Палата Рубен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Палата Рубен
Палата Рубен - денес.jpg
Палата Рубен - денес
Општи податоци
МестоДебар Маало, Скопје, Македонија
Завршена1927
НарачателЕмил Рубен
Проектирање и изградба
АрхитектИван Артемушкин

Палатата Рубен е станбена зграда на фамилијата на познатиот скопски заболекар Емил Рубен. Објектот е изведен во 1927г. и е проектиран од архитектот Иван Артемушкин. Се наоѓа во населбата Дебар Маало, спроти фонтанта на Градскиот парк во Скопје, со влез од ул. Илинденска.

Преживувајќи го скопскиот земјотрес од 1963, палатата станува еден од најпознатите локални примери за архитектурата во периодот меѓу дветте светски војни. Во 2015г. Конзерваторскиот центар Скопје прави реставрација на фасадата следејќи ја оригиналната документација од архитектот Артемушкин.

Архитектонски одлики[уреди | уреди извор]

Палата Рубен - стар изглед

Градбата е изведена на рамна површина во форма на приземје, три ката и поткровје, како слободностоечки објект со двор и два главни влеза. Првиот пристап е од тогашната  ул. Престолонаследник Александар (денес ул. Илиденска) кон првиот кат, каде се уште е сместена главната резиденција на семејството. Вториот влез е од ул. Јеврејска (денешна ул. Наум Наумовски Борче) и овозможува пристап кон сите катови преку скалишниот простор лоциран во задниот дел на објектот.

Објектот е изведен од ѕидови од тула дебели 45cm, армирано бетонски меѓукатни конструкции и скали. Тој се карактеризира со специфична катна височина од 3.50m. а во приземјето таа изнесува дури 3.80m. Зградата е изведена со систем за греење, пумпа за вода, како и резервар за вода сместен на мансардниот дел од скалишниот простор.[1]

Посебна монументалност на објектот е постигната  преку обработката на фасадите, а бидејќи оригиналниот контекст е со ниска изграденост, архитетот си дозволува декоративно развивање на три од четирите фасади. Денешната ситуација ја затвара источната фасада и нејзината визуелна комуникација со улицата

Обвивката на објектот се сотои од фасадни геометриски сегменти акцентирани со пиластри и венци. Нејзината површина е перфорирана со ритам од прозорски отвори, кои во погорните партии имаат и лачни завршетоци. Објектот е посебно декориран преку рустичност, релјефни орнаменти, ниши и столбови.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Превземено од техничката документација на Архивот на Град Скопје. Сиг.: 6.1.348.49
  2. Kokan., Grčev, (2003). Arhitektonskite stilovi vo makedonskata arhitektura od krajot na 19 vek i periodot meǵu dvete svetski vojni. Skopje: Institut za folklor "Marko Cepenkov"--Skopje. ISBN 9989642516. OCLC 62409149. https://www.worldcat.org/oclc/62409149.