Одбраната и последните денови (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Одбраната и последните денови (српски: Одбрана и последњи дани) — роман на српскиот писател Борислав Пекиќ од 1977 година. Романот му е посветен на Драгослав Михаиловиќ.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во романот се раскажува животната приказна на Андрија Гавриловиќ, српски емигрант во Западна Германија, осуден на затворска казна за убиство.

Прва глава[уреди | уреди извор]

Дејството на романот започнува во 1959 година, кога Андрија Гавриловиќ е осуден на затворска казна поради убиството на германскиот државјанин Ерих Грубер. По судењето, осуденикот го посетуваат неговиот адвокат Еуген Хам, полицискиот инспектор Кулман и Озрен од конзулатот на ФНРЈ во Минхен и сите вршат притисок врз Андрија да потпише изјава со која ќе го објасни мотивот за убиството: инспекторот бара од него да признае дека го извршил убиството по нарачка на југословенскиот конзулат; адвокатот го советува да признае дека за време на убиството бил психички непресметлив; а Озрен му врши притисок да изјави дека убиството било одмазда за наводните злосторства што Грубер ги извршил во Југославија за време на Втората светска војна. Андрија упорно ги одбива сите понуди, но откако во затворската библиотека ќе ја пронајде книгата на Платон, „Одбраната на Сократ“, самостојно одлучува да напише долга изјава во која го опишува својот животен пат.[1]

Втора глава[уреди | уреди извор]

Андрија Гавриловиќ се родил во Нов Сланкамен, на Дунав, во Срем, во сиромашно семејство. По Првата светска војна, откако променил неколку работи, конечно се вработил како овластен спасител на една плажа на Дунав. Како совесен работник, Андрија постојано бил фрустриран од работата, зашто никогаш немал прилика да спаси некој давеник.[2]

Трета глава[уреди | уреди извор]

Разочаран до својот неуспех како спасител, Андрија го загубил сонот. Еден ден, на плажата дошла општинска комисија, која му соопштила дека е отпуштен од работата. За да го спасат од отказот, неговите пријатели Андраш и Земба наговориле едно момче да се преправа дека се дави, но во присуство на комисијата, Андрија се сплеткал и за малку ќе се удавел во реката. Поради тоа, тој веднаш бил отпуштен како потполно неспособен.[3]

Четврта глава[уреди | уреди извор]

Некое време по отказот, Андрија продолжил да живее во хангарот на плажата, заедно со сопругата Јулијана и со синот Андрија. Вечерта пред да се исели, тој излегол да се прошета крај реката и слушнал човечки глас кој барал помош. Така се остварил сонот на Андрија да спаси некој давеник. Тој го испратил синот да повика лекар, а набргу во неговиот дом пристигнале многу германски војници. Всушност, без да знае, Андрија го спасил СС-офицерот, командантот на градот, полковникот Ерих фон Рихтер. Утредента го однеле во германскито штаб на испитување, но тој, целиот исплашен, не признавал дека го спасил германскиот офицер, поради што бил измачуван. Сепак, кога во ќелијата се појавил самиот полковник, Андрија признал дека го спасил и во негова чест била организирана прослава, а весниците објавиле репортажа за неговото херојско дело.[4]

Петта глава[уреди | уреди извор]

Утредента по прославата, Андрија сфатил дека луѓето го избегнуваат, сметајќи го за соработник со окупаторот. На плажата повеќе не доаѓале Србите, а никој не сакал ниту да разговара со него. Дури и неговата сопруга му се налутила, заканувајќи се дека ќе го напушти. Тогаш, тој одлучил да даде отказ од работата, но кога пристигнал во германскиот штаб, таму му соопштиле дека му била доделена значка за херојскиот потфат. Тој се полакомил за медалот и го повлекол барањето за отказ. Неколку дена подоцна, додека чекал свечено да му ја доделат значката, германската војска го напуштила градот, а сопругата и детето го напуштиле, плашејќи се од одмазда. Така, Андрија останал сам и, немајќи друг излез, побегнал со војската во Германија.[5]

Шеста глава[уреди | уреди извор]

Во Германија, најпрвин работел како спасител во Хамбург, но едната рака му откажала и тој добил отказ. Потоа, следувале тешки денови за него: променил неколку привремени работи, но секаде добивал отказ. Разочаран, отишол во Минхен, со намера во конзулатот на ФНРЈ да побара дозвола за враќање во татковината. Таму, на улица, сосема случајно го сретнал полковникот Рихтер, кој го променил името во Ерих Грубер. Кога му ја раскажал својата несреќна приказна, Грубер му помогнал да најде работа, а потоа го вработил кај себе, како чувар на својата викенд-куќа. Еден ден, кога Грубер пристигнал во куќата, случајно самиот се повредил и се удавил во базенот. Андрија се обидел да го спаси, но не успеал, а полицијата го обвинила за убиство. Со цел да се ослободи од етикетата на соработник со окупаторот, Андрија го признал убиството, иако не бил виновен.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Borislav Pekić, Odbrana i poslednji dani. Beograd: BIGZ, 1989, стр. 11-30.
  2. Borislav Pekić, Odbrana i poslednji dani. Beograd: BIGZ, 1989, стр. 31-51.
  3. Borislav Pekić, Odbrana i poslednji dani. Beograd: BIGZ, 1989, стр. 53-66.
  4. Borislav Pekić, Odbrana i poslednji dani. Beograd: BIGZ, 1989, стр. 67-91.
  5. Borislav Pekić, Odbrana i poslednji dani. Beograd: BIGZ, 1989, стр. 93-116.
  6. Borislav Pekić, Odbrana i poslednji dani. Beograd: BIGZ, 1989, стр. 117-132.