Прејди на содржината

Охридски земјотрес (1911)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Охридски земјотрес (1911)
Карта
Епицентар на земјотресот.
Датум 18 февруари 1911
Време 21:35:13 CET
Магнитуда 6,6 ML
Длабочина 15 км
Епицентар близу Зрновско (Мала Преспа, 40°45′54″N 20°53′31″E / 40.765°N 20.892°E / 40.765; 20.892)
Зафатени земји/подрачја Отоманско Царство
Макс. јачина MMI IX
Цунами 50 см
Последов. потреси 10 (>5 МL)
Жртви непознато

Охридскиот земјотрес од 1911 година — природна катастрофа која ги погодила градовите Поградец и Охрид, вечерта на 18 февруари 1911 година. Од низата земјотреси таа година најразорниот од нив се случил на тој ден во 21:35 часот.[1]

Сеизмичност на областа

[уреди | уреди извор]

Охридското епицентрално подрачје има голема сеизмичност, што може да се забележи од големиот број на случени земјотреси во периодот 1900–2015 година. Според историски податоци, освен за разурнувачки земјотрес од 527 г. н. е., постојат и податоци кои говорат за случување на силни земјотреси со магнитуда ML≥6 во 1906 г. и 1912 г. во ова подрачје.[2]

Поместувањата долж јужните краеви на Пештанско–Петринскиот и Јабланичкиот Расед, како контрасно изразени раседи во релјефот, но и како рабни раседи на Охридската Депресија, продолжуваат и денес, условувајќи висока сеизмичка активност во јужниот дел на Охридското Езеро.[2]

Епицентар

[уреди | уреди извор]

Епицентарот на земјотресот бил на територијата на Горичкиот Санџак, тогаш во Отоманското Царство. Истиот ден се случиле уште 4 земјотреси со магнитуди од 5,9 степени според Рихтер и интензитети од 8 степени според EMSС-98.[3][4] Серија натамошни потреси во областа продолжиле до февруари 1912 година, од кои десеттина биле со магнитуда ML <5.[2][3]

Последици

[уреди | уреди извор]

Земјотресот најсилно бил почувствуван во околината на Поградец, како и во с. Љубаништа во Македонија. Силината на земјотресот била почувствувана и во поширокиот регион – сè до Скопје и Скадар.[2] Пропратен со помали оштетувања овој земјотрес е почувствуван и во градовите Елбасан, Кичево и Гостивар, а со послаб интензитет е почувствуван и во градот Лече во Италија и на грчкиот остров Крф. Главниот земјотрес е регистриран од повеќе сеизмолошки станици во Европа во тоа време.[2]

Земјотресот предизвикал целосно урнување на поголем број станбени објекти во Поградец, но и во селата Старово, Тушемишта и Загоричани во Албанија. Големите оштетувања биле пропратени и со бројни човечки жртви. Сите станбени објекти кои го преживеале земјотресот биле сериозно оштетени, додека сите села во Поградечко биле целосно уништени. Сериозни оштетувања имало во градовите Горица и Билишта во Албанија, но и во Битола, Прилеп и Дебар, каде постојат податоци за оштетувања на ѕидови и рушења на оџаци. Сериозни биле оштетувањата и во градот Охрид, каде покрај оштетувањето на многу станбени објекти, постои и податок за целосно рушење на три џамии. Исто така сериозни биле оштетувањата и на верските објекти во с. Старово, каде постојат податоци за рушењето на минарињата на постојните џамии. За време на овој земјотрес, нивото на водата во Охридското Езеро пораснала за 50 см.[2]

  1. „Earthquake Catalog“. earthquake.usgs.gov. Геолошки топографски институт на САД. Посетено на 13 јуни 2025.
  2. 1 2 3 4 5 6 Порта3 (23 ноември 2017). „Земјотрес во јужниот дел од Охридското Езеро – најсилен во епицентралното подрачје“. Порта3 - градежништво, архитектура и екологија. Посетено на 13 јуни 2025.
  3. 1 2 OhridPress (18 февруари 2024). „На денешен ден во 1911 година, Охрид го погоди силен земјотрес од 6,7 степени“. www.ohridpress.com.mk. Посетено на 13 јуни 2025.
  4. „Соопштенија“. www.seismobsko.pmf.ukim.edu.mk. Скопје: Сеизмолошка опсерваторија при УКИМ-ПМФ. 18 февруари 2025. стр. 2. Посетено на 13 јуни 2025.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]