Огнен Чемерски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Огнен Чемерски
Роден 1974
(Скопје, НР Македонија СР Македонија
Починал 24 август 2017
Скопје, Македонија Македонија
Занимање Македонски преведувач, лектор, и асистент на Катедрата за англиски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Κонесκи“ во Скопје, Македонија


Огнен Чемерски (Скопје, 1974 - Скопје, 24 август 2017) — македонски преведувач, лектор и асистент на Κатедрата за англисκи јазиκ при Филолошкиот фаκултет „Блаже Κонесκи“ во Скопје, чие капитално дело е преводот на македонски на „Моби Дик“ од Херман Мелвил. Тој е син на видниот македонски вајар Глигор Чемерски.

Животопис[уреди | уреди извор]

Чемерски е роден во Скопје, во 1974 година. Средно образование завршил во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Со високо образование се стекнал на Универзитетот „Грејсленд“ во Ајова, САД, каде што студиите ги продолжил како добитник на целосна стипендија, откако првите две студиски години ги завршил на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Уште пред дипломирањето стекнал преведувачко и наставничко искуство, кога му биле објавени препеви од поезијата на Вилијам Батлер Јејтс. За време на студиите во САД на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Грејсленд“ работел како тутор по предметот комуникациски студии и семиотика, при што им помагал на студентите, родени и странски говорители на англискиот јазик, да го совладаат материјалот од наставата во областа на комуникациските студии и семиотиката и да си ја унапредат способноста за пишување есеи.

Од 2005 до 2013 година бил ангажиран како надворешен соработник на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Од 2013 година работел на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ како асистент по предметите теорија и практика на преведувањето, преведување од македонски на англиски јазик и обратно и симултано толкување. Чемерски бил активен член на Здружението на преведувачи на Македонија.[1] Тој бил дел од т.н. Професорски пленум и дал активна поддршка на студентските протести во 2016 година. Бил гласен борец против тогашната власт и бил активен учесник на протестите на т.н. Шарена револуција. Починал по кратко боледување на 24 август 2017 година во Скопје.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. МАКЕДОНСКИОТ МОЖЕ ДА БЕСЕДИ НА КНИЖЕВНА ГОЗБА СО СИТЕ JАЗИЦИ. Архивирано од изворникот на 2020-08-11. Посетено на 2017-09-04.
  2. ПОЧИНА ОГНЕН ЧЕМЕРСКИ, КОЈ НА МАКЕДОНСКИ ГО ПРЕВЕДЕ „МОБИ ДИК". Архивирано од изворникот на 2017-09-01. Посетено на 2017-09-04.