Обична леска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Обична леска (научн.: Corylus avellana) - вид листопадно дрво од видот Лески.

Распространетост и морфологија[уреди | уреди извор]

Обичната леска е грмушка којашто може да достигне височина од пет до седум метри, а расте во цела Европа и во Северозападна Африка. Најчесто расте во влажни, осојни места, но се култивира речиси во сите европски земји. Коренот на леската е плиток, кората е мазна и светлокафеава, пупките се јајцевидни со повеќе лушпи, младите гранчиња се црвенкасто-влакнести. Лисјата на леската се сместени на кратки дршки, по форма се тркалезни или елипсовидни, а по рабовите се остро, пилесто назабени. Леската цвета пред пролистувањето, во периодот од февруари до април, а нејзините цветови се во форма на реси. Машките реси се жолти и се формираат во текот на летото претходната година, додека женските реси се покриени со лисни лушпи и се одделени од машките. Плодот на леската е во форма на оревче (лешник) и созрева во септември и во октомври, а потоа брзо паѓа при што семката што се наоѓа во плодот може да се јаде.[1]

Лековити својства[уреди | уреди извор]

Во медицината се користат плодот на леската (Corylus avellana fructus), младите листови (Corylus avellana folium) и кората од стеблото (Corylus avellana cortex). Притоа, плодовите се берат кога се зрели, по што се сушат на сонце; листовите се берат кога се млади, а се сушат под сенка и на проветрени места; кората се бере во рана пролет при што се сече на тенки парчиња (до 10 сантиметри) и потоа се суши. Семките од плодот на леската (лешниците) содржат: 50-60% масла, кои најчесто се состојат од олеинска и линолна киселина, 14-18% белковини, околу 14% скроб и околу 2,5% минерали. Хемискиот состав на кората содржи: катехински танин (5-8%), малку смола, етерични масла, флавониди, деривати на мирицетол итн. Најпосле, листот содржи танини, флавониди, фолна киселина и витамин Ц.[2]

Лисјата и кората на леската се користат за лекување на воспалени вени и хемороиди, бидејќи ги стеснуваат крвните садови, благодарение на танините што ги содржат. Исто така, леската помага и во надворешното лекување на верикозни улцерации во вид на облоги подготвени од кората и лисјето. Младите листови се користат за лекување на чир во желудникот, проливи, хроничен воспалителен процес на дебелото црево и други стомачни заболувања. Во народната медицина, листот и кората се употребуваат за лекување на зголемена простата. Притоа, од листовите и од кората се подготвува чај, а од кората се прави и маст која може да остане стабилна до две години.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Илчо Захариев, „Леска (Corylus avellana)“, Штипски Мозаик, март-април 2017, стр. 19.
  2. Илчо Захариев, „Леска (Corylus avellana)“, Штипски Мозаик, март-април 2017, стр. 19.
  3. Илчо Захариев, „Леска (Corylus avellana)“, Штипски Мозаик, март-април 2017, стр. 19.