Обичен ползач

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Обичен ползач
Certhia familiaris 01.jpg
Подвид C. f. macrodactyla или C. f. familiaris
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Ползачки
Род: Certhia
Вид: Обичен ползач
Биномен назив
Certhia familiaris
Linnaeus, 1758
Зелено - постојани жители

Сино - само зимување
Розово - подвид кој често е одвоен како
Хоџсонов ползач

Обичниот ползач или евроазискиот ползач (науч. Certhia familiaris) е мала врапчевидна птица од фамилијата на ползачките (Certhiidae). Тешко може да го разликуваме од краткопрстиот ползач, освен по пеењето. Распространет е низ умерена Евроазија, вклучувајќи ја и Македонија.

Опис[уреди | уреди извор]

Сите птици од фамилијата на ползачките се слични по изглед; тие се мали со избразденошарени и точкави кафеави горни делови од телото, светлопортокалови над опашката и белкави долни делови. Имаат долг искривен, кукест клун и долга цврста опашка која им овозможува потпора кога се качуваат по кората на дрвјата барајќи инсекти.

Долги се околу 12.5 см, а тешки 7-12.5 грама. Кафеавите горни делови се прошарани со црно, бело и портокалово, а опашката е еднобојнокафеава. Стомакот, слабините и задникот имаат кремавопортокалова нијанса. Половите се исти, а младенчињата се со побледи горни делови, а одоздола белкави, со потемни точки на слабините.

Повикот за контакт е многу тивко, тенко и високо сит, но највпечатлив повик е продорното црии, со вибрирање, понекогаш повторувано во серија. Песната на мажјакот почнува со срри, срри, проследено со неколку чрчорливи ноти, подолг опаѓачки бран и свиркање што опаѓа, а потоа се крева.

Таксономија и систематизација[уреди | уреди извор]

Краткопрст ползач, вид со кој може да се помеша во Европа

Обичниот ползач под своето научно име, за првпат е опишан од Linnaeus во неговата Systema naturae во 1758.[2] Името произлегува од грчкото kerthios, мала птица што ползи по дрво, опишана од Аристотел и други, и латинското familiaris, фамилијарно или обично.[3] Има 9 до 12 подвида (зависно чиј таксономски поглед ќе се земе предвид):

  • C. f. britannica; Велика Британија и Ирска; ирските се малку потемни од британските;
  • C. f. macrodactyla; западна Европа; посветло одозгора и побели одоздола од C. f. britannica;
  • C. f. corsa; Корзика; долните делови имаат светлопортокалова нијанса, а горните делови се поконтрастни од C. f. macrodactyla;
  • C. f. familiaris; номинираниот подвид; скандинавија и источна Европа, на исток до западен Сибир; посветли одозгора од C. f. macrodactyla, бели долни делови;
  • C. f. daurica; источен сибир и северна Монголија; посветол и посивкав од номинираниот;
  • C. f. orientalis; Амурска област, североисточна Кина и Кореја; сличен на номинираниот, но попрошаран одозгора;
  • C. f. japonica; Јапонија; потемен и поцрвеникав од C. f. duarica
  • C. f. persica; Крим и Турција, на исток до северен Иран; посветол и со помалку портокалово од номинираниот;
  • C. f. tianchanica; северозападна Кина; поблед и попортокалов од номинираниот;
  • C. f. hodgsoni; западни Хималаи; често сметан како посебен вид - Хоџсонов ползач (C. hodgsonii)
  • C. f. mandellii; источни Хималаи; сега почесто сметан за подвид на Хоџсоновиот ползач;
  • C. f. khamensis; Кина, Сичуан; често сметан за подвид на Хoџсоновиот.

Однесување[уреди | уреди извор]

Обичен ползач се храни на кора од дрво

Обичниот ползач е најраспространет вид од родот, кој се размножува низ умерениот појас од Ирска до Јапонија. Претпочита зрели дрвја, зимзелени, каде ја дели територијата со краткопрстиот ползач, а листопадни и мешани, каде е единствен член на фамилијата. Понасевер од опсегот живее на пониска надморска височина, но на Пиринејскиот Полуостров го има и над 1.370 метри. Во умерените области оваа птица е постојан жител, а птиците од посеверните краишта мигрираат кон југ, а оние од повисоките планински предели може да се симнат во потоплите подножја.

Како мала шумска птица со криптични пердуви и тивок повик, оваа птица може да не ја забележиме како вертикално потскокнува качувајќи се полека нагоре по стеблото на дрвото, помагајќи си со вкочанетата опашка и широко раширените прсти на нозете. Таа не е многу внимателна и плашлива и речиси е рамнодушна кон присуството на луѓето. Има карактеристичен непредвидлив брановиден лет, со наизменични замавнувања со крилјата, сличен на пеперугите. Зимно време живеат сами, но кога е многу студено може да се соберат по повеќе од десетина птици да спијат заедно на заштитено место за да се греат меѓусебно.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Обичниот ползач се храни со без'рбетници од стеблата на дрвјата. Почнува од долу и се движи нагоре, и за разлика од лазачките, не се симнува надолу со главата, туку летнува до основата на некое друго блиско дрво. Го користи својот долг, тенок клун за да ги извади инсектите и пајаците од пукнатините во кората. Иако обично се хранат на дрвјата, повремено го ловат пленот на ѕидови, гола земја или меѓу паднатите борови иглички, па и додава некое иглолисно семе во својата исхрана во постудените месеци.

Женките обично се хранат на погорните делови од стеблото, а мажјаците на подолните. Ако мажјакот исчезне, неспарената женка ќе се храни во подолните делови на дрвото, задржувајќи се пократко време на секое дрво. [4]

Зимно време може да се придружат кон мешано јато птици, но не сакаат да го делат изворот на храна со придружните сипки и кралчиња и можеби само ја искористуваат можноста за поголема заштита.

Размножување[уреди | уреди извор]

Сексуална зрелост достигаат на едногодишна возраст. Гнездото го прават во дупка во дрвото или пукнатина од кората. Ако е присутна, ја претпочитаат џиновската секвоја, зашто лесно може да го ископаат мекото дрво.[5] Понекогаш користат пукнатини во ѕидови и згради, како и куќички за птици. Гнездото го постилаат со гранчиња, борови иглички, трева и помеки материјали како пердуви, волна, мов, лишај или пајажина. Несат 5-6 јајца, бели со многу ситни розовикави светки на поширокиот дел. Ги инкубира само женката 13–17 дена, а потоа пилињата ги хранат обата родитела, но и понатаму ги грее само женката додека да се оперјат по 15-17 дена. Околу 20% од паровите на југ и запад имаат и второ легло. Животниот век на овие птици е 2 години, но максимален забележан е 8 години и 10 месеци.

Статус[уреди | уреди извор]

Обичниот ползач има широк опсег од околу 10 милиони км² и многубројна популација од 11 - 20 милиони поединци само во Европа. Според Црвениот список на МСЗП, ова е вид со најмала загриженост од изумирање.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Certhia familiaris. Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/160032439. конс. 16 јули 2012 г.  (англиски)
  2. (латински) Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata.. Holmiae. (Laurentii Salvii).. стр. 118. „C. supra grisea, subtus alba, remigibus fuscis, decemris macula alba.“ 
  3. „Treecreeper Certhia familiaris [Linnaeus, 1758“]. BirdFacts. British Trust for Ornithology (BTO). http://blx1.bto.org/birdfacts/results/bob14860.htm. конс. 20 мај 2008 г. 
  4. Aho, Teija; Kuitunen, Markku; Suhonen, Jukka; Hakkari, Tomi; Jäntti, Ari. Ефектите на исчезнувањето на мажјакот врз исхраната на женката кај обичниот ползач. „Behavioral Ecology and Sociobiology“ том  41 (1): 49–53. doi:10.1007/s002650050362. 
  5. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). Birds Britannica. London: Chatto & Windus. ISBN 0-7011-6907-9.  394

Надворешни врски[уреди | уреди извор]