Пандемија на коронавирус во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Пандемија на коронавирус во Македонија
COVID-19 Outbreak Cases in North Macedonia.svg
Застапеност на вирусот по региони на 20 април 2020 г.
ЗаболувањеCOVID-19
Вирусен сојSARS-CoV-2
МестоМакедонија
Прв случајСкопје
Настапила26 февруари 2020
ПотеклоВухан, Кина
Потврдени случаи25.473[1][2]
Тековни6.552
Излекувани18.047
Мртви
874
Службен портал
koronavirus.gov.mk

Пандемијата на COVID-19 во Македонија започнала кон крајот на февруари 2020 година. Првиот дијагностициран во земјата е жена која го добила вирусот во Италија и таму ја поминала инкубацијата. Бројот на заразени започнал интензивно да се искачува од почетокот на март. Кон крајот на јули бројот на заболени во Македонија, броејќи од почетокот на пандемијата, достигнал 10 илјади.

Државните установи ги донеле првите позначајни мерки за превенција од ширењето на вирусот на 10 март, затворајќи ги сите образовни установи и забранувајќи ги јавните настани. На 13 март поради големиот број на заразени и можноста за ширење на вирусот, била прогласена кризна состојба во соседните општини Дебар и Центар Жупа. Тие практично биле ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со ангажирање на армијата.

По предлог на техничката влада, вечерта на 18 март од страна на претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата била воведена вонредна состојба на целата територија, така што било првпат во историјата на државата да се воведе оваа мерка.

Пандемијата ја зафатила Македонија во време кога Собранието е распуштено поради распишувањето на предвремени парламентарни избори кои се одржале на 15 јули, а извршната власт до тогаш ја има техничка влада. Оваа влада предводена од Оливер Спасовски, првично составена за спроведување на изборите, практично го пренасочила својот мандат во справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја добила и законодавната власт.

Позадина[уреди | уреди извор]

Поврзано: COVID-19

Нов вид на коронавирус, наречен SARS-CoV-2, кој кон крајот на декември 2019 година е идентификуван во Вухан, Кина, предизвика кластер на случаи на акутна респираторна болест, позната како COVID-19 (скратеница за коронавирусна болест од 2019 година). Оваа болест причини пандемија на глобално ниво и зафати над 200 држави и територии, со поголемо присуство во централна Кина, Иран, Западна Европа и САД. Ширењето на COVID-19 е класифицирано како пандемија од Светската здравствена организација на 11 март 2020 година.

Развој на болеста[уреди | уреди извор]

Првиот случај на COVID-19 во Македонија е регистриран на 26 февруари 2020 година. Пациентката се заразила за време на нејзиниот престој во Италија и таму го поминала инкубацискиот период.[3] Од почетокот на март интензивно се појавуваат нови случаи на заболени. Првиот кластер во земјата се создал во општината Центар Жупа. Во првите денови најмногу заразени се регистрираат во Дебар. Од 20 март жариштето на пандемијата се префрлува во главниот град Скопје. Првата жртва на вирусот е 56-годишна жена од Куманово која починала на 22 март.[4] Истиот ден бројот на дијагностицирани од почетокот на пандемијата се искачил над сто. До средината на мај починале повеќе од 100 заболени. На крајот на јули смртните случаи поврзани со COVID-19 се над 450 луѓе.

Одговор на установите[уреди | уреди извор]

Министерот за здравство Филипче во посета на Институтот за јавно здравје во Скопје.
Првите превентивни мерки против ширењето на вирусот биле воведени на аеродромот во Скопје, каде од крајот на јануари се вршело скенирање со темелна камера на патниците кои доаѓале од Дубаи и Истанбул
Прелетна снимка на Скопје за време на 61-часовниот полициски час.

Уште при крајот на јануари, министерот за здравство Венко Филипче изјавил дека државата направила подготовки за справување со вирусот доколку се појави во Македонија. Тој соопштил дека се направени подготовки во однос на кадарот, инфраструктурата, опремата, одредени се места за хоспитализирање на пациенти.[5] Меѓу првите мерки против ширењето на вирусот е воведувањето на скенирање со термална камера на патниците на аеродромот во Скопје на 27 јануари, првично само за оние кои пристигале со летовите од Дубаи и Истанбул.[6] При крајот на февруари оваа мерка е воведена за секој патник кој доаѓа од ризичните одредишта; мерење на темепратурата се вовело и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а дополнително патниците пополнувале прашалници.[7] Овие мерки се донесени на 24 февруари на состанок на Комисијата за заразни болести, одржан по влошувањето на ситуацијата во Италија. Истите мерки од аеродромите се вовеле и на граничните премини.[8] Наредниот ден на 11-тата седница Владата донела заклучоци во однос на коронавирусот, меѓу кои наредила одложување на патувањата и екскурзиите на основните и средните училишта во Италија и ограничување на влезот во земјата на оние кои доаѓаат од кризните подрачја во северна Италија преку помал број на гранични премини. Министерството за здравство било задолжено да ги снабдува училиштата, детските градинки и јавните тоалети со дезинфекциски средства, а на дел од установите и со заштитна опрема.[9] За време на пандемијата, Владата е предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски и е составена според Пржинскиот договор за да ги спроведе предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Таа е избрана на 3 јануари.

На 25 февруари Министерството за здравство објавило список на 14 телефонски броеви поделени по региони за кои се апелира да се контактираат по пристигнување на територијата на Македонија и за пријавување на сомнителни симптоми налик на коронавирусот.[10] Наредниот ден е соопштен првиот случај на коронавирус во Македонија кај жена која пристигнала од Италија по полноќ и се упатила на тестирање на Инфективната клиника во Скопје. Девет лица од Скопје и Струмица кои се вратиле со неа од Италија биле ставени во домашна изолација и под полициски надзор.[11] Техничкиот премиер Спасовски по веста за првата заразена рекол дека во тој момент нема причина за запирање на нормалниот живот и дека носењето на мерките ќе зависи од развојот на состојбата, апелирајќи „да не нѐ поведе емоцијата пред разумот, паничните реакции пред она што е реалност“.[12] Во наредните денови Владата препорачала откажување на јавните собири. Биле откажани карневалите во Струмица и Прилеп, а дел од спортските настани се одржувале без публика.[13] Во овој период во Скопје престојувал Ханс Кулге, регионален директор на СЗО за Европа. Тој искоментирал дека македонските власти до тој момент направиле сè за превенција од ширење на вирусот, согласно препораките од СЗО.[14]

Непочитувањето на препораките и мерките против ширењето на вирусот биле забележани и во установите. Меѓу првите позитивни на вирусот е директорка на Клиниката за кожни болести во Скопје, која не се јавила на преглед по враќањето од Италија и пет дена одела на работа.[15] Истиот ден вкупно 90 луѓе кои имале контакт со неа или биле присутни во клиниката се ставени во двонеделна изолација, а самата клиника е затворена. Кожното одделение и кожната амбуланта во Штип исто така се затворени бидејќи доктори од установите присуствувале на симпозиум во Скопје каде учествувала директорката на скопската клиника.[16] Министерот Венко Филипче соопштил дека за непочитувањето на мерките против ширење на вирусот ќе се казнува парично или со затвор до една година.[17] Сличен случај на 20 март е соопштен и во Кавадарци каде лекар од Општата болница одел на работа и покрај пропишаната мерка за домашна изолација на целото негово семејство. Нему му е изречена парична казна од 4,500 евра. Тој е казнет согласно кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.[18] На 29 март е разрешена директорката на Инфективната клиника во Охрид бидејќи 66-годишната жена од Струга, која се смета дека починала од вирусот, не била примена на клиниката.[19][20]

Ден по откривањето на случајот со директорката на скопската клиника, македонските власти почнале со заострување на мерките против ширењето на вирусот. На 11 март се затворени сите образовни установи во земјата. Поради воведувањето на оваа мерка, Владата одлучила еден од родителите на дете до 10 години да има право да остане дома со платено отсуство.[21] Бидејќи најголем број од заразените биле од соседните општини Дебар и Центар Жупа, кои се наоѓаат во западниот дел на Македонија, на 13 март е прогласена кризна состојба во овие две општини. Тие практично се ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со ангажирање на армијата за да се контролира ширењето на вирусот.[22] Во тој момент во целата држава има 13 потврдени случаи на заразени од коронавирусот. Наредните неколку денови биле воведени низа мерки за масовно спречување на пандемијата, така што се затворени угостителските објекти и трговските центри, исто и аеродромите и граничните премини за странски државјани, забранети се масовните јавни собири.

На 18 март владата предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски побарала да се воведе вонредна состојба на целата територија на државата. Бидејќи Собранието било распуштено поради распишаните избори, барањето било проследено до претседателот на државата Стево Пендаровски.[23] Истиот ден Пендаровски прогласил вонредна состојба на целата територија, во времетраење од најмалку 30 денови. За ова тој соопштил на прес-конференција во 18 часот. Ова е првпат во историјата на државата да биде воведена мерката за вонредна состојба. При воведувањето на мерката имало 35 заболени од коронавирусот. Со ова, Владата покрај извршната власт, ја добила и законодавната власт во државата, така што ѝ било дозволено да носи уредби со законска сила. Пендаровски истакнал дека вонредната состојба е важна и за економијата. Пендаровски рекол дека тоа што владата ќе продолжи да функционира како техничка е шанса власта и опозицијата да работат заеднички и „да не се грижат за својот политички рејтинг“.[24]

Од 23 март започнал секојдневен полициски час на територијата на целата држава во периодот од 21 часот навечер до 6 наутро заради справување со пандемијата. Со ова е забрането движењето на населението секаде во земјата во овие часови. Властите добиле критики за временскиот период на полицискиот час. Од Хелсиншкиот комитет реагирале дека целта на оваа мерка е нејасна бидејќи во текот на денот парковите, игралиштата и другите јавни површини остануваат главни собиралишта на големи групи луѓе.[25] Наредните денови преку мерката за забрана на движење се ограничил контактот меѓу возрасните луѓе над 67 години, кои се сметаат за ризична група, и младите под 18 години, кои може да бидат преносители на вирусот.[26] Од забраната за движење се исклучени земјоделците.[27] Некои општини во март побарале на нивна територија да се прогласи кризна состојба.

Полицискиот час во Куманово

На 3 април била воведена целосна забрана за движење на населението во Општина Куманово за време на викендот. При воведувањето на забраната во оваа општина имало вкупно 85 заразени од вирусот. И во овој случај на земјоделците им било дозволено да се движат во атарот на селото, исклучиво за работните потреби.[28]

Статистика[уреди | уреди извор]

Вкупно потврдени случаи[уреди | уреди извор]

Број на нови случаи[уреди | уреди извор]

Број на нови смртни случаи[уреди | уреди извор]

Демографски податоци[уреди | уреди извор]

Смртни случаи од COVID-19 во Македонија по возрасна група
Класификација Смртни случаи
Број (%)
Сите 883 (100)
Возраст 0-9 1 (0.11)
10-19 0 (0)
20-29 8 (0.91)
30-39 11 (1.25)
40-49 56 (6.34)
50-59 146 (16.53)
60+ 661 (74.86)
Извор: [29]

Галерија[уреди | уреди извор]

Полициските часови во Куманово во периодот март-мај 2020

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Информации во живо за коронавирусот во Македонија“. covid19.mk.
  2. „Состојбена карта на коронавирусот во Македонија во живо“. gdi.net.
  3. „Потврден првиот случај на коронавирус во Северна Македонија“. Агенција Анадолија. 26 февруари 2020.
  4. „Прв смртен случај од коронавирус во Македонија“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 22 март 2020.
  5. „Подготвени сме за коронавирусот, нема потреба од паника, вели министерот за здравство Филипче“. Сакам Да Кажам. 31 January 2020. Посетено на 22 March 2020.
  6. „Термо-камера и на аеродромот во Скопје“. А1он. 27 January 2020. Посетено на 23 March 2020.
  7. „Бидете одговорни и не кревајте паника за коронавирусот, апелира министерот за здравство Филипче“. Сакам Да Кажам. 25 February 2020. Посетено на 22 March 2020.
  8. Спасовска, Мирјана (24 February 2020). „Здравствените власти конечно го кренаа алармот за корона вирусот“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. Посетено на 22 March 2020.
  9. „Влада: Да се одложат патувањата и екскурзиите во Италија“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 25 February 2020. Посетено на 22 March 2020.
  10. „Објавени телефонски броеви за пријавување сомнителни случаи на коронавирус“. 360 степени. 25 February 2020. Посетено на 23 March 2020.
  11. „Деветмината сопатници на пациентката со коронавирус се во домашна изолација во Скопје и Струмица со полициски надзор“. Сакам Да Кажам. 26 February 2020. Посетено на 23 March 2020.
  12. „Во моментов нема причина за запирање на нормалниот живот, рече Спасовски по првиот случај на заболен од коронавирус“. Сакам Да Кажам. 26 February 2020. Посетено на 23 March 2020.
  13. „Владата препорача откажување на јавните собири поради коронавирусот“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 28 February 2020. Посетено на 23 March 2020.
  14. „Ни се случува инфодемија, внимавајте како се информирате и третирајте ги заразените со коронавирус со почит, апелираше во Скопје директорот на СЗО за Европа“. Сакам Да Кажам. 27 February 2020. Посетено на 23 March 2020.
  15. Стојанчова, Пелагија (10 March 2020). „Граѓаните ги почитуваат препораките за коронавирусот, но не и сите лекари“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. Посетено на 23 March 2020.
  16. „Затворени болничкото кожно одделение и амбулантата во Штип поради коронавирусот“. Сакам Да Кажам. 10 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  17. „Казна затвор до една година за непочитување на мерките против ширење на коронавирусот“. Сакам Да Кажам. 10 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  18. „Лекар од кавадаречката Општа болница ја напуштил изолацијата за коронавирус и си одел на работа, ќе биде казнет 4.500 евра“. Сакам Да Кажам. 20 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  19. „Две нови жртви од коронавирусот во Северна Македонија“. Дојче Веле на македонски јазик. 29 March 2020. Посетено на 29 March 2020.
  20. „Почината пациентка од Ковид-19 му отвори работа на обвинителството“. Дојче Веле на македонски јазик. 29 March 2020. Посетено на 29 March 2020.
  21. „Коронавирусот ги затвори градинките и училиштата, спортот без публика“. Дојче Веле на македонски јазик. 10 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  22. „Армијата испратена во Дебар и Центар Жупа“. Дојче Веле на македонски јазик. 13 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  23. „Владата побара прогласување вонредна состојба“. Телма. 18 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  24. „Коронавирус: Пендаровски прогласи вонредна состојба“. Дојче Веле на македонски јазик. 18 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  25. „ХК: Вонредната состојба не смее да биде параван за кршење на човековите права“. 360 степени. 23 March 2020. Посетено на 23 March 2020.
  26. „Полицискиот час се скратува, поголеми забрани за движење кај лицата до 18 и над 67 години“. А1он. 23 March 2020. Посетено на 24 March 2020.
  27. „За земјоделците нема да важи полицискиот час за време на викенд“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 26 March 2020. Посетено на 27 March 2020.
  28. „Целосна забрана за движење во Општина Куманово преку викенд и од 16 до 5 часот од понеделник до петок“. Сакам Да Кажам. 3 April 2020. Посетено на 3 April 2020.
  29. http://gdisk.maps.arcgis.com/apps/opsdashboard/index.html#/2096bd4b051b42948ac3f5747e80c3a5. Отсутно или празно |title= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Esculaap4.svg    Ве молиме, обратете внимание на важното предупредување
во врска со темите поврзани од областа на медицината (здравјето).