Прејди на содржината

Папокот на светлината

Од Википедија — слободната енциклопедија

Папокот на светлинатароман на македонскиот писател Венко Андоновски, објавен од издавачката куќа „Три“ во 2022 година. За него, Андоновски ја освоил наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување во 2022 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.[1]

За романот

[уреди | уреди извор]

Во образложението по повод доделувањето на наградата „Стале Попов“, жири-комисијата истакнала дека романот претставува „слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки“. Притоа, според жири-комисијата, „Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периода, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Играта со постоењето во повеќе времиња истовремено (или во повеќе паралелни вселени) е поткрепена со динамичната нарација, во која нема коинциденција, а истовремено има мноштво метатекстуални забелешки сведени под дилемата – дали нарацијата нѝ е дадена за да сфатиме дека во исто време сè е и сегашност и минато и иднина? Романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето. Толкувањето на знаците води и кон силна духовна христијанска расправа за избавување од гревовите преку слушање, послушание, тихување, до повторното раѓање токму во јазикот. „Папокот на светлината“ е роман за потрагата по Бога, на препознавањето на Бога во човекот и обратно. Ова е роман и за значењето на маргините, за читањето меѓу редови, за сите предизвици и искушенија на современиот човек и неговата секојдневна борба со постмодерниот ѓавол кој доаѓа од сите страни, па и во множина. „Папокот на светлината“ е возбудливо одгатнување неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту Книгата.“[2]

Авторот, пак, го опишал романот на следниов начин: „Тоа е дело кое го пишував буквално како да дишам. Во него ме има многу мене, го има Јан Лудвиг од пред 20 години, но сега веќе созреан во една сосема друга атмосфера и во него се наоѓа севкупното мое животно искуство преточено низ устите на ликовите. Тука е акумулирана и добра литература од морален тип, од знаењето на светите отци.“[3]