Остен (списание)

Остен — македонско хумористично и сатирично списание од областа на уметноста, слободната мисла и слободното творештво.
Списанието е основано на 1. јануари, 1945 година во Скопје. Подоцна, преку Светската галерија на карикатури и Светската галерија на цртеж, „Остен“ ги презентира уметниците-карикатуристи од целиот свет. Сите генерации креативни луѓе, од основање на списанието и од основањето на Светската галерија на карикатури во 1969, придонеле за градењето на реномето на „Остен“. Со оглед на тоа што карикатуристите се во основа цртачи, а карикатурите (без оглед на карикатурата во која се изработени) се во основа цртежи, на Светска галерија на карикатури, природно се надоврза Светската галерија на цртежи, како содржина во рамките на „Остен“ - уметност на хартија.
Историјат
[уреди | уреди извор]- 1945 – На почетокот, „Остен“ беше прилог за сатира во билтенот на Првата македонска народна ослободителна ударна бригада под името „Сред поле ѕунѕуле“. Пионерите на „Остен“ во овој период беа: Лазар Мојсов, Блаже Конески, Владо Малески, Киро Хаџивасилев и други. Првиот број излезе на 1. јануари 1945, а името „Остен“ го дал Блаже Конески.
- 1951 – Оформувањето на „Остен“ Од 1951 до 1966 „Остен“ се развива како весник, се јавуваат рубрики за хумор, сатира и карикатура во дневните весници, но започнува да се појавува и на нов медиум – на Радио Скопје. Во тој период поддршка на весникот дава Здружението на новинарите на Македонија, а главен уредник во тој период е Владо Малески, при што на оформување на весникот, волонтерски учествувале плејада на општествени и културни работници, меѓу кои: Славко Јаневски, Панде Јаревски, Василие Поповиќ–Цицо, Цветан Станоевски, Дарко Марковиќ,[1] Миле Попоски, Ацо Шопов и други. Во својот развој до 1968 весникот оформува своја професионална редакција и нејзин прв главен уредник е Дарко Марковиќ (1966-1975).[2]
- 1991 – Трансформациите на „Остен“, како формата, обемот, содржината и периодиката на излегувањето на списанието беа променливи. „Остен“ излегуваше како месечник од 100 страници, но почесто излегуваше како двонеделник на 1. и 15. во месецот. На 1. мај, 1990 година “Остен” прерасна во неделник, со динамика на појавување од четири пати месечно.
- 2004 - Списанието „Остен“, после трансформирањето на брендот „Остен“ во приватна компанија, чиј сопственик е Мице Јанкуловски, се бори за обезбедување на својата одржливост.
- 2009 - Се прават обиди за континуирано присуство на списанието „Остен“ на македонската сцена како ‘весник за одвиткување’.
- 2010 - „Остен“ се објавува како дел од дневниот весник „Време“,[3] со финансиска помош од владата на Македонија.[4]
Карикатуристите, кои со својата упорност и посветеност го создаваа списанието уште од првиот број во 1945 г. (во последните години Дарко Марковиќ, Миро Георгиевски, Драган Попоски, Васил Толевски и др.) – со право го дефинираа „Остен“ како списание за хумор и сатира кое ‘излегува кога ќе му текне!’[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Дар Мар (1940 – 2016) | Окно.мк“. okno.mk. Посетено на 2025-10-31.
- ↑ „Osten (Macedonian magazine)“. Wikipedia (англиски). 2025-05-17.
- ↑ „Расадник на хумор и креација – DW – 10.05.2010“. dw.com. Посетено на 2025-10-31.
- ↑ „Службен весник на Република Македонија - 3 јули, 2003 г.“ (PDF).
- ↑ „Објава на Канал 5“. Архивирано од изворникот на 2019-12-06. Посетено на 2019-12-06.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Официјално мрежно место
- Архива на „Остен“ Архивирано на 18 мај 2024 г., Библиотека Браќа Миладиновци - Скопје
- Галерија „Остен“