Паника во паркот на иглите

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Паника во паркот на иглите“ (англиски: The Panic in Needle Park) — филм на режисерот Џери Шацберг (Jerry Schatzberg) од 1971 година. Автори на сценариото, кое е засновано врз романот на Џејмс Милс, се Хоан Дидион (Joan Didion) и Џон Грегори Дан (John Gregory Dunne). Главните улоги ги играат: Ал Пачино (Al Pacino), Кити Вин (Kitty Winn), Алан Винт (Alan Vint), Ричард Брајт (Richard Bright) и Раул Хулија (Raul Julia). Кога се појавил, со својот хиперреализам филмот ги запрепастил публиката и цензурата. Во САД, поради употребата на „уличниот“ јазик, цензорите најпрвин сакале да го означат филмот како порнографски, но сепак, најпосле ја добил етикетата „само за возрасни“. Во Британија, дури четири години по премиерата, цензорите не сакале да му дадат никаква ознака, па филмот чекал во „бункер“. Во филмот нема музика, а сите сцени се снимени на вистински локации при што има неколку моменти кога случајните минувачи гледаат во камерата. За својата улога, Вин ја освоила наградата за најдобра глумица на Канскиот филмски фестивал, а исто така виртуозна е и глумата на Пачино, иако тоа била неговата втора филмска улога.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Гледајќи кон север на Бродвеј кон 72-та улица на плоштадот Верди, Њујорк. Од левата страна се гледа куќата на станицата на 72-та улица на метрото во Њујорк.

Еден мал плоштад во Њујорк, покрај раскрсницата на 72. улица и Бродвеј, кај наркоманите е познат како „Парк на иглите“. Тука, главна „ѕвезда“ е Боби (го игра Пачино), ситен крадец и продавач на дрога. Откако по абортусот, младата уметничка Хелен (ја игра Вин) ќе биде отфрлена од нејзиното момче, сликарот Марко (го игра Хулија), неа ја презема Боби, кој ја запознава со својот мал круг на завинсици од хероин. Инаку, и Боби е наркоман, а наскоро тој и Хелен се вљубуваат еден во друг. Постариот брат на Боби, Хенк (го игра Брајт), се занимава со матни работи и заработува многу повеќе од него. Еднаш, Хенк го вклучува Боби во голема кражба, но таа не успева, па Боби завршува в затвор. Така, Хелен паѓа под влијание на Хенк и почнува да се проституира...

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Panika u parku droga, američki film (пристапено на 28.1.2023)