Опунција
Опунција | |
---|---|
![]() | |
Стебло, цвет и плод, ботаничка илустрација од прирачникот Лековити билки на Америка | |
Научна класификација [ у ] | |
Непознат таксон (попр): | Opuntia |
Вид: | Опунција |
Научен назив | |
Opuntia ficus-indica (L.) Mill. | |
Синоними[1] | |
Список
|
Опунција (Opuntia ficus-indica) е грмушест, разгранет кактус, по потекло од Мексико, но често може да се види како припитомен, див вид долж јадранскиот брег. Во континенталните области често се одгледува како домашно растение. Има сочни и вкусни плодови за јадење кои се нарекуваат и индијански смокви.
Латинското име на родот Opuntia доаѓа од името на античкиот грчки град Опус (го споменува Хомер во Илијадата и Пиндар во неговите химни). Според Плиниј, можеби е име за еден вид смокви.[2] Името на видот ficus-indica е сложен збор од грчките зборови фикус (смоква) и индика (индијанска).[3]
Распространетост
[уреди | уреди извор]
Опунцијата потекнува од Мексико, од каде што била пренесена во Европа во 16 век. Се одомаќила во Медитеранот, каде што често подивува од култура, па може да се најде како диво расте покрај морскиот брег.[4] Денес е широко распространета во умерените и тропските зони низ светот. Во постудените климатски зони се одгледува како собно растение.[5]
Опис на видот
[уреди | уреди извор]Опунција е грмушест кактус, висок 1–3 m. Стеблото е густо разгрането, а гранките се елипсовидни, рамни и месести. Тие можат да бидат долги до 50 см. Обраснати се со ситни боцки кои растат во прамени на сите делови од растението. Цветовите се двополни, жолти, со дијаметар од 6–7 cm, со многубројни ливчиња. Се развиваат по горниот раб на гранката. Цветаат од јуни до септември и се опрашуваат со инсекти.[4][5]
Плодовите се бобинки. Тие се сочни и со големина на јајце. Можат да бидат со црвена, жолта или виолетова боја, а како и целото растение се покриени со праменчиња на боцки. Во плодот има малку или воопшто нема семиња и се јадливи.[4]
-
Гранки на дрво со трње
-
Нов изданок
-
Цветови
-
Плодови
Услови на живеалиште
[уреди | уреди извор]Опунцијата бара многу добро дренирана почва, по можност песочна, со малку кисела до неутрална реакција ( pH 6-7,5). Во текот на зимата бара сува почва, додека во сезоната на растење претпочита умерено влажна почва. Потребна е многу топлина и сончева светлина, така што најдобро одговараат јужните експозиции, заштитени од студени зимски ветрови и дожд. Не може да расте во сенка.[5] Отпорна е на солена вода, но избегнува позиции изложени на силни бури. Во Медитеранот расте на карпест терен.[4]
Опунцијата се размножува со семиња и исечоци од сочни, зелени гранки.[5] Се смета за инвазивен вид поради неговата лесна репродукција. Тој е отпорен вид и го намалува биодиверзитетот на другите растителни видови долж брегот.[3]
Употреба
[уреди | уреди извор]


Во многу области со топла и умерена клима, опунцијата се одгледува поради нејзините сочни, слатки и вкусни плодови.[5] Овие плодови се нарекуваат и индијански смокви. Добри се за јадење сирови, но може да се користат и за правење џемови и мармалади. Во некои земји, цвеќињата се подготвуваат и како вкусен барен зеленчук.[4] Најновите научни истражувања покажаа дека плодовите од опунцијата имаат висока содржина на витамин Ц, а се богати и со витамини Б1 и Б2 и провитамин А. Тие имаат значителна количина на пигменти и полифеноли, а исто така се важен извор на диетални влакна, аминокиселини и минерали. Овошјето од кактус, поради неговата хранлива содржина, односно ниската содржина на масти и јаглехидрати и висока содржина на вода и диетални влакна, спаѓа во нискокалорично овошје.[6]
При берење и јадење на плодовите, треба да се внимава на малите боцки на кората, кои можат да се заглават во прстите и устата. Затоа најдобро е да се бере со ракавици, а овошјето да се исече по должина и да се извади сочниот, месестиот дел. Прекумерното консумирање на плодот може да предизвика дијареа.[4]
Цветот и стеблото на опунцијата делуваат како антиспазмолитик и диуретик, и се користеле во народната медицина. Покрај тоа, гранките биле врзувани околу повредени екстремитети како мерка за прва помош. Цветовите се користат за намалување на крварењето и гастроинтестинални проблеми, особено при дијареа, колитис и синдром на нервозно дебело црево, како и за лекување на зголемена простата.[5]
Во современата медицина, првите проучувања на опунцијата започнале со испитување на составот на стеблото, а потоа и на плодовите во однос на диуретичното дејство. Првите студии покажаа диуретски и антиоксидантни својства кои се тесно поврзани со консумацијата на свежо овошје. Позитивните резултати покажаа многу значајна хранлива придобивка од плодовите. Сите откриени и докажани својства укажуваат на голема можност за користење на ова овошје како диуретик, за антиоксидантна заштита на организмот, како и во одржување на нормална телесна тежина.[6]
Од стебленцата на опунцијата се добива еден вид гума, која се користи за џвакање, или се меша со масло за правење свеќи. Сокот од сварените гранки е многу леплив и се додава во гипс, вар и други слични материјали за подобро да се залепат на ѕидовите.[5] Од семките се добива растително масло кое поради високата цена ретко го има на пазарот и се користи во козметиката.[3]
Занимливости
[уреди | уреди извор]
- Опунцијата, поради своите вкусни плодови, била воведена во културата на предколумбиската Америка. Уште во тоа време биле познати голем број вештачки одгледувани сорти.[4]
- Ова извонредно растение се наоѓа на сегашниот, како и на сите претходни грбови на Мексико.[7]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Opuntia ficus-indica (L.) Mill“. USDA GRIN. - Приступљено 14. 12. 2016.
- ↑ Gligić 1954
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „OPUNCIJA“. Priroda i biljke. Посетено на 14. 12. 2016. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Grlić 1986
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 „Opuntia ficus-indica - (L.)Mill“. Plants For A Future. Посетено на 14. 12. 2016. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ 6,0 6,1 Blazevska, Zagorka; Cvrk, Ramzija; Aleksovski, Aleksandar (2012). „SASTOJCI KATUSOVOG PLODA (OPUNTIA FICUS INDICA) INKORPORIRANI U DIJETETSKE PROIZVODE KOJI SE KORISTE KAO SUPLEMENTI HRANI ILI OTC“. Hrana u zdravlju i bolesti, znanstveno-stručni časopis za nutricionizam i dijetetiku. 1 (2): 32–38. Посетено на 14. 12. 2016. Проверете ги датумските вредности во:
|access-date=
(help) - ↑ de Lourdes Aguilar Enríquez, María; de la Paz Pérez Olvera, Carmen; de la Paz Pérez Olvera, Socorro (2004). „LA FLORA DEL ESCUDO NACIONAL MEXICANO“ (PDF). Polibotanica. México. 18: 53–73. Архивирано од изворникот (PDF) на 24. 09. 2015. Посетено на 14. 12. 2016. Проверете ги датумските вредности во:
|access-date=, |archive-date=
(help)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- „Opuncija“. PRIRODNO DO ZDRAVLJA (LJEKOVITO BILJE). Архивирано од изворникот на 20. 12. 2016. Посетено на 14. 12. 2016. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=, |archive-date=
(help) - Klisović, Jadranka (17. 9. 2014). „Indijska smokva ili opuncij (kaktus) – bodljikavi specijalitet i ukusni lijek…“. Nezavisni novinarski portal TRIS. Посетено на 14. 12. 2016. Проверете ги датумските вредности во:
|access-date=, |date=
(help)