Одбраната и пропаста на Бодрог во седум бурни годишни времиња
„Одбраната и пропаста на Бодрог во седум бурни годишни времиња“ (српски: Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба) — роман на српскиот писател Мирослав Јосиќ Вишњиќ од 1990 година. Авторот ја пишувал книгата подолго време: започнал да ја пишува во родното место Стапар, во јуни 1976 година, а ја завршил во Белград, во јуни 1989 година.[1] Инаку, книгата е посветена на повеќе лица: на писателите Јаков Игњатовиќ и Милош Црњански, на предците Никола, Ѓорѓе, Павле, Георгије, Лазар, васа и Јован, на децата Јелена, Мирослав и Павле, како и на „стрпливите и верни читатели“.[2]
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од воведен дел и од 33 глави.
- Вовед: Во едно село во Бачка, во 1956 година, старецот Рајко започнува да ги прераскажува доживувањата на неговиот дедо.
- 1 - 9 глава: Во март 1848 година, одненадеж на главниот плоштад во Бодрог се собира целиот народ, извикувајќи пароли против австроунгарската монархија, барајќи слобода и правда. Подоцна, бунтовниците организираат голема општонародна веселба на која убиваат еден старец од богатите семејства. Во следните денови, бунтовниците испраќаат делегации во Пешта, во Белград и во Сремски Карловци, со намера да ги соопштат своите барања. Притоа, во Сремски Карловци се одржува голем народен собир на кој присутните бараат автономија на Србите во рамките на монархијата. На собирот присуствува и Рајко, кој потоа со неколку другари се упатува во Нови Сад во врска со ослободувањето на нивниот другар Милош Дорословац кој е затворен поради политичката активност. Оттаму, тие се враќаат назад во Бодрог.[3]
- 10 - 23 глава: Во Бодрог, бунтовниците формираат Главен одбор на чело со попот Јован. Одборот ја организира одбраната на градот: формирање вооружени чети, копање ровови околу градот, набавка на оружје и муниција итн. Неколку дена по Духовден, австроунгарската војска го напаѓа градот, но бранителите се борат храбро и го одбиваат нападот. Набргу, веста за нивниот отпор се шири во околината и ним им пристига помош од околните места и од Србија. Подоцна, во август се случува уште поголем напад од многубројната автроунгарска војска, но востаниците повторно победуваат. Есента, од Осиек пристига човек со печатарска опрема и во Бодрог почнува да излегува весник со слбодарски идеи. Востаниците успеваат да се одбранат и од третиот напад, предводен од австроунгарскиот министер на војската. Притоа, австроунгарската војска прави големи злосторства во околината на Бодрог поради што востаниците испраќаат писмо до Лајош Кошут. Кон средината на октомври, попот Јован го разрешува воениот командант на востаниците, полковникот Милош Дорословац, ја презема целата власт и го забранува весникот. Разочаран, работниците во печатницата, меѓу нив и Рајко) скитаат неколку дена по кафеаните во околината при што во едно место Рајко ја среќава саканата девојка Марија Лазаревиќ која ја грабнува и набргу се жени со неа.[4]
- 24 - 28 глава: Заедно со неколку другари, Рајко оди во Земун, а оттаму тајно се префрла во Белград, каде останува до крајот на јануари. Своите впечатоци од престојот во градот ги запишува во својот дневник. Во меѓувреме, Војводина страда од грабежи и злосторства од разбојнички банди. Исто така, никој не знае каде е полковникот Милош Дорословац, кој го напуштил градот. Во март, кон Бодрог се приближува голема австроунгарска војска чиј командант им упатува ултиматум на бранителите да се предадат, заканувајќи се дека целосно ќе го уништи градот. Тогаш, во градот пристигаат вооружени чети од разни места, а се враќа и полковникот Дорословац. Исто така, печатницата е евакуирана поради опасноста од претстојниот напад. Најпосле, во март 1849 година, многубројната австроунгарска војска конечно го зазема градот и целосно го разурнува, убивајќи илјадници бранители и жители, а меѓу погинатите и командантот Дорословац.[5]
- 29 - 33 глава: Сепак, Рајко и другите печатари го преживуваат нападот на Бодрог и продолжуваат да го печатат весникот, продавајќи го низ Војводина и Славонија. Неколку месеци подоцна, на Духовден, умира младата сопруга на Рајко, која е бремена. Сепак, борбите низ Војводина продолжуваат и понатаму, а дел од преживеаните бранители на Бодрог, предводени од капетанот Стеван Поповиќ Стевча, учествува во битката за Нови Сад. Веднаш по пропаста на Бодрог, цела Бачка ја зафаќа колера која одзема многу животи. Еден ден, во мај, австриски воен брод ја запленува печатницата. На 28 јуни 1849 година, Рајко и двајцата негови најблиски другари одат во разурнатиот Бодрог каде тој го наоѓа дневник. Истата година, во август, австриската и руската војска целосно ги уништуваат остатоците на Бодрог и воената тврдина покрај него.[6]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Во предговорот кон делото, Марко Недиќ истакнува дека долгиот период во кој е пишуван романот укажува на многу сложената творечка задача која си ја поставил авторот при решавањето на одделни структурни односи во делото, но и на творечката сериозност и одговорноста во текот на работата на делото. Романот се одликува со модерна наративна структура, со многу сложена и возбудлива внатрешна архитектоника и ритам, како и со исклучителна стилска и семантичка привлечност и симболика. Во тој поглед, „Одбраната и пропаста на Бодрог“ е најамбициозното дело на Јосиќ Вишњиќ и едно од прозните дела кои ја обележуваат современата српска книжевност. Основната одлика на романот е изборот на книжевната тема, времето во кое е таа поставена и прозната постапка со која е остварена. Иако дејствието во романот е поставено во одредена историска ситуација, авторот не се откажал од својата доминантна наративна постапка — лиризацијата на прозниот јазик и стил, така што романот претставува необичен и успешен спој на модерно прозно проседе и класична книжевна тема од националната историја. Благодарение на избраната тема, во ова дело авторот е значително покомуникативен во споредба со неговите претходни романи.[7]
Историската тема на романот однапред го дефинирала и на некој начин го условила распоредот на неговата градба. Оттука, романот е поделен на 33 глави, со пролог и со епилог кои му даваат рамка на романот во временска, композициска и семантичка смисла. Првите две глави, исто така, ја играат улогата на вовед, зашто во нив се зборува за историските настани од временска дистанца од 40 години. Вистинската приказна во романот започнува во третата, а завршува во 27-та глава. Иако дејствието наведува на тоа, „Одбраната и пропаста на Бодрог“ не е историски роман, зашто во него, за сметка на историските елементи, преовладуваат неисториските и имагинативните, односно елементите кои носат длабоко егзистенцијално и симболичко значење. Всушност, намерата на авторот била да напише симболички и метафорички роман за отпорот на српскиот народ и неговата борба за слобода. Во тој поглед, романот се одликува со длабоко метафизичко значење, зашто тој се однесува на судбината на српскиот народ не само во периодот на националната борба, туку во времето воопшто, така што тој има универзално книжевно и актуелно политичко значење. Во тој поглед, наспроти пропаста на бранителите на Бодрог, во романот не преовладува трагичната димензија на животот, зашто тој завршува со приказ на животот на главните ликови по пропаста на Бодрог, а потоа неговото сиже се пренесува во денешното време, како симболично продолжување на животот на истиот простор. На тој начин, перспективата на денешното време, со која почнува и завршува романот, му дава посебна внатрешна тежина и боја.[8]
Во романот постојат неколку наратори: напрвин, тоа е рамковниот наратор, т.е. оној кој во прологот и во епилогот ја слуша приказната на својто дедо и во неколку кратки реченици тоа им го соопштува на читателите; Потоа следи приказната на дедо му, која ги заменува кратките воведни забелешки на рамковниот наратор; меѓутоа, и вториот наратор е само медиум-наратор, кој само ја пренесува приказната на вистинскиот наратор, кој истовремено е еден од главните ликови во романот, иако не е активен учесник во настаните, туку има функција на активен сведок. Притоа, авторот ги поврзува трите приказни на тројцата наратори служејќи се со привидно реалистични средства, меѓутоа тоа го прави само низ одредени наговестувања со што отстапува од реалистичната мотивација во текстот. Имено, авторот ги обликува трите приказни служејќи се со исти јазични средства и со истиот вид субјективен исказ. На тој начин, поединечните разлики во говорот на тројцата наратори стануваат целосно неважни, зашто со изедначувањето на нивните искази авторот сака да ја истакне улогата на нараторот како апсолутна свест на приказната. Всушност, на тој начин, гласот на нараторите се изедначува со гласот на авторот. Основната функција на текстот е самото раскажување, раскажувањето како доживување на светот, а апсолутизацијата на приказната не е ништо друго туку апсолутизација на јазикот, стилот и субјективниот исказ. Меѓутоа, во својата визија на светот авторот вклучува и дел од колективното памтење и од колективното искуство на еден народ. Така, својата лирска визија на народната буна во Војводина во 19 век авторот ја гради врз единството на индивидуалното искуство и субјективните искази од една страна, колективното искуство од друга страна, но и историското искуство од трета страна.[9]
И останатите елементи на романот, особено оние од документарна и историска природа, авторот ги заснова врз слични поетички претпоставки. На пример, сеќавањето на некогашниот град Бодрог авторот го користи како мотивационен импулс со цел романескно да го оживее поимот кој повеќе не постои. Исто така, во согласност со својата поетика на допишување на стварноста, во романот се споменува еден весник, кој навистина постоел во историјата, но на друго место и во друго време. Оттука, за романот не е важно дали описот на Бодрог одговара на историската вистина, туку важно е тој да има соодветна романескна функција која е целонсо усогласена со останатите елементи на романескната структура. На тој начин, секој детаљ во романот има вистинска или можна реалистична основа, но нема реалистична функција. Во романот, Јосиќ Вишњиќ на најдобар начин го артикулирал својот придонес кон документаристичката наративна проза. На измислените факти и односи авторот им дава привид на веродостојност и реална заснованост на историските документи. Со тоа, во развојот на документаристичката проза авторот оди чекор напред во споредба со „Гробницата за Борис Давидович“ на Данило Киш и „Селидби“ на Милош Црњански, зашто документаризмот на Јосиќ Вишњиќ е заснован врз еден вид историска инспирација која е самоповод за натамошната симболичка надградба на прозниот текст.[10]
Едно од најважните својства на „Одбраната и пропаста на Бодрог“ е употребата на лиричноста на прозниот текст, која најмногу е видлива во синтаксата, како и во интонацијата, ритамот и мелодичноста на реченицата. Притоа, лирската интонација се остварува со ритмичко повторување на почетокот на реченицата, на некои нејзини делови и на зборовите со наголема семантичка носивост, а понекогаш и цели глави, како 23. глава, се напишани со таков јазик и стил. Поетскиот и емотивниот тон се остварува и со употребата на други поетски средства, како метафората, споредбата и ономатопејата. Многу често, неговиот прозен исказ е структуриран според принципите на класичната ритмичка проза. Основното средство на лиризацијата на прозниот текст во романот е промената на вообичаениот и очекуваниот наративен ритам. Менувајќи го распоредот на зборовите и на деловите од речениците, авторот успева да ја динамизира реченицата и да ѝ даде поширок контекст и да ѝ даде уште една функција — функцијата на поетско звучење. Во тој поглед, особена ритмичка вредност имаат речениците во кои глаголот е преместен на крајот од реченицата. Таквите реченици истовремено му даваат архаичен звук на текстот, имитирајќи ги старинските ракописи.[11]
Следната важна одлика на романот е индивидуализацијата на говорот на книжевните ликови, кој не е издвоен во посебен структурен сегмент, туку индивуализацијата се остварува во нараторскиот говор. Оваа постапка му овозможува на авторот да го стилизира јазикот на приказната и да го приближи до таканаречениот драматизиран наратор кој игра двојна улога: како книжевен јунак и како учесник во настаните за кои раскажува. Притоа, нараторскиот глас е максимално доближен до авторскиот глас, но за да го спречи претворањето на тој глас во едноличен тон, авторот повремено ја употребува и постапката на индивидуализација на говорот на книжевните ликови. На тој начин, авторот има можност непрекинато да ги умножува гласовните перспективи во романот и во него да вклучува и поинакви доживувања на стварноста — од иронични и хумористични до гротескни и пародични. Заедно со лирската доминанта, овие гласови го сочинуваат множеството на наративните созвучја на романот.[12]
Слично на другите дела на Јосиќ Вишњиќ, и во „Одбраната и пропаста на Бодрог“ деструктивните сили имаат централна семантичка улога. Така, уште двата поима од насловот на романот, „одбраната“ и „пропаста“, ја навестуваат семантичката насока на делото, која произлегува од наративната тематизација на декството на деструктивните сили на историјата и стварноста и од одбранбениот механизам на човекот. Иако „одбраната“ во делото завршува во „пропаст“, таквиот пораз не го претставува семантичкиот заклучок на романот. Лирскиот јазик и рамковната композиција на делото во кое приказната се пренесува од едно време во друго и до еден нараторски глас во друг, всушност, го сугерира продолжувањето а не исчезнувањето на животот и така го оспоруваат трајното дејство на деструктивните историски сили и го насочуваат крајниот заклучок во сосема друга насока. Всушност, авторот му нуди на читателот два заклучока. Содржината на романот упатува на еден можен заклучок (за пропаста и поразот), додека јазикот и формата на романот упатуваат на спротивен заклучок (за одбраната и траењето). Притоа, вториот заклучок, дека постои излез од хаосот на историјата, односно дека не е можно да се уништи животот и постоењето на еден народ, заедно со неговата култура, уметност и колективното памтење, сепак претежнува над првиот заклучок, иако целосно не го оспорува. Токму тоа што во романот се раскажуваедна невесела приказна во која смртта, разурнувањата и уништувањето се присутни речиси на секоја страница покажува дека во романот паралелно се присутни силите на деструкцијата и хаосот, како и силите на животот, единството, создавањето, слободата и раѓањето. Романот сугерира дека двете сили истовремено делуваат врз човекот и дека заедно го условуваат ритамот на човековата историја, но и на животот на поединецот. Бунтот против историјата и неизбежното приспособување кон историјата заради создавање услови за нов бунт против неа, не само што претставуваат основен предмет на прозниот текст и негова клучна тематска и семантичка линија, туку и како нужна фаза во еволутивниот ритам на општеството, националното изразување, индивидуалното потврдување и уметничкото обликување.[13]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 284.
- ↑ Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 3.
- ↑ Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 11-56.
- ↑ Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 57-166.
- ↑ Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 167-231.
- ↑ Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. 232-279.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. IX-XI.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XI-ХIII.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XIV-ХVI.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XVI-ХVIII.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XXVIII-XXXI.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XXXI-XXXIII.
- ↑ Марко Недић, „Модерна наративна визија историјског памћења“, во: Мирослав Јосиħ Вишњић, Одбрана и пропаст Бодрога у седам бурних годишњих доба. Београд: Српска књижевна задруга, 1990, стр. XXXIII-XXXV.