Подрачјето го носи своето име според ледничкото езеро близу селото Згорње Језерско кое почнало да се губи по земјотресот од 1348 г. Сепак, во 1689 г. Јанез Вајкард Валвазор го опишува како сè уште големо езеро.[2] Според тоа, на местото му е дадено германското име Зеланд (Seeland) (првпат посведочено како Seelant во 1496 г.), а словенечкиот истоветник „Језерско“ влегол во употреба кон крајот на XIX век. Сепак, поимот во словенечкиот е доста постар, што се гледа од документ од 1391 г. во кој се спомнува црква „Св. Озвалд кај Езерото“ (Sv. Ožbolt pri Jezeru).
Сè до 1919 г. зафрленото село било во состав на Војводството Корушка како административен дел од Ајзенкапел (Железна Капла) на север; сепак, мештаните не се сметале за „вистински“ корушци.[3] Затоа, тоа било единственото населено место кое Корушкото собрание му го отстапило на Кралството СХС, пред да биде споено заедно со долината на Межа и Дравоград согласно Договорот од Сан Жермен од 1919 г.
Мештаните претежно се занимаваат со туристичко угостителство, сточарство и шумарство. Сточарството се одвива во големи размери, како на поединечни фарми, така и од големи претпријатија. Одовде потекнува автохтоната језерско-солчавска овца. Секоја година во средината на август се одржува овчарскиот празник наречен „Овчи бал“.
Језерско има долга туристичка традиција. Тука се наоѓа хотелот „Планика“[4] како и пансиони на поединечни фарми.[5] Селото нуди исклучителен поглед на околните планини, и одовде поажѓаат планинарските патеки до Гринтовец, Кочна и Велики Врх. Добро познати се планинарските домови „Крањска коча на Лединах“ и „Чешка коча на Сподњих Равнех“.[6] Планшарското Езеро во Згорње Језерско е вештачко, изградено по Втората светска војна. Зимно време постои можност за скијање.
↑ 2,02,1Alpe Adria Vita, d. o. o. (јули 2009). „Jezersko“(PDF). Priloga št. 1 k Strategiji razvoja in trženja sonaravnega turizma na Gorenjskem 2010 - 2015. стр. 128–129.