Охридска легенда
Охридска легенда — единствениот балет на Стеван Христиќ, првпат изведен во Народниот театар во Белград на 29 ноември 1947 година. Претходно, на 5 април 1933 година, бил изведен само првиот чин. Авторот потоа, во Москва, составил неколку дополнителни, нови делови од балетот (прологот, сцената со Билјана и Марко од I чин и Variation A и B од II чин и дополнување на почетокот на чинот), што е изведен во ова ажурирано издание во Москва во музичкиот театар „К. С. Станиславски и В. Ј. Немирович-Данченко“ на 12 април 1958 година.
Либретото се заснова на структурата на бајка и легенда, која раскажува за времето на ропството под Турците, а музиката, како и оригиналната кореографија, се потпираат на фолклорни елементи и модели. Двата најистакнати музички мотиви во балетот, Христиќ ги позајмил од Стеван Мокрањац, т.е. од неговото славно Х Руковети, поточно песните Билјана платно белеше и Пушчи ме, кои често варирани го проникнуваат целиот балет.
Мотиви
[уреди | уреди извор]- Македонска народна песна „Билјана платно белеше “.
- Обработка на песната „Билјана платно белеше“ од X руковети Стеван Мокрањац.
- Преплетување на овие два мотива на почетокот на IV чин од балетот.
Поширок контекст на целото дело Христиќ му дал во третиот чин, каде во дворот на турскиот султан, во дивертисман, ја дава фолклорната „арома“ на другите балкански народи, Романци, Бугари, Грци и Албанци.
Ликови и улоги
[уреди | уреди извор]- Билјана Играч на ликот
- Марко, сиромашен селанец во служба на таткото на Билјана, играч
- Таткото на Билјана улога
- Мајката на Билјана улога
- Иван, младоженецот на Билјана, соло играч
- Кумот играч
- Деверот играч
- Родителите на Иван улоги
- Стариот слеп свирач улога
- Неговата внука (8-12 години) улога
- Ѕвезда Деница пластична танчерка
- Ѕвезди нејзини придружнички (6-8) балетски хор
- Бисерка, езерска самовила пластична танчерка
- Русалки, езерски вили, балетски хор
- Водачот на јаничарите улога
- Јаничари статисти
- Султан мимичка улога
- Везир мимичка улога
- Шеф на харемот, главен евнух мимички улога
- Дворјани и свита статисти
- Стражари, армиски статисти
- Џиновски стражар статист
- Романка лик солист
- Бугарка лик солист
- Албанка лик солист
- Гркинка лик солист
- Млад грчки овчар мимичка улога
- Харемски жени (одалиски) балетски хор
- Другари на Марко балетски хор
- Момци и девојки балетски хор
- Народ (мажи, жени, деца, стари луѓе) статисти
- Хор зад сцената (сопрани, алти, тенори) и како поворка од робови
Содржина на балетот
[уреди | уреди извор]Чин I
[уреди | уреди извор]Село во близина на Охрид. Во тек е бербата на сливи во овоштарникот на таткото на Билјана, богат селски домаќин. Насобраните момци и девојки работат, а меѓу нив се Билјана и сиромашниот селанец Марко, кој е во служба на таткото на Билјана. Кога ќе дојде стариот слеп кавалџија, тие ја оставаат работата и играат на неговата музика. Излегува таткото на Билјана и ги кара, принудувајќи ги да продолжат со работата. Тие го прават тоа неволно. Марко гледа дека Билјана е тажна и се обидува да ја расположи со тоа што ги поканува сите да танцуваат (ова оро, Грлица, е еден од најпознатите и најпопуларните делови на балетот). Момците и девојките полека си заминуваат. Билјана и Марко остануваат сами, среќни што се заедно, но и тажни, знаејќи дека ќе биде тешко да добијат дозвола од таткото на Билјана да се венчаат. Марко заминува, а таткото на Билјана излегува од куќата и ја известува дека решил да ја омажи за Иван, богат селанец. Билјана е очајна, мајка ѝ ја теши, но татко ѝ е неумолив. Пристигнува Иван со својата придружба да ја проси Билјана и настанува општа веселба. Само Билјана е тажна. Кога сите ќе влезат дома, таа се фрла во прегратка на Марко кој гледал сè од страна и се збогува со него. Сцената останува празна, од куќата се слуша само тапанот и дајрето на сватовите. Ноќта падна, но облаците се навлекле и ја покриле Месечината, а во воздухот се осеќа одредена непријатност. Од далечина се слуша звук на марш. Луѓето излегуваат од куќата, а доаѓаат и соседите. Одред јаничари го напаѓа селото, го напаѓаат народот и палат куќи. Родителите на Билјана се ранети, а младоженецот обидувајќи се да ја одбрани паѓа мртов на прагот од куќата. Турците ја водат Билјана и некои други жители во ропство, оставајќи многу мртви и ранети зад себе. Марко доаѓа предоцна.
Чин II
[уреди | уреди извор]Брегот на Охридското Езеро. Ноќта е осветлена од ѕвезди и Месечината. Во рогозот се појавуваат русалки кои танцуваат по езерото. Поворка од ѕвезди доаѓа до езерото, а меѓу нив и најубавата Ѕвезда Деница. Марко доаѓа очаен што не успеал да ја спаси својата Билјана. Ѕвезда Деница го води до главната меѓу русалките, Бисерка, на која ѝ се допаднал Марко и се согласува да му помогне. Во ридот на брегот се отвора волшебна пештера полна со накит, од каде Бисерка му дава на Марко магичен прстен кој ноќе го осветлува патот и волшебен меч со кој Марко ќе ја ослободи својата Билјана.
Чин III
[уреди | уреди извор]Султанската палата во Константинопол. Во далечината се гледа Босфорот и целиот град, кој златно сјае под сонцето. Јаничарите ги внесуваат робовите во дворот на палатата, меѓу нив една Романка, една Бугарка, една Гркинка и еден Грк овчар, една Албанка и Билјана. Пристигнуваат жените од харемот, одалиските, а по нив, со помпа, султанот кој седи на престолот пред робовите. Започнува церемонијата на избор на нови робови. Девојките една по една танцуваат пред султанот (романска игра, бугарска игра, грчка игра), но совладани од заморот, стравот и тагата, не успеваат да го шармираат султанот. На крајот игра Билјана, чија изведба е проткаена со мотиви од првиот чин. Нејзината игра е полно со емотивен набој, а тоа му се допаѓа на султанот. Кога сакаат да ја однесат во харемот, таа бега, а Марко и неколку пријатели упаѓа во палатата. Благодарение на волшебниот меч ги победува јаничарите и ѝ го фрла прстенот на Билјана. Кога тој ја допира, таа се претвора во гулаб и одлетува. Во општото запрепастување, Марко и неговите пријатели бегаат.
Чин IV
[уреди | уреди извор]Селото од првиот чин се обновува. Марко е осамен и тажен затоа што ја загуби Билјана. Неговите пријатели се обидуваат да го расположат со игра, но не успеваат. Одеднаш, како со претчувство, Марко станува и гледа кон небото, од каде што долетува гулабица и слетува на дрво, и наеднаш се претвора во Билјана. Таа му потрчува во прегратка. Пристигнуваат нејзините родители и пресреќни се согласуваат таа да се омажи за Марко. Се собира народот и се прави општа свадбена веселба.