларион го пуштаат отровниот пајак во собата во која се чува копијата на еден таен ракопис. Потоа, Иларион го краде дрвото на кое се запишани старите букви од Кападокија, членовите на царскиот совет го палат дрвото, но тоа се претвора во татко му на отец Стефан, човекот кој направил препис од тајниот ракопис, а потоа се претворил во букви. Утредента, кога Иларион оди да бара прошка од Кирил Филозофот, на големо изненадување го здогледува дрвото со стариот ракопис сосема нечепнато. Отец Стефан не мирува и повторно го наклеветува Филозофот кај логотетот, но тој успешно се брани со својата убедлива беседа за значењето на зборовите и гласовите. Тогаш, отец Стефан станува љубезен кон Филозофот и го предлага за член на царскиот совет. Иако предлогот е едногласно поддржан од сите членови на советот, на тајното гласање Филозофот добива само два гласа, од логотетот и од Иларион, но сепак, логотетот го назначува Филозофот за член на советот.[3]

Логотетот му дава нова задача на Кирил Филозофот – да го протолкува тајниот текст кој одамна се чува заклучен во источната одаја на библиотеката, додека неговиот препис се чува во западната одаја. Кирил и Иларион влегуваат во западната одаја и над книгата здогледуваат пајак од кого се ослободуваат. Читајќи го преписот, Кирил сфаќа дека тој е само обична пресметка и дека не крие никаква тајна. Тој бара дозвола да влезе во источната одаја за да го прочита оригиналниот запис, но логотетот не се согласува. Тогаш, во придружба на Иларион, Кирил заминува на пат со намера да го пронајде центарот на светот, убеден дека таму се наоѓа оригиналниот ракопис. Тие пристигаат до планината наречена Папокот на светот која се наоѓа во пустината и на една карпа пронаоѓаат древен запис. На Кирил му се потребни три месеци за да го препише записот, а кога стигнува до крајот, наеднаш удира гром, но тој останува неповреден. Кирил открива дека записот е дело на царот Дариј.[4]

Кирил и Иларион се враќаат во Цариград каде дознаваат дека на Стефан му се јавил на сон татко му, по што тој го отворил неговиот гроб и коските на татко му го протолкувале тајниот запис од источната одаја чиј автор бил царот Соломон. Кирил утврдува дека неговиот запис и записот што го откил отец Стефан се речиси исти, но сфаќа дека Стефан не успеал да го протолкува записот. И навистина, проклетството на царскиот двор продолжува понатаму: ќерката на владетелот се претвора во пајак, а земјата ја тресат земјотреси и се шират разни болести. Поради тоа, логотетот му го дава на Кирил клучот од источната одаја. И во неа Кирил здогледува пајак над записот при што пајакот има на грбот крст каков што има и Иларион на неговиот грб. Тајниот запис е напишан на непознато писмо, а започнува со буквата Ж. Исто така, и во таа одаја се наоѓа фреска на која е прикажан ѓаволот. Кирил го чита записот, а Иларион ја кажува последната реченица од преписот направен од отец Мида, таткото на отец Стефан. Тогаш, двајцата ја напуштаат одајата, а Кирил е задоволен зашто најпосле ја решава загатката.[5]

Кирил му објаснува на Иларион дека записот во тајната одаја е препис од чашата на царот Соломон, а дека истиот препис се наоѓа и на карпата на Папокот на светот при што тој запис го фалсификувал царот Дариј. Тогаш, Иларион сфаќа дека отец Стефан има копија од клучот од тајната соба каде подолго време врши блуд со малоумната ќерка на владетелот. Иларион влегува тајно во собата на отец Стефан каде го чита целиот текст на преписот направен од отец Мида и открива дека тој го протолкувал тајниот запис, дека водел љубов со некоја девојка-пајак, дека тој е зачнат од таа врска и дека отец Стефан му е брат. Наспроти долготрајните измачувања до Стефан, сепак Иларион му простува и решава да го спаси од гневот на логотетот. Истата ноќ, Иларион влегува во тајната соба и го поместува тајниот запис на местото од каде што не може да се види дека тој во себе крие уште еден запис. Утредента, Кирил го води логотетот во одајата со намера да го остави самиот да го прочита тајниот запис, кој кажува дека царот Соломон не бил мудрец. Меѓутоа, бидејќи ракописот е поместен, логотетот не може да го прочита скриениот запис, па Кирил го напушта Цариград и заминува во Рим каде подоцна умира. Отец Стефан пак си го враќа угледот и повеќе не го измачува Иларион, ќерката на владетелот оздравува, во царството владее мир, на Иларион му исчезнува крстот на грбот, но истовремено тој ја губи способноста да ги гледа невидливите нешта.[6]

Дел втор: Клуч

[уреди | уреди извор]

Книга Папокот на светот

[уреди | уреди извор]

Петнаесет години по напуштањето на родниот град, Јан Лудвик решава да го напушти циркусот „Медрано“. Уште од средношколските денови тој е вљубен во Луција на која безуспешно ѝ се додворувал неколку години. Причината за неуспехот лежи во тоа што тој ја одбива нејзината понуда да стане член на партијата во која членува таа. Неговиот најдобар другар е Павел Земанек за кого Јан дознава дека, исто така, е вљубен во Луција и кој неколку години подоцна се жени со неа. Јан случајно во себе открива акробатски способности. Во една прилика, тој ја разоткрива љубовната врска меѓу Луција и наставникто по физичко воспитување. По скандалот, Луција боледува цел месец, а Јан ѝ ја посветува својата стихозбирка „Енигма“. Подоцна, во училиштето се одржува приредба во организација на Луција, а Јан има мала акробатска точка за време на паузата. Кон крајот на учебната година, учениците заминуваат на излет во Стоби, каде Јан се опива и има халуцинации. По завршувањето на излетот, тој и Земанек заминуваат пеш до Велес, а патем ја здогледуваат Луција во возилото на наставникот по физичко, кој во меѓувреме е поставен за директор на училиштето. Во Велес, Јан ја среќава Луција и таа му признава дека го сака. Тие почнуваат да се љубат, тој ја соблекува Луција гола, но во последен миг ја одбива нејзината понуда за полов однос, зашто сфаќа дека таа е веќе искусна во тој поглед. По тој настан, директорот го повикува Јан на разговор во својата канцеларија и ја исмева неговата стихозбирка посветена на Луција. Во меѓувреме, во градот пристигнува циркус и Јан се запознава со Ина, која настапува во циркусот. Истовремено, тој пишува есеј во кој остро ја напаѓа новата народна уметност што ја пропагира власта.[7]

Поради есејот, Јан е повикан на сослушување во канцеларијата на директорот на училиштето, каде е присутна и Луција. Јан одбива да се покае и продолжува со навредите кон партијата поради што директорот крвнички го претепува. Луција и Земанек го носат Јан во циркусот (каде тој веќе има акробатски настап) и тој го напушта градот заедно со циркусот, а Ина станува негова љубовница. Од тој настан минуваат многу години, а во меѓувреме Јан дознава за смртта на родителите, за напредувањето на Земанек во партијата, за неговиот брак со Луција и за нивната подоцнежна разделба поради неверството на Земанек. Истовремено, поради здравствените проблеми со внатрешното уво, Јан ја губи смислата за рамнотежа и добива отказ од циркусот.[8]

Книга Светлина

[уреди | уреди извор]

По смртта на Јан, Луција дава исказ пред судот во кој прераскажува некои случки од средношколските денови: причините поради кои ја отфрлила неговата љубов поради верноста кон партијата и заминувањето на Јан од градот. Потоа, таа раскажува за стапувањето во брак со Земанек, за неговото напредување во партијата и за нивната подоцнежна разделба поради љубовната врска на Земанек. Најпосле, таа подробно ги опишува околностите пред погинувањето на Јан, кој го напуша циркусот со намера да се замонаши, но претходно ненајавено ја посетува Луција во нејзиниот дом; на негово наговарање, тие заминуваат во Стоби каде тој пие вино од нејзиниот папок, ѝ го враќа украсот со пајакот, додека таа му ја враќа стихозбирката; потоа, тие продолжуваат пеш кон Велес, движејќи се по железничката пруга; кога пристигаат до тунелот, Јан се качува на мостот, а во тој миг тука минува експресниот воз; качен на ограта од мостот, Јан моча врз возот и тогаш настапува силна светлина; возот застанува во тунелот, а машиновозачот го здогледува јагленисаното тело на Јан кое лежи на електричните жици; за време на неговиот погреб, присутните не можат да го отворат ковчегот од чија внатрешност се слуша шушкање на книги; претходно, за време на аутопсијата, во џебот на панталоните на Јан лекарите ја пронаоѓаат неговата пеплосана стихозбирка.[9]

Овој дел ја содржи рецензијата на второто издание на романот „Папокот на светот“ на Јан Лудвик при што рецензентот, доцентот Венко Андоновски, ги наведува причините поради кои го одбил барањето да биде рецензент на првото издание на романот.[10]

Дополнение

[уреди | уреди извор]

За оригиналноста на фотокопијата, или - „ЕНИГМА“!...

[уреди | уреди извор]

Приредувачот ја претставува стихозбирката „Енигма“ на Јан Лудвик, која била спасена врз основа на фотокопијата направена од мајка ѝ на Луција. Притоа, приредувачот го искажува својот сомнеж во однос на оригиналноста на збирката, наговестувајќи ја можноста дека песните ги напишала токму таа, т.е. дека тие не се оригиналните песни на Лудвик. Овој сомнеж го потврдува и доцентот Андоновски.[11]

Овој дел ја содржи стихозбирката „Енигма“ на Јан Лудвик, како и едно писмо од писателот Бранко Варошлијаво кое патем ги споменува и песните од збирката.[12]

За романот

[уреди | уреди извор]

„Папокот на светот“ постигнал голем успех како кај публиката, така и кај книжевната критика. Романот доживеал повеќе изданија и бил продаден во повеќе од 12 000 примероци.[13] Истовремено, тој бил награден со неколку македонски и странски награди, како: роман на годината, „Стале Попов“, „Балканика“ и „Југра“.[14]

Српското издание на книгата го објавила издавачката куќа Лагуна од Белград во 2019 година во превод на Љиља Цревар и Данка Андоновски.[15]

  1. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 5-8.
  2. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 11-54.
  3. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 55-102.
  4. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 103-143.
  5. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 144-158.
  6. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 159-181.
  7. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 185-276.
  8. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 276-289.
  9. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 291-313.
  10. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 315-320.
  11. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 321-327.
  12. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 329-341.
  13. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019, стр. 343.
  14. Венко Андоновски, Папокот на светот. Скопје: Три, 2019.
  15. „Пупак света / Венко Андоновски“. plus.cobiss.net. Посетено на 10 ноември 2022.