Ослободување на Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Oслободување на Скопје
Ослободување на Скопје

Македонски борци на врвот Водно

Период: октомври/ноември 1944 година
Место на одвивање: Водно, Скопје, Македонија

Битката за Ослободување на Скопје, претставувала многу сложена операција, бидејќи за да биде успешна од голема важност биле успесите на нивните бригади во битките во другите градови со крајна цел да се поврзат 50та дивизија која била во реонот на Штип со 42та дивизија која била на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје. 50та дивизија незначително задоцнила (еден ден) на позицијата за нивно спојување, а тоа бил реонот на Велес. Нивното доцнење се должело на силниот отпор кој го дале Германците во реонот на Штип, каде 5та бугарска дивизија воопшто не ни учествувала како било договорено и планирано, туку пасивно ги запоседнале позициите кај Злетовска Река, без да учествуваат во битките за ослободување на Штип и реонот околу градот. Со вакви предуслови, ослободувањето на Скопје останало да се изврши со пешадија и улични борби (без употреба на артилерија) кои зависеле исклучиво од храброста и моралот на македонските војници. Во борбите за Скопје заробени биле голем број Германци како и нивното вооружување (топови од разни калибри, митралези и најразновидна техника).[1]

Битката за ослободување на Скопје[уреди | уреди извор]

Поставеност на Германските сили[уреди | уреди извор]

Во Качаничката Клисура дејствувала Шеснаесеттата македонска ударна бригада која секојдневно била во судир со балистите и Германците (бригадата Angel miller) на комуникацијата Скопје - Качаник.

Скопје воглавно било окупирано од 22та пешадиска дивизија со 47от и 65от германски полк, некои делови од 11та воздухопловна полска дивизија, како и помали единици и борци од армиската група Е. Поголемиот дел на германските сили биле распоредени на десниот брег на реката Вардар, а нивните помошни сили од спротивната страна во реонот на денешната населба Гази Баба и индустрискиот дел на градот во тоа време. Сите објекти во кои биле позиционирани германските сили биле опколени со бодликави жици, била поставена кружна одбрана и минирани пристапи до самите објекти.

Германците ги имале минирано сите значајни објекти како што биле: зградата на Железничката станица, Кранговата палата, палата Бановина (зграда на Претседателството), дирекцијата на полицијата, Народната банка, домот на армијата, учителската школа и неколку други згради крај кејот на Вардар, вклучувајќи ги и сите мостови во градот. Германците имале поставено и надворешна одбранбена зона на линијата Лисиче-Кисела Вода-гребенот на Карлијак, како и во населбата Ѓорче Петров.[1]

Планот за ослободување на Скопје, ноември 1944 година

Планот на битката[уреди | уреди извор]

41та дивизија, добила задача да го обезбедува реонот Градско-Криволак-Кавадарци-Плетвар, а со тоа да ја штити заднината по долината на Вардар и дејствувањето на 49та дивизија во правец на Битола, како и операциите на 42та и 50та дивизија во нивните битки за ослободување на Скопје.

Планот бил да се спојат 42та со 50та дивизија и заедно да нападнат на Скопје. За таа цел морале да бидат најпрво ослободени Штип и Велес. 42та дивизија со две бригади (третата и дванаесеттата македонска ударна бригада), да напаѓа од југ преку Карлијак, дел од нив да нападнат во Ѓорче Петров и по секоја цена да ги заземат мостовите и да се онеспособи непријателот истите да ги уништи.

50та дивизија и 8та бригада од 42та дивизија да нападнат по левиот брег по долината на Вардар, во источниот дел на Скопје, за подоцна во содејство со Шеснаесеттата македонска ударна бригада да го заземат северниот дел на градот. Планот бил да се создаде обрач околу градот и би се дејствувало кон спасување на веќе минираните мостови во самиот град.[1]

Во крајната етапа, планот бил сите ударни младински групи кои биле организирани во самиот град, веднаш да почнат улични борби против непријателот и да се помогне во лоцирање и водење на партизаните кои би навлегле во градот. Бидејќи артилериското одделение на 42та дивизија останало на реонот на Велес, морало да се изврши силен изненадувачки напад на сите окупаторски позиции во градот со пешадиски структури.[1]

Нападот и битката за Скопје[уреди | уреди извор]

Прогласот со кој се објавува дека Скопје е ослободено од страна на 42 македонска дивизија и македонските единици.

10 ноември, 1944 година[уреди | уреди извор]

42та дивизија направила марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигнала истата вечер. 50та дивизија и 8та бригада на 42та дивизија направиле краток продор кон Скопје, со цел да се притиснат Германските позиции према Катланово. За време на акцијата за ослободување на Штип, 5та бугарска дивизија стоела наполно пасивна, одмарајќи се кај Злетовска Река, а дури откако бил ослободен градот Велес тргнала на пат кон Скопје и ноќта помеѓу 13 и 14 ноември со наредба од Главниот штаб, им било наредено да си се вратат назад за Бугарија, уште пред да стигне целата дивизија во Катланово.[1]

Извештајот издаден од Штабот на брегалничко-струмичкиот корпус од 24 октомври ја потврдува неактивноста на бугарската армија и во кочанскиот крај:[2]

„Бугарските сили се целосно неактивни во кочанскиот сектор. Германците се на линијата Тракањe-Теранци. Бугарите и тука се неактивни. Тие не го извршуваат договорениот план за заедничко дејствување, затоа доцнат во борбата или воопшто не ни учествуваат.“

Од кумановскиот терен, повторно поради нерешителност на бугарската армија, која не го затворила обрачот околу градот како што им било наредено, голем дел од германските сили ноќта помеѓу 10 и 11 ноември се префрлиле во правец на Скопје.[2]

11 ноември, 1944 година[уреди | уреди извор]

42та дивизија се приближиле кон Карлијак и почнале со напади на надворешната германска одбрана на Скопје. Третата македонска ударна бригада со главните сили напаѓала преку селото Сопиште на Кисела Вода, а другиот баталјон во реонот на Лисиче. Дванаесеттата бригада со главните сили напаѓала на Крстовар, еден баталјон напаѓал на Бел Камен и со тоа до доцна вечерта македонските партизани успеале да завладеат целата линија Лисиче-Кисела Вода-Крстовар-Бел Камен.

50та дивизија и 8та бригада на 42та дивизија, истиот ден извршиле напад на реката Пчиња, го зазеле Катланово, каде Германците успеале да го срушат мостот на реката. Македонските партизани до ноќта пробиле до селата Петровец - Катланово, спремни да го продолжат ослободителниот марш кон градот Скопје.[1]

12 и 13 ноември, 1944 година[уреди | уреди извор]

Утрото на 12 ноември отпочнале првите борби во самиот град на неговата јужна страна. Овие напади ги извршила 42та дивизија, додека паралелно со неа од правецот на Кисела Вода со силен напад, влегла Третата македонска ударна бригада, заземајќи стратешки згради и потиснувајќи ги Германците кои се прегрупирале во веќе запоседнати згради во центарот на градот. Истиот ден (12 ноември, македонските броци - биле стигнати до самите згради, крај кејот на Вардар. Делови од Дванаесеттата и Третата македонска ударна бригада, ја блокирале железничката станица и отпочнале борба за самата зграда како и за Кранговата палата (која се наоѓала во нејзина близина). Главницата на Дванаесеттата македонска ударна бригада ги нападнала зградите на Учителската школа и Поштата. Дел од Дванаесеттата бригада се упатил кон денешната населба Ѓорче Петров (тогашно Ханриево).[1]

Во овие улични борби значајна улога одиграла скопската младина која веднаш странично ги нападнала сите утврдени германски позиции и ги водела македонските борци до сите за ним добро познати германски упоришта низ градот. 50та дивизија и осмата бригада со извесно задоцнување претпладне на 12 ноември отпочнале напад на германската одбрана во источниот дел од градот (реонот на Гази Баба и индустриската зона)

Паралелно со нив во текот на 11 и 12 ноември Шеснаесеттата македoнска ударна бригада, ги нападнала албанските балистички групи на Скопска Црна Гора, а во попладневните часови веќе ги напаѓале касарните во кои биле сместени германските војски. Германските сили кои биле стационирани во северниот и северно-источниот дел на градот успеале да се извлечат од градот и да се упатат кон кон Качаничката Клисура. Најсилни упоришта на Германците останале Учителската школа и Поштата кои доцна во ноќта на 13 ноември биле заземени од страна на македонските борци. Во учителската школа биле заробени 86 германски војници.[3] Целата ноќ од 13 кон 14 ноември како и целиот 14 ноември вршени се чистки на целиот терен од преостанати германски единици.[1]

Битката за Скопје, била извршена со голем успех бидејќи биле спасени сите мостови во градот и успеале да ги обезбедат и зградите кои биле веќе минирани. Германските единици успеале да ги срушат железничките мостови во Скопје и Ханриево (денешна населба Ѓорче Петров), едно крило од зградата на Железничката станица, а нешто подоцна од непронајдена мина била оштетена и зградата на Народната банка.[1]

Битката за ХЕ Матка[уреди | уреди извор]

Еден баталјон од Дванаесеттата македонска ударна бригада по заземањето на Бел Камен, продолжила да води жестоки битки во реонот на селото Матка, каде германските инженерски единици имале план да ја минираат и разурнат браната Матка. Со огромна пожртвуваност на оваа бригада потпомогнати од месното население успеале да ги разбијат албанските балисти и Германци, а со тоа ја обезбедиле ХЕ „Матка“, како и градот Скопје.[1] Во овие борби кај ХЕ „Матка“ загинале: Никола Георгиевски, Никола Јаневски, Драгољуб Анчевски, Драган Јакимовски, Николо Маладини, Иван Колосенко, Бранко Тодоровски, Александрар Спасовски, Александар Костадиновски, Илјаз Салиев и Васил Калановски. Во нивна чест е изграден споменик кој се посетува на 9 мај-денот на победата над фашизмот. На овој ден покрај македонската делегација, свежо цвеќе положува и руска делегација, оддавајќи почит кон македонските борци, но и кон нивниот сограѓанин Иван Колосенко кој загинал во тие битки.[4][5]

14 ноември, 1944 година[уреди | уреди извор]

Откако Скопје било заземено од македонските партизани, утрото на 14 ноември продолжени се чистките на непријателот. 42та дивизија на Шеснаесеттата македонска ударна бригада се дала во потера кон последните германски сили кои се повлекувале во правецот Скопје-Качаник, а друга бригада по долината на Вардар кон Хромовите рудници на Радуша. Додека 50та дивизија ги гонела кон правецот Скопје-Групчин-Тетово. Најжестоки судири на 14 ноември се одиграле на линијата на селата Орман, Ново Село, Оризари, Глумово и Матка. На овие позиции албанските балисти заедно со германците извршиле неколку против-напади. Македонската војска успеала да ги издржи сите нивни напади и да продолжи да ги протерува во правците кон Качаник и Тетово.[1]

Жртви во битката за Скопје[уреди | уреди извор]

Биографии за дел од борците загинати за слободата на Скопје.

42та македонска дивизија, дефилира низ улиците на ослободено Скопје.
19та Македонска ударна бригада бригадата „Гоце Делчев“ - парадира низ ослободено Скопје, 1944 година

Бројот на загинатите борци во борбите за Скопје изнесувал 426 борци. Од кои 8 се жени а 418 се мажи. Бројот на цивилните жртви не е претставен во оваа бројка.[6] Се смета дека последните стрелани скопјани се деветтемина стрелани во близина на Камениот мост од страна на германскиот окупатор: Драган Јакимов, Дончо Андонов, Јордан Јакимов, Перо Јовановиќ, Пантелеј Давчев, Перо Червеников, Светислав Ѓуриќ, Фоки Владимиров и Христо Kараџа. Во нивна чест е подигнат и споменик во близина на Камениот мост во Скопје.[7]

Борци загинати во битките за Скопје
Возраст Број на загинати
15 години 6
16 години 6
17 години 17
18 години 27
19 години 29
20 години 32
21 години 32
22 години 29
23 години 22
24 години 24
25 години 21
26 години 25
27 години 11
28 години 11
29 години 10
30 години 11
31 години 14
32 години 12
33 години 6
34 години 15
35 години 10
36 години 4
37 години 3
38 години 5
39 години 3
40 години 2
41 години 0
42 години 2
43 години 3
44 години 8
45 години 1
Преку 45 години 4
Непознато 21
ВКУПНО: 426

Бугарски искривувања на историјата[уреди | уреди извор]

Како што забележал генералот Апостолски, само 5 години после Битката за Скопје, одредени бугарски историчари пробале да ја извртат историјата, пробувајќи да вметнат бугарски заслуги за ослободување на градот Скопје, за кој генералот Апостолски како и многу други преживеани борци потврдуваат дека бугарски војници не само што не учествувале во битките за ослободување за Скопје, туку не биле вклучени во ниту еден од направените воени планови.[1] Радио Софија,[8] секојдневно ширела дезинформации низ бугарските медиуми како нивните војски играат ослободителна улога во Македонија. Ова со гнев било увидено од страна на Генералот Апостолски, кој тогаш издал наредба, со која им се забранило воопшто да влезат во Скопје, а не пак да парадираат. Оние кои се појавиле откако битките завршиле им било дозволено од генералот Апостолски да се одморат во касарните и да се вратат назад во Бугарија, без никакво право за нивно парадирање на улиците на слободниот град Скопје.[8][9]

Набргу по нивното заминување, кај мене дојде еден командант на полк и ми рече дека сакале да одржат парада во Скопје. Во меѓувреме, влегле и некои единици во индустрискиот дел на градот. Ваквото барање и доаѓањето на некои нивни единици во градот, кај мене предизвикаа голем револт и лутина. Веднаш им реков дека нема да можат да одржат никаква парада во Скопје, зашто парада одржува само оној што се борел за Скопје, а тие пушка не пукнале за неговото ослободување. Им наредив веднаш да го напуштат градот. - Генерал Михајло Апостолски

Како е спречена Бугарската парада во Скопје[уреди | уреди извор]

Најјасни податоци за овој чин дава Боро Чушкар во неговите мемоари и сеќавања. Исто така го потврдува фактот за манипулацијата на Радио Софија, која на големо ги манипулирала бугарските граѓани дека Генералот Стојчев лично го ослободил Скопје.[10]

„Стигнавме кај Железничката станица во последна минута. Бугарските осмореди само што не беа тргнати по главната улица на параден марш. Рипнавме од коњот и Ѓуро и јас. Му пријдовме на најстариот по чин офицер. Беше тоа командант на дивизијата, а по чин беше – генерал мајор. Сув, слабичок и некако жолт, како лимон.

Отидов и го прашав: „Знаеш ли дека ова не е царска Бугарија? Знаеш ли ти, генерале, дека се наоѓаш во Југославија? Знаеш ли ти дека војуваме против вас четири години? Да ви ја ебам мајката фашистичка! Знаеш ли ти, ѓубре едно бугарско, ако направите уште еден единствен чекор кон градот, дека ќе наредам да се пука кон вас од сите оружја и орудија што ги има во градот!?

Се влечете како лешинари по нас и јавувате по радио како ја „ослободувате Македонија”!? Каде вие испаливте куршум за ослободување на Велес и Скопје, да ви ебам мајката! Што ви дава за право така гадно и подло да се лажете себеси и светската јавност!? Сместа во овој момент ќе им наредите на војската да се сврти на лево круг и сите да се вратите во касарните од каде и дојдовте. Дали разбравте, генерале? Со нас шали ќе нема!“, му реков нему, а кога завршив, видов дека сè уште го држам за градите како детска играчка.

Тој цело време трепереше како штиклица. На крајот, сепак, отсечно рече „Јасно другар. Но јас не сум виновен. Таква наредба добив“.

Тогаш јас повторно викнав „Да им ебам мајката на оние што ти дале наредба за ова. Наредби они можат да дадат за изведување вежби во касарните каде ве примивме како гости, а не да ми се маате и парадирате по градот. За тоа само ние можеме да дадеме одобрување, а не твојата посрана влада од Софија. Дали сега ти е јасно?“, го прашав.

„Сичко ми е јасно“, рече тој. Тогаш тој престрашен генерал со сув глас нареди круг на лево, и се вратија

—Сеќавања на Боро Чушкар

Со, ова јасно им било дадено до знаење дека во градот ќе парадираат само оние кои се бореле за неговата слобода - македонската армија партизани.[1]

Борецот Трајко Стаматовски, исто така потврдува дека ослободувањето на Скопје е дело на македонските борци и партизани. Потегот на генералот Апостолски да не им се дозволи парадирање на бугарската армија (бидејќи не учествувале во битките за слобода на Скопје), според него одиграл важна улога и за денешно време. Изненаден од тоа што Бугарија и во модерно време пробува да ја извртува и манипулира историјата за овој настан, смета дека ако тогаш им се дозволело да парадираат, дека денес Македонија ќе имала многу поголеми проблеми, објаснувајќи се со бугарската историографија.[11]

Чествување на празникот „13 Ноември“[уреди | уреди извор]

Секоја година со низа свечености и манифестации низ целиот град, се одбележува „13 Ноември“ - како ден на ослободувањето на Скопје.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 Завршните операции на НОВ за ослободувањето на Македонија. Скопје: Институт за национална историја. 1953. стр. 158–169. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. 2,0 2,1 Митровски, Боро; Глишиќ, Венцислав; Ристовски, Томо (1971). Bugarska vojska u Jugoslaviji 1941-1945. Bugarska okupatorska vojska (april 1941-9. septembar 1944) Saradnja između narodnooslobodilačkog pokreta Jugoslavije i antifašističkog pokreta otpora Bugarske. Učešće jedinica otečestvenofrontovske Bugarske u borbama na tlu Jugoslavije na kraju rata. Beograd: "Međunarodna politika". OCLC 42354405.
  3. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 231. На |first= му недостасува |last= (help)
  4. „ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ СЕРГЕЈ САМСОНЕНКО ПОЛОЖИ ЦВЕЌЕ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА ПАРТИЗАНИТЕ-АНТИФАШИСТИ“. Russian consul in Bitola.
  5. Ниами, Емил (мај 09, 2014). „Македонија го прославува Денот на победата“. mk.rbth.com. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  6. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 383–390. На |first= му недостасува |last= (help)
  7. „Незаборав за стреланите скопјани“. 24 Инфо (англиски). 2018-11-13.
  8. 8,0 8,1 „Од „Спомените" на генерал Михајло Апостолски-Парада одржува само оној што се борел за Скопје“. Pressing TV. 2020-11-13.
  9. „Генералот Михајло Апостолски спречи влез на бугарска војска во Скопје“. МКД.мк.
  10. „Како не успеала бугарската парада за „ослободувањето" на Скопје“. Pressing TV. 2018-11-13.
  11. „70 години слободно Скопје! Мали битки за голема победа!“. Фактор Портал.
  12. „Скопје го одбележува 13 Ноември, Денот на ослободувањето“. www.24.mk.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Беа, Загинаа, Останаа - Боро Кралевски - Историски Архив на скопје 1969
  • Поводом националног празника Македоније - Михајло Апостолски, Народна армија 3 август, 1946
  • Пролетната офанзива 1944 во Македонија - Михајло Апостолски, Београд, 1946
  • Информбировски војно-историски теоретичари Бугарске покушавају да прикрију злочине и истину о разоружању V бугарске армије - Михајло Апостолски, Народна борац, 28 август, 1948
  • Напад на Злетовске руднике - Михајло Апостолски, Народна армија 22 декември, 1948
  • Битката за Скопје и лагите на некои бугарски раководители и воени писатели - Михајло Апостолски, Нова Македонија 12 ноември, 1949
  • Ослободувањето на Скопје и лагите на бугарскиот генерал Благој Иванов - Михајло Апостолски, Пирински Глас 15 ноември, 1949
  • Битката за Скопје - Документи и материјали за ослободувањето на Скопје - Историски архив 1968
  • Ослободувањето на Федерална Македонија ТОМ 1, ТОМ 2 и ТОМ 3 - ИНИ, 2005

Надворешни врски[уреди | уреди извор]