Охридски скобуст
Охридски скобуст - Chondrostoma ohridanus (скобал, бојник)припаѓа на фамилијата Cyprinidae.[1]
Опис и распространетост
[уреди | уреди извор]Охридскиот скобустот има долго цилиндрично тело, од страните благо сплескано, прекриено со густо насадени лушпи, кои се средно големи или мали. Горниот дел на телото е темен (зеленкастокафен), страните се посветли и скоро чисто сребренести, а стомакот е изразито сребрено бел. Грбната и опашната перка се сивоцрнкасти, другите перки имаат црвенкаста нијанса со сивкаст прелив. Одлика за скобустот е малата глава со нос, и устата, која е долна, во вид на рамна, попречна пукнатина. Долната усна е обложена со рскавица и е заострена. Внатрешната телесна опна, која ја обвиткува стомачната шуплина е со изразито црна боја. Охридскиот скобустот е ендемичен вид за Охрид - Дрим - Скадар екосистемот. Групиран е во помали и поголеми јата, особено кога мигрира поради мрестење.[1]
Основни биолошки одлики
[уреди | уреди извор]Единките на охридскиот скобустот полово созрева во втората или третата година од животот. Се мрести од март до јуни, нјачесто кон крајот на април и почетокот на мај. За мрестење бара помали поплитки делови од Езерото со чакалесто дно. За мрест навлегува и во поголемите водотеци кои се влеваат во Езерото. Фазата на мрестење е релативно кратка и трае околу 10 до 15 дена. Во тој преиод се формираат поголеми јата. Плодноста на женката изнесува до 100 000 јајца, со пречник од 1,5 мм. до 3 мм. Охридскиот скобустот икрата ја полага на чакалесто дно. Максимална должина која ја достигнува скобустот од Охридското Езеро е до 50 см и маса околу 3 кг., но обично расте помалку од 25см. до 40 см. Личинките по ресорпцијата на жолтната кесичка, извесно време се хранат со планктонски организми, но набрзо преминуваат на растителна храна. Возрасните единки на Охридскиот скобуст претежно се хранат со перифитон, алги, но и со детритус, а често се храни и со безрбетници (хиромонидни ларви, малучетинасти црви и полжави).[1]
Значење
[уреди | уреди извор]Месото на Охридскиот скобуст не е многу ценето поради тоа што има доста ситни коски а во пролетно-летниот период се чувствува и мирис на трева или тиња. И покрај тоа скобустот е една од најатрактивните риби за риболов. Многу е внимателен, итар и плашлив па некои рекреативни риболовци го ловат исклучиво само него.[1]