Панче Заев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Панче Заев е македонски и американски музичар, кој свири на кларинет и саксофон.

Биографија[уреди | уреди извор]

Панче Заев се родил во Струмица, каде го завршил основното музичко училиште, а потоа го продолжил образованието во Средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, каде го засакал кларинетот под влијание на наставниците Манол Јанев и Предраг Трајковски. Исто така, големо влијание врз неговиот музички развој имал професорот на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Иван Кочаров.

Неговата сестра, Павлина Заева Гарсија, која учела во средното училиште во Стоктон, му помогнала да стапи во контакт со професорката по кларинет Патриша Шандс (Patricia Shands) и по одржаната аудиција, тој добил стипендија на престижниот конзерваториум за музика во Стоктон, Калифорнија, во рамките на Универзитетот на Пацификот (University of the Pacific, Conservatory of Music - Stockton). Таму ја стекнал дипломата „Bachelor of Music“ кај професорката Шандс. Своето музичко образование го надоградил за магистратура и докторат на Универзитетот на Небраска (University of Nebraska-Lincoln, School of Music) под менторство на професорката Дајан Баргер (Diane Barger), каде истовремено работел асистент, предавајќи кларинет, техники за кларинетска изведба, музичка теорија, историја на џезот и историја на рокот.[1]

Во 2008 година, Заев се вработил на приватниот универзитет „Небраска Веслијан Јуниверсити“ (Nebraska Wesleyan University) во Небраска, како професор по кларинет, саксафон, камерна музика и техники за дрвени инструменти.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Заев свири класична музика, џез и блуз, а во своите настапи често изведувал дела на македонски композитори, како: Стојан Стојков, Сони Петровски, Љубомир Бранѓолица и Благој Цанев. Исто така, тој има сопствена џез-група „Свинг фивер“ (Swing Fever).

Во 2014 година, како специјален гостин, Заев учествувал на фестивалот за кларинет „Midwest Clarifest“, одржан на Универзитетот на Небраска во Линколн, каде го извел делото „20 варијации на народна тема за соло-кларинет, оп. 10“ на композиторот Димитрије Бужаровски. Истата година, во октомври, Заев добил покана да реализира рецитал на Универзитетот на Јужна Јута (Southern Utah University), со кларинетски перформанс од композиторите Леонард Бернштајн (Leonard  Bernstein) и Френсис Пуленк (Francis Poulenc), во придружба на пијано од Кристијан Боненстенгел (Christian Bohnenstengel); разни џез изведби заедно со Томас херб (Thomas Herb) на саксафо), Џејкоб Ли (Jacob Lee) на контрабас и Лидија Бредшо (Lydia Bradshaw) на тапани; како и со негова соло-изведба на варијациите за кларинет од Димитрије Бужаровски.[3] [4]

Во 2015 година, Заев ја објавил докторската дисертација заснована на избрани македонски соло и камерни кларинетски дела напишани од македонски композитори (An annotated bibliography of selected solo and small chamber works for clarinet in the 20th and 21st century written by Macedonian composers).[5]

За промоција на својот докторски труд, во февруари 2016 година, во Небраска Веслијан Јуниверсити, Заев остварил посебен рецитал посветен на кларинетските дела од македонските композитори Љубомир Бранѓолица („Мариана за кларинет и пијано“, „Адаџо за кларинет и пијано“ и „Двије калоцепсеке вињете за флаута и кларинет“), Благој Цанев („Соната во Ес за кларинет и пијано“), Вања Николовски-Ѓумар („Интродукции и Рондо“) и на францускиот композитор Клод Дебиси („Premiere Rhapsodie“). Притоа, на рециталот настапил заедно со своите колеги Моли Менер (Molie Manner) на пијано, Лари Џонс (Larry Jones) на пијано и Елизабет Бобенхаус (Elizabeth Bobenhouse) на флејта.[6] [7]

Наводи[уреди | уреди извор]