Падот на Италија (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Падот на Италија“ (хрватски: Pad Italije) — југословенски филм од 1981 година, во режија на Лордан Зафрановиќ. Сценариото за филмот е дело на Мирко Ковач и Лордан Зафрановиќ. Музиката за филмот ја компонирал Алфи Кабиљо. Филмот е сниман на островот Шолта, во близина на Сплит, во продукција на „Центар филм“ и „Јадран филм“, а премиерата ја доживеал на 7 јули 1981 година. Истата година, на Филмскиот фестивал во Пула, филмот ја добил наградата за најдобар филм „Голема златна арена“ и наградата „Златна арена“ за најдобра режија. Филмот трае 114 минути. Главните улоги ги толкуваат: полскиот глумец Даниел Олбрихски (Daniel Olbrychski), Ена Беговиќ, Горица Поповиќ, Франо Ласиќ, Драган Максимовиќ, Душан Јаниќијевиќ, Љиљана Крстиќ, Миодраг Кривокапиќ, Велимир Бата Живоиновиќ, Мирјана Карановиќ, Изет Хајдархоџиќ, Снежана Савиќ, итн.[1][2][3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива за време на Втората светска војна. Жителите на еден далматински остров е изложени на тормозењето на италијанските фашистички окупатори. Во меѓувреме, партизанскиот командант Даворин (го игра Даниел Олбрицки) ги ликвидира неморалниот соборец Нико (го игра Франо Ласиќ) и неговата љубовница Красна (ја игра Снежана Савиќ), која е обвинета за соработка со италијанскиот окупатор.[4] Еден ден, Италија капитулира и народот се собира, убивајќи ги злосторниците. Потоа, луѓето упаѓаат во куќата на локалниот богаташ и таму грабаат сè што ќе падне при рака. Но, тогаш доаѓаат партизаните, под водство на Даворин, кој го спречува дивеењето на народот и им наредува украдените работи да ги вратат назад. Тој, пак, се венчава со ќерката на богаташот, Вероника (ја игра Ена Беговиќ, во нејзината прва филмска улога). Заслепен од љубовта и од удобниот живот, Даворин ги запоставува своите воени должности и ги игнорира укажувањата на партизанката Божица (ја игра Горица Поповиќ) во врска со наредбите од повисоката команда за поголем степен на внимателност. Оттука, низ островот поминуваат нацистите и усташите, а потоа и четниците (кои претходно се заробени од партизаните, но Даворин наредува да ги ослободат), кои извршуваат разни злосторства. Поради тоа, на островот доаѓа помалиот брат на Даворин, комесарот Ловре (го игра Изет Хајдархоџиќ), кој му ја соопштува непријатната вест - дека е осуден на смртна казна, а потоа, партизаните го стрелаат Даворин.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDb
  2. The Fall of Italy
  3. Moj TV
  4. Антена, 17 јануари 2014, стр. 14.