Оптика на фазираните строеви

Од Википедија — слободната енциклопедија

Оптиката на фазирани строеви (ОФС или PAO од анг. phased array optics) — технологија со која се контролира фазата на светлосните бранови што се пренесуваат или одбиваат од дводимензионална површина по пат на прилагодливи површински елементи. Ова е оптички пандан на радарот со фазиран строј. Светлосните зраци се пренасочуваат со динамичка контрола врз оптичките својства на површината на микроскопско ниво. Вака може да се менува и насоката на погледот на сензорите, притоа без употреба на подвижни делови. Опремата која го изведува ова се нарекува фазиран оптички строј (ФОС или OPA).[1] Насочувањето на фазни строеви наоѓа примена во оптичките свртници кај оптоелектронски уреди, како и за насочување на ласерски зраци на микроскопско ниво.

Покрај насочување, со сложени шеми на фазна варијација можат да се добијат дифрактивни оптички елементи, како динамички виртуелни леќи, за сосредоточување или раздвојување на зраците. Динамичката варијација на фазите може да прави и холограми во вистинско време. Уредите што овозможуваат подробна упатна контрола на фазите преку две димензии се вид на просторни светлосни модулатори (ПСМ или SLM). Кај нанотехнологијата, оптиката на фазирани строеви се однесува на строеви од ласери или просторни светлосни модулатори со упатни фазни и опсежни елементи помали од брановата должина на светлината[2]. Иако ова е сè уште теоретска замисла, ваквите високорезолутивни строеви ќе овозможат крајно реалистичнни тридимензионални отцртувања на слики со динамичка холографија и без непожелни ефекти на дифракција. Предложена е примена на оваа технологија кај оружјето, вселенските комуникации и постигнување на невидливост по пат на оптичка камуфлажа.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Мекманамон П.Ф. и др. (15 мај 1996). „Технологија на оптичките фазирани строеви“. Извештај од седницата на ИЕЕЕ, Примена на ласерските радари. ИЕЕЕ. 84 (2): 99–320. Посетено на 18 февруари 2007. (англиски)
  2. 2,0 2,1 Ваук Б. (1996). „Оптика на фазираните строеви“. Во Б.К. Крендал (уред.). Полекуларни претпоставки за глобалното изобилство. MIT Press. стр. 147–160. ISBN 0262032376. Посетено на 18 февруари 2007. (англиски)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]