Општа теорија на вработеноста, каматата и парите
„Општа теорија на вработеноста, каматата и парите“ (англиски: The general theory of employment, interest, and money) — книга на англискиот економист Џон Мејнард Кејнс, објавена во 1936 година. Во првата глава од книгата, Кејнс објаснува дека нагласокот во насловот стои на зборот општа бидејќи неговите аргументи се спротивни на класичната економска теорија чии постулати, според него, се применливи само во специјален с не во општ случај.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Книгата се состои шест дела (книги) со вкупно 24 глави:[2]
- Прва книга. Вовед
- Глава 1. Општата теорија
- Глава 2. Постулатите на класичната економија
- Глава 3. Принципот на ефективна побарувачка
- Втора книга. Дефиниции и идеи
- Глава 4. Изборот на единици
- Глава 5. Очекувањата како определувачи на производството и вработеноста
- Глава 6. Дефиниција на доходот, штедењето и инвестициите
- Глава 7. Значењето на штедењето и инвестициите - натамошни разгледувања
- Трета книга. Склоноста за потрошувачка
- Глава 8. Склоноста за потрошувачка: 1. Објективни фактори
- Глава 9. Склоноста за потрошувачка: 2. Субјективни фактори
- Глава 10. Маргиналната склоност за потрошувачка и мултипликаторот
- Четврта книга. Поттикот за инвестирање
- Глава 11. Маргиналната ефикасност на капиталот
- Глава 12. Состојбата на долгорочните очекувања
- Глава 13. Општата теорија на каматната стапка
- Глава 14. Класичната теорија на каматната стапка
- Глава 15. Психолошките и деловните поттици за ликвидност
- Глава 16. Разновидни набњудувања на природата на капиталот
- Глава 17. Суштинските својства на каматата и парите
- Глава 18. Повторно поставување на општата теорија на вработеноста
- Петта книга. Паричните плати и цените
- Глава 19. Промените на паричните плати
- Глава 20. Функцијата на вработеноста
- Глава 21. Теоријата на цените
- Шеста книга. Кратки белешки кои произлегуваат од Општата теорија
- Глава 22. Белешки за трговскиот циклус
- Глава 23. Белешки за меркантилизмот, антилихварските закони, печатените пари и теориите за недеоволна потрошувачка
- Глава 24. Завршни белешки за општествената филозофија кон која може да води Општата теорија
За делото
[уреди | уреди извор]Во предговорот на првото издание на книгата, напишан на 13 декември 1935 година, Кејнс објаснува дека таа е првенствено наменета за неговите колеги-економисти, со надеж „дека ќе им послужи и на другите“, како и дека „нејзината главна намена е да се зафати со тешките прашања од теоријата, а дури на второ место со примената на таа теорија во праксата.“ Понатаму, тој пишува дека може да ги убеди економистите критички да преиспитаат определени основни претпоставки само со високо апстрактни аргументи и со многу контроверзи. Според него, приврзаниците на класичната теорија ќе ја пречекаат книгата со верувањето дека тој не е во право и дека не кажал ништо ново, но неговата намера е не само да ги претставис воите идеи, туку и да покаже во кој поглед тие се оддалечуваат од владеачката теорија. Во продолжение, Кејнс признава дека, иако „Општата теорија“ ја претставува еволуцијата на неговите погледи, сепак читателите ќе бидат збунети од збунувачката промена на погледите во споредба со оние изнесени во книгата „Расправа за парите“, објавена пет години претходно. Тој објаснува дека коаг започнал да ја пишува „Расправата за парите“, сè уште се движел на традиционалната линија, нагласувајќи го влијанието на парите, но кога ја завршил книгата почнал да ја набљудува монетарната теорија како општа теорија на производството. Меѓутоа, во тоа време, неговата приврзеност кон воспоставените идеи се манифестирала во грешките присутни во теоретските делови од таа книга. Наспроти неа, во „Општата теорија“ неговото внимение е насочено кон силите кои ги определуваат производството и вработеноста во целост при што монетарните прашања се ставени во позадината. На тој начин, тој гради општа теорија која во себе ја вклучува и класичната теорија како посебен случај.[3]
Книгата започнува така што во воведот Кејнс тврди дека двете основни поставки на класичната економија (платата е еднаква на маргиналната продуктивност на трудот и ползата од платата е еднаква на маргиналната штета од вработеноста) се сосема погрешни и дека класичната економија воопшто не одговара на економската стварност во која живееме. Всушност, Кејнс го напаѓа Сејовиот закон според кој самото производство си наоѓа пазар. Наспроти тоа, Кејнс тврди дека нивото на вработеност може да се менува без да се променат побарувачката на труд или продуктивноста на трудот. Во втората глава, Кејнс се осврнува врз дефинирањето на вработеноста, штедењето и инвестициите. Во третата книга, тој започнува да ја анализира агрегатната побарувачка при што утврдува седум фактори кои влијаат врз склоноста кон потрошувачка, како: платите, доходот, фискалната политика, како и субјективни и општетсвени поттици. Исто така, тој наведува осум мотиви за потрошувачка.[4]
Четвртата книга е најобемна и во неа најпрвин се разработува маргиналната ефикасност на капиталот која ја дефинира како дисконтната стапка која ги изедначува идните очекувани приноси на капиталниет добра со нивната сегашна цена. Оттука, тој нагласува дека маргиналната ефикасност на капиталот зависи од идните, а не од сегашните приноси на капиталните добра. Притоа, идните приноси на капиталот зависат од нивото на доверба на инвеститорите и од долгорочните очекувања. Поркај тоа, тој прави разграничување меѓу поимите инвестирање и спекулација. Во оваа глава, тој се залага за поголема улога на државата, која треба да ги организира инвестициите за да ги спречи прекумерните промени во маргиналната стапка на ефикасноста на капиталот. Во оваа книга, Кејнс ја разгледува и улогата на парите во економијата и тврди дека врската меѓу промените на количеството пари и каматната стапка е слаба. Најпосле, тој тврди дека ниската склоност за потрошувачка предизвикува намалување на економската активност и на вработеноста. Во петтата книга, Кејнс ги објаснува врските меѓу цените и платите со невработеноста. Притоа, тој повторно нагласува дека маргиналната ефикасност на капиталот во западните земји е премногу ниска, така што е потребно да се одржува ниска каматна стапка за да се поттикнат инвестициите, односно дека економијата не може да се раководи само со промени на количеството на парите. Најпосле, во шестата книга, тој се осврнува на различни прашања, како: деловните циклуси и економските кризи, заклучувајќи дека пазарот не може да обезбеди стабилност на вработеноста и оптимална каматна стапка, така што државата треба да има поголема улога во економијата. Оваа книга завршува со познатите зборови на Кејнс дека „идеите на економистите и на политичките филозофи, како кога се во право така и кога не се, се многу повлијателни отколку што вообичаено се мисли.“[5]
Веднаш по објавувањето, „Општата теорија“ постигнала голем тираж во Британија, а особено била прифатена ос средната и високата класа. Набргу, книгата била објавена во САД, каде, исто така, постигнала голем успех, а потоа била преведена на повеќе јазици, како: чешки, фински, француски, германски, унгарски, хинду, италијански, јапонски, романски, руски, српскохравтски и шпански. Кејнс, пак, бил свесен за нејзиното значење и во едно писмо до Џорџ Бернард Шо, изјавил: „Верувам дека напишав книга за економската теорија коај во голема мера ќе предизвика револуција — претпоставувам, не веднаш, туку во текот на следните десет години — во начинот на којшто светот ќе гледа на економските проблеми.“[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017, стр. 9.
- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017.
- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. 3-5.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxii-xxiv.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxiv-xxxi.
- ↑ Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xxxi.