Панамски Провлак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Панамски Провлак

Панамски Провлак (шпански: Istmo de Panamá), порано познат и како Дариенски Провлак (Istmo de Darién),[1][2] ― тесен копнен појас меѓу Карипско Море и Тихи Океан, кој ги поврзува Северна и Јужна Америка. На овој провлак се наоѓа државата Панама и Панамскиот канал. Како и многу провлаци, неговата местоположба има исклучително геополитичко и стратешко значење.

Се смета дека провлакот се формирал пред околу 3 милиони години,[3] ги одвоил Атлантски и Тихи Океан и го предизвикал создавањето на Голфската струја. Прв кој го истакнал ова бил северноамериканскиот палеонтолог Хенри Ферфилд Озборн во 1910 година. Својата теорија ја засновал на фосилните записи на цицачите во Средна Америка.[4] Во 1912 година, Алфред Вегенер врз база на оваа теорија ја предложил својата теорија за континентално поместување.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Патот на Нуњес де Балбоа до Јужното Море во 1513 година
Маслена слика од Чарлс Кристијан Нал (1850): Панамскиот Провлак на нивото на реката Чагрес

Васко Нуњес де Балбоа додека пловел по карипскиот брег од домородците дознал за Јужно Море.[6] На 25 септември 1513 година, членовите на неговата експедиција станале првите Европејци кои преку Америка пристигнале на бреговите од Тихи Океан. Во 1519 година, во близина на мала домородна населба на тихоокеанскиот брег бил основан градот Панама. По колонизацијата на Перу, градот Панама станал важно трговско пристаниште и административен центар. Во 1671 година, велшкиот гусар Хенри Морган од Карибите преку Панамскиот Провлак стигнал до градот и го уништил. Градот бил овновен на мал полуостров, неколку километри позападно. Урнатините од стариот град, Панама Виехо, се зачувани и во 1997 година биле прогласени за светско наследство на УНЕСКО.

Од 1707 година, преку провлакот со воз било пренесувано среброто и златото од Вицекралството Перу до Порто Бело, од каде што било препраќано во Севиља и Кадис.

Златната треска во Калифорнија, која започнала во 1849 година, придонела луѓето од атлантското крајбрежје да се преселуваат на брегот на Тихи Океан. Копачите на злато од пристаништата на источниот брег на САД со пароброд биле пренесувани до провлакот и потоа поминувале низ него пеш, на коњ, а подоцна и со железница. Откако ќе стигнеле на тихоокеанскиот брег, со брод се упатувале кон Сан Франциско.

Фердинанд де Лесепс, француски дипломат кој го изградил Суецкиот Канал, во 1880 година ја основал компанијата Панамски канал, но по панамските скандали банкротирала во 1889 година. Во 1902-1904 година, САД ја натерале Колумбија да му даде независност на департманот Панама, ја откупиле преостанатата актива од компанијата Панамски канал и во 1914 година ја завршиле изградбата на Панамскиот Канал.[се бара извор]

Геологија[уреди | уреди извор]

Настанувањето на Панамскиот Провлак предизвикало алопатричка видообразба на морски организми изолирани на двете страни (сино и зелено). Копнените животински видови, исто така, по формирањето копнен премин почнале да мигрираат меѓу двата континента (Голема американска размена на видови).

Северна и Јужна Америка порано биле одвоени со голема водна површина (која се нарекува Средноамерикански Морски Пат), која овозможувала слободно мешање на водите од Тихи и Атлантски Океан. Под површината, полека се судирале две плочи од Земјината кора, при што Кокосовата плочата се излизгала под Карипската плоча. Притисокот и топлината кои се јавиле како резултат на овој судир довеле до создавање на подводни вулкани, а некои се издигнале доволно високо за да се формираат острови. Во меѓувреме, движењето на двете тектонски плочи исто така го придвижувала морското дно, и конечно некои области се издигнале над морското ниво.

Со текот на времето, празнините помеѓу новоформираните острови биле пополнети со огромни количини на седимент од Северна и Јужна Америка. Во текот на милиони години, седиментните наслаги се таложеле на островите сè додека празнината не се пополнила целосно. Најдоцна пред 4,5 милиони години, меѓу Северна и Јужна Америка се формирал провлак. Сепак, во една статија во списанието Science се наведува дека кристалите на циркон од карпа која настанала во средниот миоцен во северна Колумбија укажуваат дека пред 10 милиони години, е веројатно дека на местото на островите веќе бил формиран целосен провлак меѓу северниот и јужниот американски континент на местото каде претходно се наоѓал Средноамериканскиот Морски Пат.[7] Геномското истражување на мравките, исто така, има тенденција да потврди дека провлакот се појавил милиони години пред она што веќе долго време се мисли.[8]

Доказите, исто така, наведуваат дека создавањето на оваа копнена маса, која предизвикува топло и влажно време над северна Европа, е причина за формирање на голема ледена капа на Арктикот и придонело за сегашното ледено доба. Изгледа противречно дека топлите струи можат да доведат до формирање на ледници, но топлиот воздух кој струи над топлата Голфска струја може да задржи повеќе влага. Последица на тоа се пообемни врнежи кои придонесуваат за снежни наноси.[се бара извор]

Формирањето на Панамскиот Провлак одиграл голема улога во биоразновидноста на планетата. Копнениот премин ја олеснил преселбата на животните и растенијата меѓу двата континента. Овој настан во палеонтологијата е познат како Голема американска размена на видови. На пример, во Северна Америка, опосумот, оклопникот и бодликавото прасе потекнуваат од предци кои преку копнениот мост дошле од Јужна Америка. Во обратна насока, мечки, мачки, кучиња, коњи, лами и ракуни, патувале на југ преку провлакот.

Биосфера[уреди | уреди извор]

Како мост кој поврзува две огромни копнени маси, во биосферата на Панамскиот Провлак има преклопување на фауната и флората од Северна и Јужна Америка. На пример, има преку 978 видови птици во областа на провлакот.[9] Тропската клима, исто така, привлекува огромен број крупни и светло обоени видови, инсекти, водоземци, птици, риби и влекачи. Поделен надолжно со планински венец, времето на провлакот е обично влажно на атлантското крајбрежје, но на тихоокеанското крајбрежје има јасна поделба на влажни и суви годишни времиња.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „BBC - History - British History in depth: The Darien Venture“. www.bbc.co.uk.
  2. „The Darien Scheme“. Historic UK.
  3. O'Dea и др. 2016
  4. Osborn 1910
  5. Wegener 1912
  6. Andagoya, Pascual de (21 June 1865). Narrative of the Proceedings of Pedrarias Davila. The Hakluyt Society – преку Wikisource.
  7. Montes и др. 2015
  8. Golembiewski, Kate (25 October 2016). „Ant Genomics Help Reshape Biological History of the Americas“. Посетено на 8 January 2022.
  9. Angehr & Dean 2010

Општи извори[уреди | уреди извор]

  • Angehr, G. R.; Dean, R. (2010). The Birds of Panama: A Field Guide. Zona Tropical Publication. Comstock Publishing Associates, Cornell University Press. ISBN 978-0801476747.
  • Montes, C.; Cardona, A.; Jaramillo, C.; Pardo, A.; Silva, J. C.; Valencia, V. (2015). "Middle Miocene Closure of the Central American Seaway". Science. 348 (6231): 226–229. Bibcode:2015Sci...348..226M. doi:10.1126/science.aaa2815. PMID 25859042.
  • "North and South America Came Together Much Earlier Than Thought: Study". NBC News. Reuters. 9 April 2015.
  • O'Dea, A.; Lessios, H. A.; Coates, A. G.; Eytan, R. I.; Restrepo-Moreno, S. A.; Cione, A. L. (2016). "Formation of the Isthmus of Panama". Science Advances. 2 (8): e1600883. Bibcode:2016SciA....2E0883O. doi:10.1126/sciadv.1600883. PMC 4988774. PMID 27540590.
  • Osborn, H. F. (1910). The Age of Mammals. Macmillan.
  • Wafer, L. (1729). A New Voyage and Description of the Isthmus of America (1695). Scotland: James Knapton. Archived from the original on 3 July 2007. Excerpt from the 1729 Knapton edition
  • Wegener, A. (2003) [1912]. Translated by Roland von Huene. "The Origins of Continents" (PDF). Milestones in Geosciences. Berlin, Heidelberg: Springer: 4–17. doi:10.1007/978-3-662-08763-3_1. ISBN 978-3-642-07919-1. (Original German article from 1912 with English translation from 2003.)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]