Ота Шик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Ота Шик (11 септември 1919 - 22 август 2004) е чешки економист и политичар.

Ота Шик е роден е во П’лзењ. Пред Втората светска војна студирал уметност на Карловиот универзитет во Прага, а по завршувањето на војната - политика. По нацистичката окупација на Чехословачка во 1939, Шик се вклучил во движењето на отпорот. Во 1940 бил уапсен од страна на Гестапо и пратен во концентрационен логор во Матхаузен. Таму се запознал со идниот претседател на Чехословачка, Антонин Новотни, и со Стефан Дупчек, таткото на Александар Дупчек. Контактите што ги направил за време на логорувањето во Матхаузен се покажаале корисни за неговата политичка кариера по војната. Во раните 60-ти Шик се обидел да го убеди Новотни да ја олабави ригидноста на централното планирање. Шик, тогашен професор по економија, се залагал за олабавување на контролата над цените и за внесување на пазарни елементи во економијата. Токму поради овие негови ставови, тој бил избран во Централниот комитет на КП на Чехословачка и бил назначен за началник на Економскиот институт на Чешката академија на науките.

Реформите што ги предлагал Шик започнале да се применуваат во 1967 година, иако партиските апаратчици значително ги ублажиле. Во декември истата година, на партискиот состанок кој му претходеше на преземањето на власта од страна на Дупчек следниот месец, Шик јавно го осудил режимот на Новотни. По доаѓањето на власт на Дупчек, во април 1968 Шик бил именуван за еден од замениците претседатели на владата и бил архитект на економската акциона програма на владата.

Кога во август 1968 советските тенкови влегле во Прага, Шик бил на одмор во Југославија, поради што го избегнал апсењето од страна на советските власти. Не можејќи да се врати во Чехословачка, во октомври 1968 Шик се преселил во Швајцарија. Од 1970 станал професор по економија на Универзитетот во Сент Гален и на таа позиција остана до 1990 кога се пензионира. По соборувањето на комунистичкиот режим во Чехословачка, Шик сепак не се вратил во Чехословачка и останал да живее во Швајцарија сè до својата смрт.

Негови позначајни дела се: „Трет пат марксистичко-ленинистичката теорија и модерното индустриско општество“ (1972), „За хумана економска демократија“ (1979), „Комунистичкиот систем на власт“ (1981), „Економски системи“ (1981) и други. Шик главно е познат како пазарен социјалист, но со текот на времето неговите ставови еволуираа и го направиле приврзаник на социјалната пазарна економија.