Образованието во Македонија
Министерство за образование и наука | |
---|---|
Министер за образование и наука | Весна Јаневска |
Општи податоци | |
Примарни јазици | македонски, албански |
Писменост (2015[1]) | |
Вкупна | 97.8% |
Мажи | 98.8% |
Жени | 96.8% |
Образованието во Македонија има долга историја и разновиден развиток.
Историја
[уреди | уреди извор]Црковните училишта
[уреди | уреди извор]Во почетокот на XIX век во Македонија единствени центри на македонско-словенската писменост биле келијните училишта при црквите и манастирите каде се подготвувал свештенички кадар.
До средината на XIX век учителствувањето како професија, како специјално и единствено занимање на луѓето било сосема ретко. Професионални учители воопшто немало. Во ќелијните училишта до 1830-те и 40-те години учители најчесто биле свештеници и калуѓери, а понекаде и световни лица. Тогаш не постоеле специјализирани установи за подготовка на учители. Позначајни просветно-културни центри биле манастирите. Тие ja играле улогата на елементарни училишта на црковната просвета и образование и во нив доаѓале да учат сите оние што сакале да станат калуѓери, свештеници, учители, или само да ja научат црковно-словенската писменост. Во тоа време ретко можел да се најде писмен човек кој не поминал неколку години на учење во некој манастир.[2]
Учителствувањето не било главно и постојано занимање ни на приватните и општинските ќелијни учители, зашто тоа тогаш не обезбедувало сигурна егзистенција. Со учителствувањето луѓето се занимале по неопходност и тоа само како со второстепена и случајна професија, којa ja вршеле покрај својата главна и редовна работа. А главната работа на приватниот ќелиен учител како световно лице му бил занаетот (шивачки, чевларски, ќурчиски, подврзување на книги и др.). Додека работел на занаетот, учениците го учеле својот урок и повремено тој ja прекинувал работата за да ги провери учениците дали го научиле зададениот урок или да им даде нов урок. Подобра донекаде била положбата на општинските ќелијни учители, зашто за својата работа примале плата од општината. Меѓутоа, и тие биле принудени да бараат дополнителна заработувачка работејќи на некој занает. Воопшто до 1830-те години ретки биле луѓето на кои учителствувањето им било единствено и главно занимање. Образованието на ќелијните учители било многу ограничено. Сите тие биле воспитаници на ќелијните училишта — манастирските и градските, во кои одвај можеле да се здобијат со елементарна писменост. Нивните знаења биле мошне скудни и не излегувале надвор од кориците на часословот и псалтирот, или светчето и апостолот. Такви исти знаења тие пренесувале и кај своите ученици.[2]
Создавање на првите световни училишта
[уреди | уреди извор]Развојот на школството, просветата и народната култура во Македонија започнува во 30-те години на XIX век, а се засилува по Кримската војна, меѓутоа по 1870 година голем дел од училиштата се нашле во рацете на Бугарската егзархија, а истовремено дошло и до засилување странските пропаганди во Македонија со што процесот на просветата зазел поинаков правец.
Меѓутоа со развојот на трговијата и занаетчиството се создала потреба, а и услови за создавање на училишта со световно образование кои би ги задоволиле потребите на македонското граѓанство. Меѓутоа отворањето на првите световни училишта на макеоднски народен јазик било попречено од неразвиеноста на македонското граѓанство и Цариградската патријаршија, односно грчката пропаганда во Македонија.
Патријаршијата во Македонија имала разгранет школски систем каде наставата се одвивала на грчки јазик и се ширела грчката култура.
Затоа процесот на создавање на македонски училишта започнал со борба за потиснување на грчкиот јазик и негово заменување со макеоднскиот народен јазик во грчките училишта. Голема улога во оваа борба имале макеоднските учители кој своето образование го стекнале во Грција и како грчки учители имале можност постепено да го истисната грчкиот јазик од наставата.
Оваа борба за истиснување на грчиот јазик од наставата траела до средината на XIX век, а до тогаш наставата се одвивала според грчки образец.
Во 30-те години на XIX век се започнало со отворањето на првите световни училишта при црковно - училишни општини во Македонија.
Првите вакви училишта биле во: Скопје (1835 или 1836), Велес (1837), Банско (1838), Штип и Неврокоп (1840), Прилеп (1843), Куманово и Тетово (1852). Во овие училишта покрај црковните предмети биле воведени и световни предмети, голема заслуга за развој на наставата во овие училишта имал Јордан Хаџи Константинов-Џинот.
Образованието во времето на НОБ
[уреди | уреди извор]Просветно-културната активност во времето на НОБ имала специфичен карактер, не само поради огромниот број неписмени, туку и поради тоа што по Балканските војни употребата на мајчиниот македонски јазик била забранета. Затоа и борбата за афирмација на македонскиот јазик добила приоритетно место. Неписмените борци учеле да читаат и да пишуваат, слушале политички предавања, го читале партизанскиот печат. Се работело и на описменување и на образованието на населението. Првото училиште на македонски јазик во НОБ во селото Подвис, Кичевско (септември 1943). Се организирале разновидни активности и народот се запознавал со македонската историја, географија, со новите политички определби. По капитулацијата на Италија и воспоставувањето на народната власт на слободните територии во Западна Македонија се отворени (есента на 1943) првите партизански училишта на мајчин македонски јазик (Подвис, Осој, Гари, Издеглавје, Слатино, Оздолени, Ботун, Ново Село, Долно и Горно Средоречје и Дебар).
При Главниот штаб на НОБ и ПОМ се формира и посебен Просветен реферат на чело со Петре Богданов - Кочко. Почетоците на конституирањето сопствен национален систем на образованието се забрзани по одржувањето на I заседание на АСНОМ како државноправен облик на македонската државност (2 август 1944). На заседанието е донесено решение со кое македонскиот се прогласува за службен јазик во Македонија, што значи и за наставен во училиштата. Формирано е и посебно Поверенство за просвета на чело со проф. Епаминонда Поп Андонов. Президиумот на АСНОМ, заедно со Поверенството за просвета, донел повеќе одлуки и упатства за дефинирање на современата македонска азбука, на граматиката на македонскиот јазик, на наставните планови и програми, прирачниците и учебниците, организирањето аналфабетски курсеви, обезбедувањето учителски кадри, оспособувањето просторни услови за наставна работа, а го покренува и прашањето за отворање универзитет во Скопје.
Законска рамка
[уреди | уреди извор]Предучилишно образование
[уреди | уреди извор]Образованието започнува од најмала возраст. Предучилишното образование на возраст од 3 до 6 години е од клучно значење за развојот на мозокот и учењето, особено развивање на интелектуална љубопитност, истрајност, социјални вештини и емотивна стабилност во детството и адолесцентските години. Овие вештини се подеднакво важни за успехот на децата во доживотното учење, социјалната интеграција, личниот развој и подоцна, при вработувањето. Предучилишното образование е незадолжително и се уредува со Законот за заштита на децата, а најголем дел од надлежностите ги има Министерството за труд и социјална политика. Бирото за развој на образованието ја потенцира потребата од донесување посебен закон за предучилишно образование, и целосно префрлање на надлежностите на Министерството за образование и наука, заради подигање на квалитетот и унапредување на функционалното поврзување со основното образование. Покрај трендот на зголемување на опфатот на деца со предучилишно образование, истиот е на незадоволително ниво и за деца на возраст од 36-59 месеци изнесува 36.8 %. Особено ниска опфатеност постои во руралните средини и во ромските населби, како и на децата со попреченост. Немањето просторни капацитети е една од основните причини за малата опфатеност. Бројот на деца по групи е вообичаено за два до трипати поголем од законски предвидениот, а уписот на децата е отежнат поради долгите листи на чекање.[3]
Училишно образование
[уреди | уреди извор]Во Македонија, основното и средното образование се задолжителни за сите деца. Посебни закони, Законот за основно образование и Законот за средно образование ги уредуваат воспитно–образовниот процес, дејноста, организацијата, функционирањето и управувањето на двете нивоа на образование. Законот за основно образование се заснова на правото на бесплатно и квалитетно образование на секое дете (член 3) и ги потенцира основните начела на основнотот образование, меѓу кои и најдобриот интерес на детето, еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност, квалитет на образованието и меѓународна споредливост на знаењата на учениците итн. (член 4). Законот за средно образование утврдува дека средното образование (гимназиско и стручно) е задолжително за секој граѓанин, е бесплатно и под еднакви услов за сите (член 3). Покрај тоа што основното и средното образование е задолжително и бесплатно, 1.7 % од децата не се вклучени во основно, додека 8.4 % не се вклучени во средно образование. Пристапот до образование е особено предизвик за децата Роми, од кои 18.7 % не посетуваат основно, а 52.8 % не посетуваат средно образование. Се забележуваат одредени напори за зголемување на нивниот опфат, но постојат бројни системски пречки што го отежнуваат овој процес.[3] Надвор од образовниот систем остануваат и учениците кои ги немаат примено потребните вакцини. Уставниот суд констатира дека условувањето на упис на детето во основно училиште со приложување на доказ за извршена вакцинација не претставува дискриминација. Народниот правобранител повеќепати им укажува на Владата за потребата да се изнајде решение кое нема да ги попречува овие деца во остварувањето на правото на образование, но проблемот не е надминат. Децата со ретки состојби/заболувања кои не се во можност да посетуваат редовна настава подолго време, не секогаш добиваат адекватна поддршка во училиштата. За време на пандемијата од КОВИД-19, учениците имале значајни проблеми во следењето во онлајн наставата. Не сите ученици биле во можност да следат онлајн настава (поради немањето технички уреди и интернет) и да добијат исто ниво на поддршка во својот дом. Потребните подготовки за учебната 2020/21 година не биле навремени. Ниту наставниот кадар ја добил потребната обука, ниту биле обезбедени технички уреди и интернет за учениците кои немале. При планирањето немало широка консултација на наставниците, родителите и учениците.[3]
Цели на образованието
[уреди | уреди извор]Пристапот до квалитетно образование е основно право на сите деца.
Законот за основно образование ги дефинира целите на основното образование (член 7) и меѓу нив: • обезбедување целосен опфат во воспитно-образовниот процес и одговарање на разновидните потреби на сите ученици преку обезбедување суштинско учество на сите ученици во него, • постигнување на националните стандарди за учениците во основно образование од подрачјата: јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво и финансиска писменост како и уметничко изразување, култура и мултикултура, • развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност иодговорност за своите постапки, • воспитување за почитување на различностите, соработка, почитување на различноста, основните човекови слободи и права, • подготвување на ученикот за одговорен живот во слободно, граѓанско и демократско општество, • развивање на способности и вештини за истражување, експериментирање и решавање на проблеми, • стекнување општи и применливи знаења и вештини што се потребни во секојдневниот живот или за натамошно образование, • оспособување за натамошно образование и доживотно учење Резултатите од ПИСА тестирањата укажуваат дека способностите на учениците во читање, математика и природни науки се под меѓународниот просек. Образовниот систем недоволно ги развива критичкото мислење и научниот пристап во разгледување на информациите од страна на учениците. Учениците не ги перцeпираат наставните содржини како поврзани со секојдневниот живот и применливи, нивната мотивација е во најголем степен инструментална и учат заради оценките, а не за знаења. Во училиштата доминантно се користени традиционалните методи на настава, каде што наставникот е пренесувач на знаењето, а учениците се пасивни приматели од кои најчесто се очекува репродукција на знаење.[3]
Сè уште е присутна сегрегација на учениците Роми, најчесто преку неформални облици, социјални притисоци и практики на одвојување. Статусот „ромско училиште“ е причина што учениците од другите националности се запишуваат во соседните училишта. Воедно, во дел од повеќејазичните училишта наставата е просторно и временски организирана така што не овозможува учениците од различните наставни јазици да учат заедно (во ист објект/дел од објектот и во иста смена) и да имаат услови за непосреден контакт. Поделбата на учениците по лингвистички и етнички линии не стимулира запознавање и учење за другите етнички заедници, туку доведува до создавање меѓуетнички поделби кои понатаму се рефлектираат во останатите сфери. Активностите во училиштата за градење разбирање, мир, толеранција и меѓуетничка интеграција се главно поддржани од невладините организации.[3]
Во истражувањето на Меѓаши, учениците истакнуваат дека доколку тие се во улога на директори на училиштата би воделе поголема грижа за хигиената, би се потрудиле да го подобрат односот на наставниците/професорите кон учениците, би направиле повеќе за менталното и физичкото здравје на децата, би го подобриле квалитетот на наставата, би ги направиле часовите поинтересни и би се потрудиле учениците да бидат повеќе вклучени во одлучувањето.[4] Во Алтернатиовниот извештај за состојбата со прават на децата во Македонија – од перспектива на децата велат „Не е важно само да се има можност да се оди на училиште, туку и што се учи таму и атмосферата во него. Човек треба да има и физичко, и емоционално, и психолошкото здравје за да биде целосен. Училиштата се должни да нè едуцираат за секој од овие делови и очекуваме училиштата да ги негуваат нив. Исто така, училиштето треба да ги подготви децата за самостојност и независност, тие треба да бидат подготвени со решенија за проблемите од секојдневниот живот...“.
Изминатите образовни реформи вообичаено не се базирани на системски пристап и се одвиваа без консултација на главните чинители во образовниот систем (наставниот кадар, децата и родителите), поради што истите не ги постигнaa во целост предвидените цели.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „North Macedonia“. The World Factbook. Central Intelligence Agency. Посетено на 13 January 2023.
- ↑ 2,0 2,1 Кантарџиев, Ристо (1973). „Образованието и материјалната положба на учителите во Македонија во XIX век“. Годишен зборник на Филозофскиот факултет: 53–64.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 „Алтернативен извештај на невладините организaции за состојбата со правата на децата во Македонија“ (PDF). Прва детска амбасада во светот Меѓаши. 2020. стр. 72. Посетено на 18 мај 2021.
- ↑ „АНАЛИЗА НА НАОДИТЕ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО ЗА СОСТОЈБАТА СО ПРАВАТА НА ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА“ (PDF). Прва детска амбасада во светот Меѓаши. септември 2020. Посетено на 18 мај 2021.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Министерство за образование и наука
- Биро за развој на образованието
- Закон за основното образование
- Закон за средното образование
|