Прејди на содржината

Операција Вилфред

Од Википедија — слободната енциклопедија

Операција Вилфред ― британска поморска операција за време на Втората светска војна при која требало да се минира каналот меѓу Норвешка и нејзините крајбрежни острови за да се спречат германските воени бродови да ја транспортираат шведската железна руда преку неутралните норвешки води. Сојузниците претпоставувале дека Германците ќе одговорат на операцијата Вилфред со напад на Норвешка и подготвиле друга операција позната како План Р 4 чија цел била окупација на Нарвик и други стратешки важни места.[1]

Операцијата започнала на 8 април 1940 година, но била делумно спроведена поради настаните кои резултирале по германската инвазија на Норвешка и Данска следниот ден (Операција Везерибунг), и наместо неа сојузниците почнале со спроведување на Норвешката кампања.

Позадина

[уреди | уреди извор]

По влегувањето во војната на 3 септември 1939 година, Велика Британија и Франција покренале иницијатива за поморска блокада за да ја ослабат Германија, преку нејзино спречување на исклучително важниот увоз на железна руда потребен за производство на челик кој се користел за изградба на бродови, тенкови и авиони за германските вооружени сили. Железната руда првенствено се увезувала од неутралната Шведска, а Винстон Черчил сакал да ја ограничи способноста на Германија за борба. За да го стори тоа, тој развил план за минирање на поморскиот пат долж карпестиот западен брег на Норвешка кој го користеле германските бродови за транспорт на рудата во неутрални води и до нивните матични пристаништа. Черчил се надевал дека ќе ги принуди бродовите со руда да излезат на отворено море каде што британските бродови би можеле да потонат или да ги заробат.

Велика Британија и Франција сакале да ја спречат германската инвазија на Скандинавија зошто во спротивно тоа во голема мера ќе ја намали ефикасноста на блокадата и ќе овозможи непречено снабдување со железна руда. За да го спречат тоа, сојузниците размислувале за самите тие да ги окупираат двете неутрални земји, но на крајот овој план пропаднал.

Планот за минирање на норвешките води, кој Черчил барал од своите колеги во Адмиралитетот да го одобрат, поради различни причини сè уште не бил спроведен до март 1940. Овој план бил поврзан со друг план за испраќање поморски мини по Рајна за да се уништат германските понтонски мостови, бродови и да се спречи нивното пловење низводно (Операција Кралска марина). Французите ставиле вето на овој план поради страв дека ќе предизвика германска одмазда против нив.[1]

На 3 април, Британците почнале да добиваат извештаи за трупање бродови и војници во балтичките германски пристаништа Росток, Шчеќин и Швиноујшче. Се претпоставувало дека тоа се дел од силите испратени да се спротивстават на окупацијата на сојузниците на Скандинавија (Германците биле делумно запознаени со сојузничките планови од сопствените разузнавачки информации) и Британците донеле одлука да започнат со минирање на рутата на железна руда одделно од Операцијата Кралска марина, а на 8 април требало да започне спроведувањето на операцијата.

Сојузниците претпоставувале дека операцијата Вилфред ќе предизвика жесток одговор од непријателот, и затоа почнале да го спроведуваат Планот Р 4 со кој требало да се спречи германска окупација и предвидувал испраќање на британски и француски сили кои требало да ги окупираат клучните норвешки пристаништа Нарвик, Ставангер, Берген и Трондхајм и да се упатат до шведската граница и да ја преземат контролата врз областите со железна руда. [1]

Операција

[уреди | уреди извор]

На 3 април, четири британски крстосувачи отпловиле кон Росит каде требало да се качат на војнички единици кои требало да бидат транспортирани во Норвешка како дел од Планот Р 4 ако има потреба за тоа.[2] Дополнителни трупи се качиле на транспортните бродови во Клајд.

На 5 април воени бродови, составен дел од операцијата Вилфред и Планот Р 4 тргнале од главната британска поморска база во Скапа Флоу и се упатиле кон норвешкиот брег.

Планот бил да се постават две мински полиња. Првото требало да биде веднаш до Лофотенските Острови кај устието на Вестфјорден, фјорд што води директно до пристаништето Нарвик до кое се испраќала железната руда. Второто требало да биде во непосредна близина на полуостровот Штадтландет. На 7 април, бродовите се разделиле, едната група продолжила кон Нарвик, а другата на југ.

На британските бродови им биле дадени наредби ако Норвежаните се вмешаат: Ако Норвежаните ги исчистат минските полиња, Британците ќе постават нови во нивна близина. Ако Норвежаните ги нападнат британските бродови, требало да ги известат дека се таму за да ги заштитат трговските бродови. Британците потоа би се повлекле, оставајќи ги Норвежаните да ја чуваат областа.[3]

Вестфјорден, со Лофотен на запад и копното на исток

Во операцијата било поставено само едно минско поле. Додека на 7-ми април бродовите пловеле кон својата дестинација, во Хелголандски Залив биле забележани германски бродови и поставувањето мини кај Стадтландет било откажано. Утрото на 8 април, Британија ги известила норвешките власти за својата намера да постави мини во нивните територијални води. Првата група бродови ја извршила својата задача и поставила минско поле во устатието на Вестфјорд. Во 05:15 истото утро, сојузниците објавиле извештај во кој ја навеле оправданоста на нивната акција и ги навеле минираните области. Норвешката влада упатила протестно писмо и побарала нивно итно отстранување, но германската флота веќе напредувала кон нивните брегови. Потоа, настаните се одвивале многу брзо така што прашањето за минските полиња во голема мера станало ирелевантно.

Последици

[уреди | уреди извор]

Откако Операцијата Вилфред во суштина била завршена, бродовите кои биле вклучени во неа станале дел од силите за одбрана на Норвешка од германската инвазија (операција Руперт).

На 9 април германските трупи ја нападнале Норвешка преку искрцување на војници во главните норвешки населби Ставангер, Осло, Трондхајм, Нарвик и Берген. Истиот ден (9 април), Икар ја потопил Европа, германски транспортер на железна руда кој се користел за транспорт на луѓе и опрема во Норвешка, [2] а 2-та разурнувачка флотила, која учествувала во минирањето на Вестфјорд, подоцна се борела со други британски поморски единици во Првата битка кај Нарвик, потонувајќи неколку германски воени бродови.

На 14-ти април британски и француски трупи се спуштиле во Нарвик за да им помогнат на Норвежаните, и ги истиснале Германците надвор од градот. И покрај дополнително испратени трупи на сојузниците помеѓу 18 и 23 април, Норвежаните капитулирале на 9 јуни 1940 година.

Иако операцијата Вилфред во суштина не ги спречила Германците да имаат пристап до железната руда, по германската окупација на Норвешка таа повеќе не била неутрална територија и затоа британските бродови и авиони слободно можеле да влегуваат во нејзините територијални води и да ги напаѓаат германските бродови.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 Черчил, Винстон (1948). The Second World War. 2 "The Twilight War".
  2. 2,0 2,1 Mason, Geoffrey B. (2004). „Service Histories of Royal Navy Warships in World War II“. naval-history.net. Посетено на 22 March 2011.
  3. Henrik O. Lunde Hitler's Pre-Emptive War p. 39