Охридска банка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Охридска банка АД Охрид — македонска универзална банка, која спаѓа во групата големи банки. Таа нуди широк спектар на домашни и меѓународни банкарски услуги на своите комитенти - правни и физички лица и се одликува со разгранета мрежа од експозитури, широк асортиман на финансиски услуги, софистицирани хардверски и софтверски решенија и високо стручен кадар.[1] Нејзиното седиште се наоѓа на ул. Македонски Просветители бр. 19, 6000, Охрид. Банката своите активности во Македонија ги извршува преку мрежа на 29 експозитури.

Историја[уреди | уреди извор]

Охридска Банка АД Охрид е трансформирана во акционерско друштво на 29 декември 1989 година.[2] Како самостојна банка, со сегашното име, Охридска банка АД Охрид работи од 1995 година. Во периодот на десетгодишното функционирање како самостојна банка, Охридска банка перманентно го зголемувала финансискиот потенцијал и во моментов банката е рангирана на четврто место во банкарскиот систем на Македонија, мерено според вкупната актива.

Во мај 2007 година, Сосиете Женерал станал стратешки партнер на Охридска банка, која станала дел од оваа голема интернационална финансиска групација. Сосиете Женерал учествува со 70,02% во вкупниот капитал на банката, а останатите 29,98% се во сопственост на правни и физички лица.[3] Во моментот кога Сосиете Женерал најавил дека ќе ја откупи Охридска банка, нејзините акции се продавале на берзата по цена повисока од 10.000 денари. По извршената соспствена проценка, Сосиете Женерал одлучил да понуди околу 7.500 денари по акција. Наидувајќи на незадоволство кај Управниот одбор, понудата била покачена на 8.175 денари. Со оваа цена биле откупени нешто повеќе од 51% од акциите, така што понудата завршила успешно.[4]

Во февруари 2019 година Сосиете Женерал ѝ ја продаде Охридска Банка на австриската Штајермаркише Шпаркасе Банка.[5]

Активности на банката[уреди | уреди извор]

Банката е регистрирана како универзален тип на комерцијална банка, во согласност со македонските закони. Основните активности на банката се следните:[6]

  • Прибирање на депозити и други повратни извори на средства;
  • Кредитирање во земјата, вклучувајќи и факторинг и финансирање на комерцијални
  • трансакции;
  • Кредитирање во странство, вклучувајќи и факторинг и финансирање на комерцијални
  • трансакции;
  • Издавање и администрирање на платежни средства (парични картички, чекови, патнички чекови, меници);
  • Финансиски лизинг;
  • Менувачки работи;
  • Платен промет во земјата и странство, вклучувајќи купопродажба на девизи;
  • Брз трансфер на пари
  • Издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедување;
  • Изнајмување сефови, остава и депо;
  • Тргување со инструменти на пазарот на пари (меници, чекови, сертификати за депозит);
  • Тргување со девизни средства, што вклучува и тргување со благородни метали;
  • Тргување со хартии од вредност и финансиски деривати;
  • Управување со средства и портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на клиенти;
  • Давање услуги на банка – чувар на имот;
  • Купопродажба, гарантирање и пласман на емисија на хартии од вредност;
  • Посредување во продажба на полиси за осигурување;
  • Посредување во склучување договори за кредити и заеми;
  • Обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица;
  • Економско–финансиски консалтинг;
  • Други финансиски услуги утврдени со закон што може да ги врши само банка.

Охридска банка е првата македонска банка која понудила кредитното животно осигурување. Во соработка со осигурителната компанија „Граве“, Охридска банка нуди кредит кој гарантира дека, доколку се случи некој несакан настан, осигурителната компанија ќе го подмири остатокот од главнината на кредитот. Со оваа програма се опфатени сите кредити за физички лица, кои се на возраст од 18 до 67 години, а осигурителната премија изнесува 0,85% годишно од износот на кредитот. Ризици кои се покриени со овој кредит се: смрт како резултат на несреќен случај или болест, целосна и трајна инвалидност како резултат на несреќен случај или болест, како и трајна и целосна загуба на способност како резултат на несреќен случај или болест.[7]

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Водечкото светско списание за финансиски пазариЈуромани“ (Euromoney) ја прогласи Охридска банка - Сосиете женерал груп за најдобра банка во Македонија за 2010 година. Наградата на претставниците на банката им е врачена во Лондон во присуство на водечките банкари и инвестициски банки од светот. Јитка Пантучкова, претседател на управниот одбор на Охридска банка, вели дека се почестени што "Јуромани" одбра да ја одликува Охридска банка - Сосиете женерал груп за 2010 година. - "Свесни сме дека мораме да продолжиме да се фокусираме и да бидеме подготвени за идните предзивици во нашата индустрија" - изјави Пантучкова[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Охридска банка“. Архивирано од изворникот на 2012-03-18. Посетено на 2012-01-11.
  2. „НБРМ“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2012-01-11.
  3. „Охридска Банка АД Охрид, Годишен извештај 2010 - Профил на банката“. Архивирано од изворникот на 2011-11-04. Посетено на 2012-01-11.
  4. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент. Скопје: Економски факултет, 2008 година, стр. 437.
  5. „Охридска Банка оди во рацете на Штајермаркише Шпаркасе“, МЕТА, 28 февруари 2019.
  6. Охридска Банка АД Охрид, Вовед - Општи информации[мртва врска]
  7. „www.ohridskabanka.mk (пристапено на 25.2.2108)“. Архивирано од изворникот на 2018-03-03. Посетено на 2018-03-12.
  8. ВЕЧЕР[мртва врска]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]