Панде Петровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Панде Петровски
Gen pande petrovski.jpg
Роден 26 декември 1943
Живојно
Починал 31 декември 2006
Битола

Панде Петровски (26 декември 194331 декември 2006) — македонски воен генерал, началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија за време на вооружениот конфликт во 2001 година.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е на 26 декември 1943 година во с. Живојно, денес во општина Новаци. Неговиот дедо Петре учествувал во Илинденското востание и во Првата светска војна, а татко му Алексо учествувал во народноослободителната борба, при што двапати бил ранет.[1]

Откако завршил средно образование во 1962 година, Петровски се запишал на Воената академија на Копнената војска на Југословенската народна армија, и истата со висок успех ја завршил во 1965 година.

ЈНА (1965–1992)[уреди | уреди извор]

Воената кариера ја започнал во 1965 година како командир на вод во 4. оклопна бригада во Јастребарско, СР Хрватска со офицерски чин потпоручник. Петровски најголемиот дел од својата воена кариера го поминал во Јастребарско, од 1965 до 1976 година. Во 1968 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со сребрени мечеви, а следната 1969 година бил унапреден во чин поручник. Од 1969 до 1970 година бил командир на чета. Од 1970 до 1971 година бил заменик командант на баталјон. Во 1971 година бил унапреден во чин капетан. Од 1971 до 1972 година бил референт за физичко воспитување во бригада. Од 1972 година бил командант на баталјон. Во 1973 година бил вонредно унапреден во чин капетан 1. класа, а следната 1974 година бил одликуван со Орден на народната армија со сребрена ѕвезда, негово највисоко одликување во Југословенската народна армија, иако понатаму бил одликуван со уште два ордени.

Во 1976 година завршил Командно-штабна академија и бил преместен во Прилеп, каде што бил помошник на началник на штаб за оперативно-наставни работи. Во 1977 година бил вонредно унапреден во чин мајор. Во 1981 година бил преместен во Велес, каде што бил заменик командант на 212. механизирана бригада, како и началник на штаб на бригадата. Во 1982 година бил унапреден во чин потполковник и одликуван со Орден на трудот со сребрен венец. Откако ја завршил Школата за национална одбрана во Белград, во 1986 година бил вонредно унапреден во чин полковник и бил преместен во Приштина, каде што бил командант на 15. механизирана бригада.

Во 1989 година бил преместен во Скопје, каде што бил началник на орган за персонални работи во 3. армиска област. Во 1990 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со златни мечеви.

АРМ (1992–2002)[уреди | уреди извор]

По распадот на СФР Југославија и дезинтеграцијата на Југословенската народна армија, Петровски, како и другите припадници на ЈНА со потекло од Република Македонија, преминал во Армијата на Република Македонија, формирана во 1992 година, при што бил преместен во Битола како командант на 2. армиски корпус, учествувајќи во неговото формирање.[2] Во 1993 година бил унапреден во чин генерал-мајор. Во 1996 година бил преместен во Скопје, каде што бил помошник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност. Во 1997 година бил унапреден во чин генерал-потполковник.

Во 1998 година Петровски бил назначен да раководи со реорганизацијата на Армијата.

Петровски бил предвремено пензиониран во 2000 година, но следната година бил вратен во Армијата.[2][3] За време на вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година, со Указ бр. 22 на претседателот на Република Македонија Борис Трајковски од 21 март 2001 година, Петровски бил поставен за заменик на началникот на Генералштабот на Армијата Јован Андревски.[4]

Началник на ГШ на АРМ[уреди | уреди извор]

Во виорот на конфликтот, Бил началник на генерал-штабот на АРМ кој најкратко ја водел македонската војска, само 3 месеци. По избувнувањето на воениот судир во Македонија во 2001 година тој бил повикан да помогне во настаната ситуација. Неговиот личен став бил дека воениот судир бил агресија наметната од надвор[5]. Враќајќи се во редовите на АРМ тој ја испланирал успешната акција за ослободување и освојување на Тетовското Кале, како и акциите во Арачиново и Кумановско-липковскиот крај. На 12 април 2001 по успешната акција за ослободување на Тетовското Кале, лично и писмено му било честитано за големата победа на вооружените сили на Република Македонија од страна на генерал-мајор Ричард Грифитс, шеф на МПРИ од САД[6].

Мисли[уреди | уреди извор]

Како војник, и како граѓанин на Република Македонија, кој беше директен сведок во случувањата со кризата во РМ, лично сум заинтересиран за потполно расветлување на сите аспекти на тие случувања и разрешувањето на кризата. Мислам дека и граѓаните на РМ имаат право да ја сознаат целата вистина за овие случувања, посебно што последиците од неа во најголема мерка, а некои и неповратно, ги погодија луѓето од кризните подрачја. Одговорните за ова треба да му дадат очет на македонскиот граѓанин.

Одликувања[уреди | уреди извор]

Забелешка: Списокот на одликувања може да не е целосен.
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Order of the People's Army with silver star RIB.gif Орден на народната армија со сребрена ѕвезда (1974)
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Order of Labour with silver wreath RIB.gif Орден на трудот со сребрен венец (1982)
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Order of military merits with golden swords RIB.gif Орден за воени заслуги со златни мечеви (1990)
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Order for military merits with silver swords RIB.gif Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1968)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Сведоштва – 2001. стр. 215.
  2. 2,0 2,1 Сведоштва – 2001. стр. 216.
  3. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2012-09-14. Посетено на 2011-03-21.
  4. „Указ бр. 22“ (PDF). Службен весник на Република Македонија. 23 март 2001.
  5. „архивска копија“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-08-12. Посетено на 2011-03-21.
  6. Петровски, Панде. „Сведоштва - 2001“. Киро Дандаро, Битола, 2006 г. стр.232 (факсимил од оригиналното писмо)
  • Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 268–271.
Претходник
Јован Андревски
Началник на Генералштабот на АРМ
2001
Наследник
Методи Стамболиски