Ометепе

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Остров Ометепе, Никарагва
Ometepemap.png
Географија
МестоЕзеро Никарагва
Координати11°30′N 85°35′W / 11.500° N; 85.583° W / 11.500; -85.583
Вкупно острови1
Поголеми острови1
Површина276 км2
Должина31 км
Ширина10 км
Највисоко издигнување1,610 м
Највисока котаКонсепсион
Управување
Никарагва
ОпштинаРивас, Никарагва
Најголема населбаАлтаграсија (pop. 4.081)
Демографија
Население29.684 (јуни 2005)
Густина на население107,6 /km2 (278,7 /sq mi)


Ометепе е остров формиран од два вулкани кои излегуваат од езерото Никарагва во Република Никарагва. Неговото име потекнува од ацтечките зборови ОМЕ (два) и tepetl (планина), што значи „две планини“.[1] Тој е најголемиот остров во езерото Никарагва.

Двата вулкани (познати како вулкан Консепсион и вулкан Мадерас) се споени со ниска превлака за да формираат еден остров во форма на песочен часовник, тег или кикиритка. Ометепе има површина од 276 квадратни километри, односно 31 километар во должина и од 5 до 10 километри во ширина.[2] Островот има економија заснована на добиток, земјоделство и туризам.

Жители[уреди | уреди извор]

Островот првпат станал населен за време на фазата Динарте (околу 2000 година п.н.е. - 500 п.н.е.), иако доказите се сомнителни. Првите познати жители биле говорители на макро-чибчански јазици. Траги од ова минато сè уште може да се најдат во петроглифите и камените идоли на северните падини на вулканот Мадерас. Најстарата трага датира од 300 година п.н.е. Неколку века подоцна, домородците од Хоротега создале статуи на Ометепе, издлабени од карпа од базалт.

Откако Шпанците ја освоиле Средна Америка во 16 век, пиратите започнале да навлегуваат кон езерото Никарагва. Тие влегувале од Карипското Море преку реката Сан Хуан. Жителите на Ометепе биле тешко погодени. Пиратите киднапирале жени, ги краделе животните, имотот и жетвата на жителите и подигале населби на брегот, правејќи си засолниште. Ова го натерало локалното население да се пресели во повисоките области на вулканите во потрага по засолниште. Островот конечно бил населен од шпанските освојувачи кон крајот на 16 век.

Најважните села на островот се Алтаграсија (4.081 жители), од североисточната страна и Мојогалпа (2.905 жители), со своето пристаниште на северозападната страна на островот. Овие две села се центри на двете општини, и островот е поделен меѓу нив две. Многу традиции се одржувани во живот, со што жителите на Ометепе слават повеќе верски и народни фестивали отколку на кое било друго место во Никарагва .

Денес, Ометепе го развива туризмот и екотуризмот, со археолошко минато и природните богатства, егзотичната вегетација, животот на животните и птиците. Нов аеродром бил отворен во 2014 година.[3]

Вулкани[уреди | уреди извор]

Поглед на вулканот Консепсион од вулканот Мадерас.

Вулканот Консепсион е на северозападната половина на островот. Во основа има 16 километри под неговиот симетричен конус, и тој е активен вулкан.[4][5] Поради својата симетрија, се сметал за исклучително убав вулкан. Се вели дека пиратот Едвард Хјум го прогласил погледот кон Ометепе за повреден отколку богатството кое го ограбил од градот Гранада

Се верува дека вулканот се издигнал во раната епоха на холоценот, и преку постојани ерупции, сега достигнува висина од 1.610 метри, поради што Ометепе е највисокиот езерски остров на светот.

Иако долг период бил тивок, на 8 декември 1880 година, Консепсион се вратил во живот. Оваа ерупција била голема, а вулканот останал активен една година. Следувале повеќе ерупции во 1883, 1889, 1902, 1907 и 1924 година. Во 2005 година се случил земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала како резултат на зголемениот притисок во вулканот. На патиштата низ целиот остров се појавиле пукнатини и била издадена наредба за напуштање на островот. Ова била прва помала ерупција од 1999 година. Најновата ерупција била во 2010 година, и иако била крајно насилна, малкумина од жителите ја послушале наредбата од владата во Манагва да го напуштат островот, па била направена мала штета.

Југоисточната половина на островот се состои од вулканот Мадерас, кој има кратерско езеро и поддржува разновидна околина од дождовни шуми. За Мадерас исто така се верува дека се издигнал во холоценската епоха, и се издига на 1.394 метри надморска височина. Се смета за згаснат или можеби заспан. Големата лагуна во нејзиниот кратер е откриена на 15 април 1930 година од страна на земјоделецот Касемиро Муриљо. Страните на вулканот се главно покриени со насади за кафе и тутун, додека остатокот е дождовна шума. Голем дел од овој дел на островот сега е природен резерват.[1]

Вулканскиот пепел ја направил почвата на овој остров екстремно плодна, овозможувајќи континуирано садење. Вулканите се видливи од секаде на островот, а животот на Ометепе тесно се врти околу нив. Тие исто така играат важна улога во митовите и легендите на островот, кој некогаш служел како место за погребување на домородците.

Археологија[уреди | уреди извор]

Деца кои стојат покрај претколумбовски камен идол.

Островот Ометепе генерално е вклучен во археолошката област „Голема Никоја“, која исто така ја опфаќа областа Ривас на езерскиот брег и се спушта на полуостровот Никоја од Костарика. Поради наносите на вулкански пепел со милениуми, почвата е многу плодна, и овозможува постојано засадување. Оваа богата средина овозможила островот да биде постојано населен уште од фазата Динарте (околу 2000 година п.н.е. - 500 п.н.е.). Постои временски период класифициран како „период на Ометепе“ (1350 - 1550 г. н.е.) или „Поголем период на Никоја“, што одговара на мезоамериканскиот посткласичен период. Овој период е поврзан со миграцијата на индијанскиот народ Никарао (говорници на јазикот Нахуа) во областа на Голема Никоја.

Археолозите кои со години работеле на теренот на островот се:

  • 1880-ти: Џ.Ф. Брансфорд;
  • 1959-1961: ископувања на д-р Гордон Вили и Алберт Норвеб;
  • 1962 година: Волфганг Хаберленд и Питер Шмит;
  • 1995–1999: Сузан Бејкер - Проект за петроглиф Ометепе.

Керамика[уреди | уреди извор]

Д-р Гордон Вили и Алберт Норвеб го ископале локалитетот Круз (именуван по Круз Хациенда), на северо-источниот дел од островот. Овој локалитет е важен затоа што беа најдени околу 30.000 парчиња керамика, од кои повеќето припаѓаат на доцниот полихромен период. На горните нивоа на локацијата биле најдени керамички типови што го дефинираат Доцниот полихромен период за целата област Ривас. Пронајдени биле и парчиња од фазата Сан Хорхе во периодот на зониран бихром.

Посебен керамички тип е најден на островот Ометепе. Тоа е керамички тип од доцниот полихромен период и обично се наоѓа во форма на тегли. Овој вид керамика може да се препознае затоа што е изгребан и однатре и однадвор, а измазнувањето и полирањето е направено на надворешното тело и на работ. Линиите се сечат во усната од теглата, а триаголниците се најчестиот мотив. Пронајдени се и други видови керамика.

Петроглифи[уреди | уреди извор]

Петроглиф
Петроглиф од Ометепе во подножјето на Мадерас

Проектот Ометепе Петроглиф бил волонтерско теренско истражување на полуостровот Мадерас од Ометепе од 1995–1999 година. Овој проект интензивно истражуваше 15 км од полуостровот Мадерас. Проектот одбележа 73 археолошки локалитети на овие 15 килоемтри од областа, вклучувајќи речиси 1700 плочи со петроглифи на 1400 карпи.

Од 73 локалитети истражени од страна на Проектот Петроглиф Ометепе, пронајдени се петроглифи на сите, освен на еден локалитет. Многу од петрографите на Ометепе содржат спирали и „меандри“ низ карпестото лице. Стилизираните желки се чест мотив за оваа област.

Петрографите на Ометепе вклучуваат некои форми кои се поретки. Фигурите на многу слики се опишани како „топчести лица“ на човечки фигури. Спиралите се вообичаени и очигледно се користат на неколку начини. Се чини дека две споени спирали го претставуваат островот, со неговите два вулкани. Спиралите исто така се користат за да се прикаже главата на антропоморфните фигури.

Некои од невообичаените формации што се гледаат во рамки на петрографите на Ометепе вклучуваат седишта или скалила врежани во камења, овали и големи жлебови. Целта на овие форми сè уште не е објаснета.

Помеѓу 1995 и 1996 година, снимени се десет наоѓалишта. Најголемата концентрација на петроглифи е забележана кај N-RIO-3, веројатно забележана од Хаберленд како Ом-38. Лоциран покрај падините и на врвот на гребенот, локацијата содржи 82 камења со петроглифи, шест толчници, две зрномелачки, парчиња керамика и обработени камени парчиња. Од 149 петроглифи забележани во текот на 1996 година, повеќето се наоѓале на земјиште во сопственост на задругата кај хациендата. Кога програмата била проширена во 1997 година за да вклучи волонтери, 20 волонтери учествувале во истражувањето на петнаесет дополнителни локации. Најимпресивната локација, N-RIO-19, била со површина поголема од 180.000 квадратни метри. Деведесет и два петроглифа, над 30 куќни насипи, фрагменти од камени статуетки и керамика од најмалку три различни периоди биле пронајдени на ова место, а материјалот се изучувал во Манагва.

Проектот Ометепе Петроглиф е интересен пример за современа технологија која помага при истражување на археолошки места. Додека се испитувале и бележеле праисториските уметнички места, биле фотографирани сите локации во боја, како и во црна и бела техника. На едно место било направено и видео. Фотографиите потоа биле поставени на компјутер, а програмата фотошоп била искористена за да се зголеми контрастот на фотографиите, зголемувајќи ја видливоста на сликаните петроглифи. Ова овозможило попрецизно истражување на локациите кои биле фотографирани во помалку идеални услови и осветлување. Покрај оддалечената област и слабото осветлување на островот Ометепе, длабочината на врежаните линии на петрографите варира од „неизмерно плитка“ до околу три сантиметри.

Див свет[уреди | уреди извор]

Во Ометепе се наоѓаат големи популации на мајмунот капуцин со бело лице, исто така наречен белоглав капуцин (Cebus capucinus), како и популација на мајмуни од видот Alouatta palliata. Се прават напори за проучување и заштита на овие животни. Училиштето за биолија во Ометепе се наоѓа на страната на Мадерас на островот. Тука, студенти и научници од целиот свет доаѓаат да ја проучат уникатната флора и фауна на областа. Во езерото околу Ометепе се наоѓаат многу видови водни животни, особено ајкулата бик, за која до неодамна се сметало дека е единствен вид слатководна ајкула. Мали популации на пајак-мајмуни (Ateles s.) ги населуваат малите острови во рамки на езерото Никарагва. Овие популации постојат единствено поради луѓето и многу од локалните рибари ги хранат. Локалната форма на стаорецот Oryzomys couesi е карактеристична и може да претставува посебен подвид.[6]

Транспорт[уреди | уреди извор]

Аеродромот Ометепе Ла Палома (ОМТ) што се наоѓа на островот, раководен е од Ла Костења.[7] Авиокомпаниите нудат летови до Манагва, Сан Карлос и Сан Хуан де Никарагва (Грејтаун). Летови за Манагва има двапати неделно, секој четврток и недела.[8] Постојат три пристаништа за ферибот на островот, и има редовни траекти до и од Сан Карлос и Гранада двапати неделно (сезонски и навечер),[9] како и неколку пати на ден до и од Сан Хорхе близу Ривас. Сите главни патиштата на островот неодамна биле поплочени со бетонски плочи, а секундарните патишта надвор од градовите се земјени или од чакал, и не се проодни без возило со погон на четири тркала или мотор.[10]

Туризам[уреди | уреди извор]

Најголемиот дел од туристите доаѓаат меѓу средината на ноември и средината на мај. Поголемиот дел од посетителите пристигнуваат со траект од Сан Хорхе до Мојогалпа.[11][12]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Cerna, Celeste (August 4, 2016). „Unite a la aventura y explorá la Isla de Ometepe“ [Join the adventure and explore the Island of Ometepe]. El Nuevo Diario (шпански). Посетено на July 27, 2017.
  2. „Tourism: Island of Ometepe“. EAAI. Архивирано од изворникот на 2007-06-10. Посетено на 2007-10-19.
  3. La Paloma Airport
  4. Scheffel, Richard L.; Wernet, Susan J., уред. (1980). Natural Wonders of the World. United States of America: Reader's Digest Association, Inc. стр. 280. ISBN 0-89577-087-3.
  5. „Ometepe Island Info - Volcán Concepción“. ometepeislandinfo.com (англиски). Посетено на 2017-02-06.
  6. Jones, J.K., Jr. and Engstrom, M.D. 1986. Synopsis of the rice rats (genus Oryzomys) of Nicaragua. Occasional Papers, The Museum, Texas Tech University 103:1–23.
  7. „Ometepe Island Info - Flying Into Our New Airport!“. ometepeislandinfo.com (англиски). Посетено на 2017-02-06.
  8. Tim Rogers (14 May 2014). „Ometepe Island opens overdue airport“. Nicaragua Dispatch.
  9. „Ometepe Island Info - Daily Ferry & Lancha Schedule“. ometepeislandinfo.com (англиски). Посетено на 2017-02-06.
  10. „Ometepe Island Info - Getting Around On The Island“. ometepeislandinfo.com (англиски). Посетено на 2017-02-06.
  11. „Ometepe Island Info - Rio Istián“. ometepeislandinfo.com (англиски). Посетено на 2017-02-06.
  12. „Ometepe Island Info - Punte Jesus Maria“. ometepeislandinfo.com (англиски). Посетено на 2017-02-06.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Бејкер, С. (2006). Петроглифи на островот Ометепе, Никарагва [2]
  • Хели, П. (1980). Археологија на регионот Ривас, Никарагва. Онтарио: Универзитетски печат Вилфрид Лориер
  • McCafferty, G., & Steinbrenner, L. (2005). „Chronological implications for Greater Nicoya from the Santa Isabel Project, Nicaragua“ (PDF). Ancient Mesoamerica. 16: 131–146. doi:10.1017/S0956536105050066.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  • Интернет страница на проектот Ометепе Петроглиф (2006) [3]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]