Носферату (филм од 1922)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Носферату (германски: Nosferatu, eine Symphonie des Grauens) - германски филм од 1922 година, во режија на Фридрих Вилхелм Мурнау според сценариото на Хенрик Гален, засновано врз романот „Дракула“ на Брем Стокер. Главните улоги ги толкуваат: Макс Шрек, Густав фон Вангенхајм, Грета Шредер, Георг Х. Шнел, Густав Боц, Рут Ландсхоф, Александер Гранах итн.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во германскиот град Визбург, агентот за недвижности Нок (го игра Гранах) го испраќа својот соработник Хутер (го игра фон Вангенхајм) во Трансилванија, во замокот на грофот Орлок (го игра Шрек), кој сака да купи куќа во Визбург, наспроти домот на Хутер. Хутер ја остава сопругата Елен кај својот богат пријател и поаѓа на пат, а кога пристига во Трансилванија, тамошните жители не сакаат да му помогнат да го најде замокот на грофот. Ноќта, додека вечера, Хутер случајно го сече прстот, а крвта силно го привлекува грофот. Истовремено, во Визбург, Елен има претчувство дека нешто лошо му се случува на сопругот. Утредента, Хутер се буди со чувство дека сонувал необичен сон, а на вратот има два белези и тој мисли дека го каснале комарци. Тој и грофот го склучуваат договорот за продажба, а тогаш грофот ја здогледува фотографијата на Елен, која веднаш го привлекува. По полноќ, грофот повторно го посетува Хутер во неговата соба, пиејќи му ја крвта. Утредента, Хутер го наоѓа грофот како спие во мртовечки ковчег и сфаќа дека тој е вампир. Меѓутоа, додека тој е заробен во својата соба во замокот, вампирот тргнува на пат кон Германија при што со себе носи неколку мртовечки ковчези, полни со приклетата земја во која бил закопан. Хутер бега од замокот, а утредента се буди на болница. Загрижен за судбината на својата сопруга, тој веднаш тргнува назад кон Германија. Во меѓувреме, ковчезите се натоварени на еден брод и така грофот ја започнува својата пловидба кон Визбург при што ги убива сите морнари. Додека се приближува бродот, Елен се однесува чудно, како да е маѓепсана од некоја невидлива сила, а Нок, кој е затворен во лудница поради неговото необично однесување, нестрпливо го очекува доаѓањето на својот господар. Најпосле, грофот успешно пристигнува во Визбург и се вселува во напуштената куќа наспроти домот на Хутер. Постепено, во градот се шири смртта при што луѓето умираат на необичен начин, а Елен е решена да се жртвува за да го спаси градот од вампирот. Во меѓувреме, Нок успева да избега од лудницата, па жителите на градот го бркаат, мислејќи дека тој е вампирот. Најпосле, една ноќ, Елен го претчувствува доаѓањето на вампирот и го испраќа Хутер по професорот кој е стручњак за вампирите. Во меѓувреме, грофот Орлок влегува во собата на Елен и ѝ ја цица крвта на Елен, но занесен од неа, тој не забележува дека во меѓувреме изгрева сонцето и така умира од првите сончеви зраци. Кога во собата пристигнува Хутер, тој ја наоѓа Елен мртва.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]