ОУ „Гоце Делчев“ - Горно Лисиче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
„ОУ Гоце Делчев“

Место
Општина: Аеродром
Наречено по: Гоце Делчев
Нас. место: Горно Лисиче
Адреса: ул. Горно Лисиче
Основни информации
Основано: 1880; пред 140 години (1880)
Настава на: македонски и албански
Контактни информации
Мреж. место www.ougocedelcevgl.edu.mk

„Гоце Делчев“основно училиште во населбата Горно Лисиче, во Општината Аеродром во Скопје[1].. Училиштето е најстаро во општината Аеродром отворено во 1880 година, а на моменталната местоположба се наоѓа од 1924 година.

Историја[уреди | уреди извор]

Ова училиште било отворено во 1880 година и тогаш се наоѓало веднаш до возобновената селска црква. Дотогаш децата од Горно Лисиче на училиште оделе во соседното село Драчево. Во училиштето наставата се изведувала на бугарски јазик и со бугарски учебници бидејќи било раководено од Бугарската егзархија со цел ширење на бугарското влијание сред македонското население. Затоа учителите биле назначувани и плаќани од Егзархијата. Во училиштето била организирана настава за ученици од двата пола. По почетокот нивниот број бил околу 20. Прв учител бил Мице Мирковски, родум од Горно Лисиче. Училиштето во селото работело до 1912 година, односно до почетокот на Балканските војни. Од 1880 до 1912 година, други учители биле Анушка Мијаковска од Горно Лисиче, и Блажо и Ѓорѓија од Булачани. Од 1912 до 1918 година, училиштето не работело.[2]

По завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, Вардарскиот дел на Македонија бил приклучен кон новосоздадената држава на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Со новата држава биле променети имињата на сите училишта со имиња на српски личности и настани од српската историја. Така, ова училиште го добило името „Св. Сава“ според првиот архиепископ на Пеќската архиепископија, Свети Сава.[3]

Просториите на дотогашното училиште продолжиле и понатаму да се користат за настава која започнала во 1919 година. Првите учители биле Бошко и Вера Потпориќ. Тие наставата ја изведувале на српски јазик и се залагале меѓу учениците да го внесат српскиот дух и да докажат дека македонскиот народ е дел од српскиот. Тие во училиштето работеле од 1919 до 1930 година. Поради зголемениот број на ученици, тогашните простории во црквата станале претесни. Под силно влијание на тогашните учители, во 1924 година била изградена нова училишна зграда во која наставата се изведува и денес. Новоподигнатата училишна зграда била една од ретките во целата скопска околија, целосно изградена од цигла, а не како другите од плитар. Имала две училници, една наставничка канцеларија и простории за живеење на учителите. Од 1930 до 1941 година, за нови учители биле поставени Миќо и Рола Димитриевиќ. Од 1924 до 1940 година учеле околу 80 ученици.[4]

За време на бугарската окупација на Вардарскиот дел на Македонија (1941-1944) училиштето продолжило со работа под името „Цар Симеон“. Во тој период, наставната програма работела да ги изучи и обликува македонските деца како Бугари. Во тие четири години, учители биле: Димитар поп Андреев од село Кожле (скопско), Борис Прванов од село Бежаново (пловдивско), Здрава Иванова од Бугарија, Христо П. Симов, Димитар Андреев и др. Во текот на март 1944 година целото училиште, со исклучок на една училница, било искористено од бугарската војска за стационирање на една чета бугарски војници. Поради тоа, било отежната наставата и околиските училишни власти од Скопје барале војниците да го напуштат училиштето, особено поради тоа што таму било складирано поголеми количини на оружје и муниција. Поради неправилната настава со воено присуство, учителите го напуштиле училиштето и се вратиле во Бугарија. На местото на бугарските војски во училиштето, од септември до ноември 1944 година, биле стационирани германски војници со целата своја опрема.[5]

По ослободувањето на Македонија во ноември 1944 година, биле преземени мерки за санирање на оштетувањата во училитшето настанати по повлекувањето на Германците од селото. По ослободувањето на Горно Лисиче на 13 ноември 1944 година, во училишните простории за кратко време биле стационирани воени единици и материјал на македонската војска.[6]

Учебната година, за првпат изведувана на македонски јазик, започнала во тешки услови и скудни средства на 22 јануари и траела до јуни 1945 година. Учители биле: Викторија Корен (прво одделение), Панчо Пандилов (второ), Драгица Пандилова (комбинирано трето и четврто) која специјално завршила забрзан учителски курс. 64 ученици ја посетиле првата кратка учебна година. Почетокот на новата учебна 1945-46 година, извесно време пак доцнел поради стационирани на помали единици на македонската војскаво училиштето. По нивното заминување, наставата започнала на 14 ноември 1945 година со настава на македонски јазик. Полниот тогашен назив на училиштето бил Народно основно училиште „Гоце Делчев“ - Горно Лисиче, околија драчевска. Одлуката за основање и почеток на работата на училиштето најпрво дал Околискиот народен одбор - Скопје во 1945 година, а одлуката подоцна ја потврдило Општинското собрание на Кисела Вода - Скопје (поради новата административна поделба) со потврда бр. 05-20171 од 21.12.1965 година. Согласно со оваа потврда и со тогашните важечки закони, училиштето официјално било регистрирано во Окружниот стопански суд во Скопје со решение УС бр.19/66, регистерски лист број 285, страна 169, свеска втора.[7]

Учителите во учебната 1945-46 биле: Ламбе Нестороски од (прво одделение) и Танкосава Л. Нестороска (второ) од Струга, Васил Савевски (комбинирано трето и четврто) кој од 5 декември бил заменет од Нада Димовска учителка со завршен Втор педагошки курс. Раководител бил Ламбе Нестороски. Од учебната 1946-47 година, училиштето започнало да има четири паралелки. Следната учебна година учеле 181 ученик, 90 машки и 91 женско. Учебната 1950-51 присуствувале 213, следната 215 ученици. Во меѓувреме биле вработени нови учители, меѓу кои и Драги Илиевски од Горно Лисиче. Од учебната 1957-58 година, училиштето имало шест паралелки од прво до четврто одделение. Поради зголемувањето на учениците, училиштето станало осумгодишно наместо четиригодишно. Во 1961 година, училиштето било проширено со нови шест училници на приземје. Во 1978 и 1987 година, дополнитело било проширено со нови училници на двата ката, а во 1986 година била изградена мала спортска сала. Од 1974 година, била воведена настава на албански јазик од прво до четврто одделение.[8]

Во учебната 1986-87, во училиштето учеле 814 ученици, од кои 87 деца во две групи забавиште. Тогаш 12 паралелки имало од прво до четврто и 12 од петто до осмо одделение на македонски јазик, додека 3 на албански јазик при што најстарата паралелка била комбинирана (трето со четврто одделение). 680 учеле на македонски, а 47 на албански јазик. Тогаш биле вработени 34 просветни работници. Учебната 2002-03 година, постоеле 21 паралелка (прво до осмо) на македонски и четири (прво до четврто) на албански јазик. Наставата била двосменска во 14 учебни простории. Наставниот кадар бил 27 лица. Тогашен директор бил Драгица Нешевска.[9]

Во текот на учебната 2012/13 година во централното училиште во Горно Лисиче, наставата ја следеле вкупно 424 ученици од прво до осмо одделение во 19 паралелки на македонски наставен јазик. Во одделенска настава имало 237 ученици распоредени во 11 паралелки. Во предметната настава бројот на ученици изнесувал 187 со по две паралелки во генерација, односно вкупно 8 паралелки. Во подрачното училиште во Долно Лисиче, наставата ја следеле вкупно 214 ученици во 10 паралелки од прво до осмо одделение, и тоа во одделенска настава биле 126 ученици во 6 паралелки и 88 ученици во предметна настава во 4 паралелки. Во наставата на албански наставен јазик, реализирана само во централното училиште, имала 62 ученици и била распоредена во две комбинирани паралелки: од прво до трето со 32 ученици и четврто до петто со 30 ученици. Вкупниот број на ученици што ја следеле наставата во централното и подрачното училиште изнесувала 700 ученици распоредени во 34 паралелки.[10]

Учество на натпревари[уреди | уреди извор]

Освоени награди[уреди | уреди извор]

Познати личности кои учеле во ова училиште[уреди | уреди извор]

Познати личности кои предавале во ова училиште[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Регистар на основни училишта“. data.gov.mk. Посетено на 30.01.2021. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)
  2. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 103.
  3. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 103-104.
  4. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 104-105.
  5. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 105.
  6. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 106.
  7. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 106-107.
  8. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 107-109.
  9. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 110-111.
  10. „Лична карта на училиштето“. ОУ „Гоце Делчев“ преку web.archive.org. 2012. Посетено на 15 март 2020.