Пан (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Насловна страна на романот Пан

Пан - роман на норвешкиот писател Кнут Хамсун.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 38 глави и додаток со наслов „Глановата смрт“ кој се состои од пет глави.

Поручникот Томас Глан, човек на возраст од 28 години, пишува за своите доживувања од 1855 година, во местото Сирулунд, на северот од Норвешка. Тогаш тој престојувал во својата шумска куќарка, заедно со кучето Езоп, а времето го поминувал ловејќи птици и зајци. Еднаш, тој случајно се запознал со младата девојка Едварда, ќерката на трговецот Мак. По некое време, Томас го посетил трговецот Мак во неговата куќа и таму повторно ја видел Едварда. Така, започнала љубовта меѓу нив, а за време на излетот на еден остров Едварда отворено му ја покажала својата љубов, бакнувајќи го пред другите луѓе. Во текот на следниот месец, тие редовно се среќавале одржувајќи ја својата романтична љубовна врска. Во друга прилика, откако бил на забавата што ја приредила Едварда, Томас бил љубоморен на локалниот доктор и кога се вратил во својата куќичка си пукал во прстите од ногата, а докторот дошол да му помогне. Додека Глан закрепнувал, Едварда дошла само еднаш да го види и во тој период нивните односи се заладиле, а Глан започнал врска со Ева за која мислел дека му е ќерка на ковачот, а дури подоцна дознал дека таа му била жена. По некое време, трговецот Мак се вратил дома во друштво со еден барон. Глан станал љубоморен, неговите односи со Едварда дополнително се заостриле, а и кај Мак се јавила нетрпеливост кон Глан. Еден есенски ден, Глан случајно ја сретнал Едварда, која го поканила на забава. Тој немал намера да присуствува на забавата, но заскитал низ шумата и ненадејно се нашол пред нејзиниот дом. На забавата, тој се чувствувал лошо, а пред да замине, го плукнал баронот во увото. Воден од својата нетрпеливост, Мак подметнал пожар во кој изгорела шумската куќарка на Глан. По некое време, баронот си отишол, а за таа прилика Глан минирал една карпа. Меѓутоа, Мак дознал за неговите активности и ја испратил Ева на тоа место и таа погинала од ударот на карпата. Зимата, Глан решил да си оди, но претходно отишол да се збогува со Едварда, која го пречекала студено. Притоа, таа му го побарала Езоп, но Глан го убил кучето и ѝ го испратил неговиот труп. Утредента, тој си заминал, а Едварда дошла на пристаништето за да го испрати. Неколку години подоцна, Глан живее во градот и еден ден добива писмо со двата зелени пердуви што своевремено ѝ ги подарил на Едварда. Тогаш, тој добива желба да отпатува некаде далеку.[1]

Вториот дел од романот носи наслов „Гленовата смрт - Запис од 1861. година“ и во него се опишува трагичната судбина на Глан, раскажана од страна на човекот кој му бил негов сопатник и кој најпосле го убил: Тој го сретнал Глан во 1859 година и двајцата заминале во Индија, каде отседнале во едно далечно село, поминувајќи го времето во лов. Откако го напуштил Сирулунд, Глан дал отказ од воената служба, се пијанел и постојано лудувал. За време на престојот во Индија, Глан добил писмо и оттогаш постојано бил замислен и нерасположен. Во селото, неговиот сопатник започнал љубовна врска со девојката Маги, но неа ја привлекувал Глан и поради тоа, неговиот сопатник станал љубоморен. Еднаш, Маги ја поминала ноќта со Глан, а утредента Глан заминал во лов, заедно со својот сопатник. Таму, Глан намерно пукал во него, со намера да го предизвика, по што сопатникот го убил, а во судскиот записник било запишано дека Глан погинал случајно за време на ловот. По смртта на Глан, неговото семејство сè уште објавувало огласи во весниците, во обид да открие каде се наоѓал тој.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Романот „Пан“ настанал во модернистичката фаза од творештвото на Хамсун и тој претставува дел од трилогијата која ја сочинуваат и романите „Глад“ и „Викторија“. Во „Пан“ се зборува за трагичното искуство на човекот што произлегува од сознанието дека повеќе не може да се соедини со природата, односно дека засекогаш е изгубена можноста за обновување на првобитната хармонија меѓу човекот и природата. Така, Хамсун го прикажува оној миг од човечката историја во кој човекот станал „болно чедо на градот... одвикнато да го чувствува просторот, да ја сака шумската тишина и да го гледа сонцето“. Со други зборови, во оовј роман, Хамсун настојувал да ја прикаже противречната положба на човекот во модерното време: од една страна, тој сака повторно да најде засолниште во природата, а од друга страна, бидејќи веќе се оддалечил од природата, тој не успева да го најде она што го бара.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кнут Хамсун, Пан. Београд: Политика и Народа књига, 2004, стр. 5-145.
  2. Кнут Хамсун, Пан. Београд: Политика и Народа књига, 2004, стр. 147-169.
  3. „Белешка о писцу“, во: Кнут Хамсун, Пан. Београд: Политика и Народа књига, 2004, стр. 172.