Папа Лав XIV
Лав XIV | |
---|---|
Епископ на Рим | |
![]() Лав XIV во 2025 г. | |
Папството почнало | 8 мај 2025 г. |
Претходник | Франциск |
Други служби | префект на Дикастериумот за епископи (2023 — 2025) кардинал епископ на Албано (2025) претседател на Папската комисија за Латинска Америка (2023 — 2025) |
Редови | |
Ракоположен | 19 јуни 1982 г. од Жан Жадо |
Осветување | 12 декември 2014 г. од Џејмс Патрик Грин |
Станал кардинал | 30 септември 2023 г. од папа Франциск |
Чин | кардинал епископ |
Лични податоци | |
Световно име | Роберт Франсис Превост |
Роден | 14 септември 1955 Чикаго, Илиноис, САД |
Претх. служба | Генерален настојник на Августинците (2001 — 2013)
титуларен епископ на Суфар (2014 — 2015) апостолски администратор на Чиклајо (2014 — 2015) епископ на Чиклајо (2015 — 2023) кардинал ѓакон на Санта Моника (2023 — 2025) |
Обр. установа | Универзитет Вилановa (диплома по природни науки) Католички богословски сојуз (учител по богословие) Папски универзитет „Свети Тома Аквински“ (лиценца по канонско право, доктор по канонско право) |
Лав XIV (латински: Leo PP. XIV; световно име: Роберт Франсис Превост; англиски: Robert Francis Prevost; р. Чикаго, САД, 14 септември 1955) — епископ на Римокатоличката црква и 267-ми папа на Рим, избран и прогласен на вториот ден од конклавата, на 8 мај 2025 г.
Тој е поранешен американско-перуански куријален кардинал и член на Августинскиот ред, Августинец. Бил генерален настојник на Августинскиот ред од 14 септември 2001 г. до 4 септември 2013 г. Титуларен епископ на Суфар и апостолски администратор на епархијата Чиклајо од 3 ноември 2014 г. до 26 септември 2015 г. Епископ на Чиклајо од 26 септември 2015 г. до 30 јануари 2023 г. Апостолски администратор на епархијата Калао од 14 април 2020 г. до 26 мај 2021 г. Префект на Дикастериумот за епископи од 30 јануари 2023 г. Архиепископ ad personam од 30 јануари до 30 септември 2023 г. Кардинал-ѓакон со титуларно ѓаконство Санта Моника од 30 септември 2023 г. до 6 февруари 2025 г. Кардинал епископ на Албано од 6 февруари 2025 г. Римски папа од 8 мај 2025 г.
Тој е првиот римски папа од Соединетите Американски Држави и од северноамериканскиот континент, втор папа од Новиот Свет (по папата Франциск) и втор од англојазичниот свет (по папата Адријан IV, 1154 — 1159).
Ран живот
[уреди | уреди извор]Роберт Превост е роден во Чикаго на 14 септември 1955 г., како син на Луј Мариус Превост и Милдред Мартинес. Неговиот татко, ветеран од Втората светска војна во Воената морнарица на САД и училиштен администратор, бил од француско и италијанско потекло, а мајка му била од шпанско потекло.[1][2] Средното образование го завршил во помалата семинарија на Редот на Св. Августин во 1973 г. Во 1977 г. дипломирал математика на Универзитетот Виланова и стекнал бакалауреатски степен по наука.
Откако одлучил да стане свештеник, Превост се приклучил на Редот на Св. Августин во септември 1977 г. Првите завети ги дал во септември 1978 г., а свечените завети во август 1981 г. Следната година стекнал магистерски степен по богословие на Католичкиот богословски сојуз во Чикаго.[3][4]
Погледи
[уреди | уреди извор]Поглед кон светот и изборот на името
[уреди | уреди извор]Според аргентинскиот кардинал Фернандо Чомали, Лав XIV му открил дека го избрал тоа папско име воден од загриженоста за културните промени што се случуваат во светот — еден вид Коперникова револуција, поврзана со вештачката интелигенција и роботиката. „Го вдахнал папата Лав XIII, кој во време на Индустриската револуција го напишал 'Rerum Novarum' (буквално: ‘нови нешта’), со што започнал важен дијалог меѓу црквата и современиот свет.“ Денешниот свет, рекол тој, се наоѓа во состојба на „збунетост“. „Се случува револуција што мора сериозно да се сфати. Црквата може да придонесе преку својот морален авторитет и академска сила.“[5]
Црковна политика
[уреди | уреди извор]Во мај 2023 г., Превост изјавил дека епископското водство треба да ѝ даде предност на верата, а не на администрацијата. Прва задача била „да се пренесе убавината на верата, убавината и радоста од познавањето на Исус“. Во првото обраќање како папа, го истакнал поздравот на Воскреснатиот Исус: „Мир на вас“ — Исус, кој го даде својот живот за Божјото стадо, и кој донесе „мир без оружје, но силен со љубов“. Тој порачал дека сака да ја продолжи благословената порака на папата Франциск: „Бог се грижи за вас, Бог ве сака сите, и злото нема да победи! Сите сме во Божјите раце“.
Темите во неговото прво обраќање биле: Исус како светлина што му е потребна на светот, црквата како мисионерска преку дијалог и отвореност, верност кон евангелието, синодален пат, заедничка работа за мир и правда, близина со страдалниците и молитва до Богородица, која ни е секогаш блиску. Двапати нагласил дека не треба да има место за страв — порака што често ја повторувал и светиот Јован Павле II. Лав XIV ја истакнал Божјата помош во „градење мостови“ за „да бидеме еден народ во мир“. Неговата епископска девиза е In illo uno unum („Во Оној Еден [Христос] сме едно“).
Синодалност
[уреди | уреди извор]Превост е силен поддржувач на синодалноста — едно од главните наследства на папата Франциск. Верува дека учеството и заедничката одговорност на сите верници се клучни за надминување на поделбите во црквата. Тој верува дека „Светиот Дух нѐ води кон обновување“. Смета дека сите верници се повикани на „нова духовна состојба“ — пред сѐ да го слушаат Светиот Дух и да го следат она што Тој ѝ го кажува на црквата.
Жени
[уреди | уреди извор]Превост е против ракополагање на жени во ѓаконството, велејќи дека тоа „не мора да реши некој проблем“ и може да отвори нови. Коментирајќи го именувањето на три жени за членови на Дикастериумот за епископи од страна на папата Франциск во 2023 г. (кој Превост го предводел), тој забележал дека нивните гледишта често се совпаѓаат со другите членови, но истовремено носат свежа гледна точка.[6]
Општествени и политички прашања
[уреди | уреди извор]Превост се смета за умерен или центристички глас. Во април 2025 г., италијанскиот весник la Repubblica го нарекол „космополит“ и личност „ценета и од конзервативци и од прогресивци“. Тој е против евтаназија, абортус и смртна казна. Додека бил во Чиклајо, Перу, активно ги поддржувал венецуелските бегалци.
На социјалната мрежа X (поранешен Твитер), Превост јавно ја поддржал вакцинацијата за време на Пандемијата на КОВИД-19, изразил сочувство за Џорџ Флојд и демонстрантите, и ја критикувал имиграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс. Исто така го критикувал и состанокот на Трамп со претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, кој понудил да ги затвора во своите затвори сите злосторници депортирани од САД. Превост гласал во округот Вил, Илиноис, на неколку избори, вклучувајќи и демократски и републикански избори.
ЛГБТК-прашања
[уреди | уреди извор]Превост изразил сомнежи околу „сочувство кон верувања и практики што се спротивни на евангелието“, и не дал целосна поддршка, но ниту отфрлил на декларацијата Fiducia supplicans за благослови на лица во истополови врски. Тој смета дека националните епископски конференции треба „да ги толкуваат и применуваат тие директиви според месниот културен контекст“. Во 2012 г., ја критикувал популарната култура за „фалење на хомосексуалниот начин на живот“ и истополовите семејства. Во април 2016 г., се спротивставил на вклучување на „родова идеологија“ во наставата во основните училишта во Перу, велејќи дека таа „промовира родови што не постојат“.[7][8]
Климатски промени
[уреди | уреди извор]Превост се залага за посилен ангажман на црквата во борбата против климатските промени. Во семинар во ноември 2024 г., изјавил дека „господарството над природата“ не смее да биде „тиранско“.
Општење и социјални мрежи
[уреди | уреди извор]Во интервју од мај 2023 г., Превост нагласил дека социјалните мрежи мораат да се користат со трезвеност и одговорност, за да не се поттикнуваат поделби и скандали, ниту да се нарушува црковното единство. Според новинарот Кристофер Вајт, ватикански дописник на National Catholic Reporter, Превост зборувал „со внимание и длабока промисленост“, но и „со цврстина и јасно видение“.[9]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Obituaries“. Chicago Tribune. November 10, 1997. стр. 6. Посетено на 8 мај 2025.
- ↑ „Leo XIV is the new Pope“. Vatican News. 8 May 2025. Посетено на 8 мај 2025.
- ↑ Holy See Press Office (26 септември 2015). "Rinunce e nomine, 26.09.2015" (на it). Соопштение за печат.
- ↑ FitzPatrick, Lauren (2025-05-03). „From Chicago's south suburbs to helping choose the next pope“. Chicago Sun-Times (англиски). Посетено на 2025-05-08.
- ↑ https://www.osvnews.com/chilean-cardinal-gives-insight-to-the-conclave-that-elected-pope-leo-xiv/
- ↑ Tornielli, Andrea (4 мај 2023). „Archbishop Prevost: 'The bishop is a pastor, not a manager'“. Vatican News. Посетено на 8 мај 2025.
- ↑ Rich, Motoko (2 мај 2025). „There's Never Been a Pope from the U.S. Could This Cardinal Change That?“. The New York Times. Посетено на 6 мај 2025.
- ↑ Fernandez, Fernando (April 12, 2016). „Chiclayo: Obispo Prévost en contra de ideología de género“ [Chiclayo: Bishop Prevost opposes gender ideology]. Diario Correo (шпански). Архивирано од изворникот 30 ноември 2018. Посетено на 9 мај 2025.
- ↑ White, Christopher (April 30, 2025). „The first American pope? This cardinal has the best chance of making history in this conclave“. National Catholic Reporter (англиски). Архивирано од изворникот 9 мај 2025. Посетено на 9 мај 2025.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]![]() |
„Папа Лав XIV“ на Ризницата ? |
- Prevost Card. Robert Francis, O.S.A.. Holy See Press Office. Архивирано
- „Biografía de Monseñor Robert Francis Prevost Martínez O.S.A.“. Diocese of Chiclayo (шпански). Архивирано од изворникот 22 септември 2020.
- „Bishop Robert Francis Prevost, O.S.A.“. Catholic Hierarchy.
Духовни титули | ||
---|---|---|
Претходник Франциск |
Папа 8 мај 2025 — |
На должноста |