Озлогласена (филм од 1946)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Озлогласена (филмски постер од 1946 година)
Озлогласена (филмски постер од 1946 година)

Озлогласена (англиски: Notorious) - американски филм од 1946 година, режиран од Алфред Хичкок, според Сценариото на Бен Хехт. Главните улоги ги играат: Кери Грант, Ингрид Бергман, Клод Реинс, Луис Калхерн, Леополдина Константин, Алексис Минотис и Рајнхолд Шунцел.[1] Филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во две категории - најдобро сценарио и најдобар спореден глумец (Реинс). Исто така, филмот бил познат и по „најдолгиот бакнеж во филмската историја“, т.е. по бакнувањето меѓу Грант и Бергман во траење од околу три минути, како и по едно од најдобрите финалиња во филмската историја, коешто е неакционо, смирено, но изразено драматично.[2]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Откако нејзиниот татко е осуден на затворска казна од 20 години, поради соработка со нацистите, Алисија Хуберман (ја игра Бергман) е надгледувана од полицијата. На забавата во нејзината куќа е уфрлен млад, убав човек - тајниот агент Девлин (го игра Грант), кој ја убедува да соработува со полицијата во откривањето на нацистите кои се кријат во Бразил. Тие одат во Рио де Жанеиро, каде се вљубуваат еден во друг, иако Девлин отпрвин не сака да ја покаже својата љубов, сметајќи ја Алисија за алкохоличарка и неморална девојка. Во Рио, Алисија се среќава со Алекс Себастијан (го игра Реинс), богат човек поврзан со нацистите, кој во минатото бил вљубен во неа. Тој веднаш паѓа на нејзиниот шарм и веднаш ѝ понудува брак, наспроти противењето на мајка му (ја игра Константин). Себастијан организира забава, на која Алисија го поканува Девлин, кој во винскиот подрум наоѓа траги од ураниум. Меѓутоа, Себастијан открива дека Алисија е таен агент и, заедно со мајка му, почнува да ја труе, бидејќи се плаши дека нацистите ќе го убијат, ако дознаат дека неговата сопруга работи за полицијата. Меѓутоа, една вечер, Давлин доаѓа во куќата на Себастијан и ја зема Алисија со себе, признавајќи дека ја сака, а Себастијан го остава на милост и немилост на неговите нацистички соработници.[3] [4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. IMDB, Notorious (1946) (пристапено на 17.12.2017)
  2. „HRT (пристапено на 15.12.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-12-29. Посетено на 2017-12-17.
  3. IMDB, Notorious (1946) (пристапено на 17.12.2017)
  4. „HRT (пристапено на 15.12.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-12-29. Посетено на 2017-12-17.