Орде Ивановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Орде Ивановски
Роден 6 август 1928
Прилеп, Кралство Југославија
Починал 14 март 2012
Скопје, Македонија
Националност Македонец
Занимање историограф

Орде Ивановски (роден во 6 август 1928 година во Прилеп - починал на 14 март 2012 година во Скопје) — македонски историограф и учесник во НОБ, чија научно-истражувачка работа е посветена на левите политички и национални сили. Тој ја проучувал дејноста на балканските и македонските социјалисти и македонското социјалистичко и комунистичко движење, но и на македонското национално ослободително движење и македонското национално прашање.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Орде Ивановски е роден на 6 август 1928 година во Прилеп. Основно и прогимназиско образование завршил во Прилеп, средно во Загреб, а Филозофски факултет - група историја, во Скопје. Во меѓувреме, од 1944 година бил учесник во НОБ.

По дипломирањето во 1955 година, Орде Ивановски се вработил во Институтот за национална историја како асистент во Одделението за средниот век, за наскоро преминал во Одделението за работничкото и комунистичкото движење. Неговата научно истражувачка работа ја насочил кон проучувањето на дејноста на балканските и македонските социјалисти и македонското социјалистичко и комунистичко движење.

Во Институтот за национална историја, Ивановски останал до своето пензионирање. Во текот на својата професионална кариера се стекнал со сите научни званања. Орде Ивановски докторирал во Скопје во 1965 година, бил избран за научен советник во 1974 година, а во 1975 – 1976 година бил поставен за директор на Институтот. Иато така, Ивановски бил член и одговорен уредник на Гласникот на Институтот, потоа член на Редакцијата на „Историја“. Учествувал на повеќе научни собири и конференции во земјата и странство, а зад себе оставил над десетина посебни изданија и над осумдесет статии. Меѓудругото, тој учествувал и во пишувањето на првата „Историја на македонскиот народ“.

Неговиот интерес како научен работник главно бил свртен кон социјалистичкото и работничкото движење во Македонија и на Балканот. Важел за добар познавач на животот и делото на Димо Хаџи Димов. Неговиот монографски труд „Балканските социјалисти и македонското прашање од 90-те години на XIX век до создавањето на Третата интернационала“, како и поголем број негови научни трудови објавени во списанијата и зборниците посветени на споменатите прашања сведочат за неговата научноистражувачка дејност. Исто така, тој истражувал и пишувал за локалната историја на Прилеп и Прилепскиот крај.

Со настапување на плурализмот, Орде Ивановски се противил на дотогашниот зацртан курс во кој ненаучно и навредливо биле вреднувани крупни настани и личности од историјата на македонскиот народ. Во 1991 година, во предговорот на монографија за Никола Карев тој запишал дека:

"... македонската како и целата југословенска историографија беше поставена да се развива врз догматско доктринарна идеологизација којашто лимитирачки ја дозираа партиските идеолози и политички моќници и ја претвораа во услужен сервис на својата монистичка политика ...Согласно таквите идеолиогизирани шеми македонските партиски идеолози и политичари прогласија дека историјата на македонскиот народ почнала со 1941 година... Со таквата догматизирана доктрина одделни македонски партиски теоретичари и политичари ненаучно и навредливо вреднуваа крупни настани и личности од историјата на македонскиот народ...".


За својата научна и општествена дејност, бил одликуван со орденот Заслуги за народ со сребрена ѕвезда и со Орден на трудот со црвено знаме. Добитник е на наградите „13 Ноември“ и „Гоце Делчев“.

Д-р Орде Ивановски починал на 14 март 2012 година во Скопје.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • 50 години Институт за национална историја, Скопје, 1998;
  • Македонските Словени од Ⅵ до IX век, Скопје, 1962;
  • Македонските социјалисти и Илинденското востание, Скопје, 1968;
  • Работничкото комунистичко движење во Македонија, Скопје, 1970;
  • Балканските социјалисти и македонското прашање, Скопје, 1970;
  • Црвените комуни во Македонија во 1920 година, Скопје, 1980;
  • Работничкото синдикално движење во Македонија до 1918 година, Скопје, 1981;
  • Никола Карев, Битола, 1991;
  • Димо Хаџи Димов – Живот и дело, Скопје, 1995

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, ed. (2009). "Ивановски". Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. стр. 588.