Прејди на содржината

Норман Фостер Ремзи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Норман Фостер Ремзи
Норман Ремзи
Роден(а)27 август 1915(1915-08-27)
Вашингтон
Починал(а)4 ноември 2011(2011-11-04) (возр. 96)
Вејланд, Масачусетс
ЖивеалиштеСАД
НационалностАмериканец
Полињафизика
УстановиХарвард
ОбразованиеКолумбиски универзитет, Кембрички универзитет
Докторски менторИсидор Ајзак Раби
ДокторандиДејвид Вајнленд, Даниел Клепнер, Хауард Берг
Познат поМетодот на издвоено колебливо поле
Поважни наградиЛоренсова награда (1960)
Дејвисон-Гермерова награда (1974)
Медал на честа (1984)
Ерстедов медал (1988)
Национален медал за наука (1988)
Нобелова награда за физика (1989)
Дираков медал (1990)
Бушова награда (1995)

Норман Ремзи, роден Норман Фостер Ремзи Џуниор (англиски: Norman Foster Ramsey, Jr.; Вашингтон, 27 август 1915Вејланд, 4 ноември 2011) — американски физичар, добитник на Нобелова награда за физика во 1989 година, заедно со Ханс Георг Демелт од Вашингтонскиот универзитет, поради неговиот пронајдок на методот на издвоено колебливо поле, кој има важна примена во изградбата на атомскиот часовник. Ремзи бил професор по физика од Харвард во поголемиот дел од неговата кариера. Истовремено имал и неколку значајни позиции во владини и меѓународни организации како НАТО и Американската комисија за атомска енергија. Некои од неговите други постигнувања е создавањето на Брукхејвенската национална лабораторија и Фермилаб под водство на Министерството за енергија на САД.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Рани години

[уреди | уреди извор]

Норман Ремзи е роден на 27 август 1915 година во Вашингтон, престолнината на САД. Неговата мајка Мина Бауер Ремзи била германка по потекло додека неговиот татко Норман Фостер бил од Шкотска.[1] Неговата мајка била универзитетска професорка додега неговиот татко бил војник. Татко му имал значајна улога во Американскиот фронт за време на Втората светска војна.[2] Поради воената функција на неговиот татко тие редовно се преселувале, во еден период живеел во Франција.[3] Поради тоа можел да прескокне неколку училишни години и на 15 годишна возраст завршил со неговото средно училишно образование.[1]

Родителите на Ремзи сакале да отиде во воениот факултет но кога се преселиле во Њујорк тој се пријавил во Колумбискиот универзитет.[1][4] Ремзи таму образованието го продолжил во 1931 година, и започнал да изучува инженерство. Особено го занимавал математиката, и се префрлил во студии за математиката. Откако ја добил неговата диплома во 1935 година, тој се насочил кон физиката.[1][5] Колумбискиот универзитет му доделил Келетова стипендија за Кембричкиот универзитет каде што изучувал физика при Кевиндишовата лабораторија под менторство на Ернест Радерфорд и Морис Голдхабер, и се запознал со значајни физичари како Едвард Апелтон, Макс Борн, Едвард Булард, Џејмс Чедвик, Џон Кокрофт, Пол Дирак, Артур Едингтон, Ралф Фаулер, Марк Олифант и Џ.Џ. Томсон.[1] На Кембриџ, тој полагал за да ја изучува квантната механика, студии кои ги немало на Колумбискиот универзитет, што довело тој да се стекне со втора диплома од Кембриџ.[6]

Семинарска работа напишана од Голдхабер за магнетните моменти предизвикало кај него интерес да ги прочита неодамнешните трудови на таа тема од Исодор Ајзак Раби,[6] што пак го поттикнало неговиот интерес за молекуларните зраци, па така тој својот докторат го правел под менторство на Раби во Колумбискиот универзитет.[1][7] Наскоро откако Ремзи пристигнал на колумбискиот универзитет, Раби ја осмислил молекуларно зачната резонантна спектроскопија, за што бил награден со Нобелова награда за физика во 1944 година.[8] Ремзи бил дел од групата на Раби заедно со Џером Келог, Поликарп Куш, Сидни Милман и Џеролд Захаријас. Ремзи соработувал со него во првите експерименти користејќи ја новата техника, и заедно откриле дека деутеоронот бил магнетен квадрипол.[9] Со тоа заклучиле дека атомското јадро не било сферично, како што предходно мислеле. Тој го стекнал својот докторат по физика во Колумбискиот универзитет во 1940 година,[5] и станал член на Карнегиевиот институт во Вашингтон, каде ги изучувал расејувањата на неутрон-протоните и протон-хелиумот.[1]

Втората светска војна

[уреди | уреди извор]

Во Радијациона лабораторија

[уреди | уреди извор]
Нортроп P-61 „Црна Вдовица“ бил наменски конструиран за употреба на новиот радар.

Во 1940 година, тој се оженил со Елинор Џејмесон од Бруклин, Њујорк. Околу истиот период станал професор во Илиноискиот универзитет. Двајцата очекувале мирен живот но со почетокот на Втората светска војна сѐ се смени.[1] Во септември 1940 година со британската Тизардовата мисија голем број на поразвиени технолошки уреди биле префрлени во САД, вклучувајќи го и магнетронот, високомоќна направа која создавала микробранови користејќи го заемодејството на потокот од електрони во магнетното поле. Ова направа, која имала потенцијал да го унапреди радарот, и го урнало мислењето дека Американците имале технолошка надмоќ. Алфред Ли Лумис од Националниот одбранбен истражен комитет ја воспоставил Радијационата лабораторија при МИТ да ја развијат оваа технологија.[10] Ремзи бил еден од научниците кој се приклучил во проектот заедно со Раби.[11]

На почетокот, Ремзи бил во Рабиевата група за магнетронот. Кога Раби станал раководител на оддел, Ремзи станал раководител на групата.[6] Улогата на групата била да го развие магнетронот за да се овозможи намалување на брановата должина од 150 см на 10 см, и подоцна на 3 см или пак во областа на рендгенските зраци. Микробрановиот радар бил помал, полесен и поефикасен од претходните.[12] Ремзиевата група започнала да работи на радарот осмислен од Олифантовата екипа во Велика Британија, при што се обиделе истиот да го подобрат. Радијационата лабораторија ги обезбедувала замислите, од кои подоцна биле правени прототипи од Рајтеон, за подоцна да бидат испитувани во лабораторијата. Во јуни 1941 година, Ремзи отпатувал во Британија, каде се запознал со Олифант, при што двајцата размениле идеи, и донел нови составни делови кои биле вклучени во конечниот изглед на радарот. Ноќниот ловец, Нортроп P-61 „Црна Вдовица“, бил конструиран во истиот период заедно со новиот радар. Ремзи се вратил во Вашингтон околу крајот на 1942 година како советник за употреба на новиот 3 см микробранови радари кои биле пуштени во употреба,[7] работејќи за Едвард Боулс во канцеларијата на секретарот на војна, Хенри Стимсон.[6]

Проектот Менхетен

[уреди | уреди извор]

Во 1943 година, со одлука од Роберт Опенхајмер и Роберт Бахер, Ремзи бил приклучен во проектот Менхетен. Ремзи се согласил, но Министерството за војна се спротивставиле со одлуката поради неговата вредност во Втората светска војна. Поради тоа било направено компромис, при што Ремзи останал на платниот список на Министерството за војна, и притоа бил позајмен како работник во проектот Менхетен.[6][13][14] Во октомври 1943 година, групата E-7 од одделението за воени набавки и одржување била создадена лабораторијата Лос Аламос каде Ремзи бил раководител на групата, со задача да се вклучи и осмисли системот за испорака на јадрените оружја кои биле создадени од лабораторијата.[14]

Ремзи се потпишува на Фет Мен која била употребена во Нагасаки.

Првото нешто што требало да се определи биле особините на леталото кое ќе се користи. Постоеле само две сојузнички летал кои биле доволно големи: Авро Ланкастер и Боинг B-29 Супертврдина.[14] Воздухопловни сили на САД сакале да го упоребат B-29 доколку тоа било можно, иако за ова требало да се направат голем број на измени.[15] Ремзи ја надгледувал програмата за тестирање, кои биле спроведувани во Далгрен, Вирџинија, во август 1943 година, пред да се префрлат во воздушната воена база во сувото езеро Мурок, Калифорнија, во март 1944 година. Макети од јадрените бомби Слабичок и Фет Мен (или Дебелко) биле фрлени и следени од SCR-584 радар сместен на земја, тип на радар во чиј развој помогнал Ремзи кога работел во Радијационата лабораторија. Биле забележани огромен број на недостатоци поврзани со бомбите и измените кај леталото, при што тие биле отстранети.[16]

Плановите за испорака на оружјата во борба му биле доделени на комитетот за оружја, кој бил раководен од Ремзи, и под одговорност на капетан Вилијам Парсонс.[17] Ремзи исцртал табели за организација и опрема за проектот Алберта оддел кој ќе ја придружува 509-та мешана група во Тинијан. Ремзи го известил командантот на 509-та единица, потполковникот Пол Тибетс, за природата на мисијата on кога истиот стапил во команда.[18] Ремзи заминал во Тинијан заедно со проектот Алберта како Парсонов научен и технички заменик. Тој бил вклучен во составувањето на бомбата Дебелко, и ги пренел информациите од Парсонс за успешното бомбардирање на Нагасаки на Грувс во Вашингтон.[19]

Истражување

[уреди | уреди извор]

После војната, Ремзи се вратил на Колумбискиот универзитет како професор и истражувачки научник.[1] Раби и Ремзи продолжиле да работат на нивната претходна цел со нивните експерименти кои вклучувале молекуларни зраци. Ремзи и неговиот прв додипломец, Вилијам Ниренберг, мереле различни јадрени магнетни диполни и електрични квадриполни движења. Заедно со Раби, тој помогнал да се воспостави Брукхејвенската национална лабораторија во Лонг Ајленд. Во 1946 година, тој станал првиот раководител на одделот за физика. Таму бил за краток период, во 1947 година се приклучил во одделот за физика во Харвард, каде ќе остане во наредните 40 години, со неколку исклучоци. За време на 1950-тите, тој бил првиот научен советник во НАТО. Организирал различни образовни програми за европските научници[1][6][20]

Харвардскиот циклотрон за време на изградбата во 1948 година. Во сликата се присутни Ремзи (лево) и Ли Давенпорт (десно)

Неговото повоено истражување претежно се занимавало со мерење на основните својства на атомите и молекулите со употреба на молекуларните зраци. По преминувањето на Харвард, негова цел била да врши точни молекуларно зрачни магнетни резонантни експерименти, засновани на техниките развиено од страна на Раби. Сепак, точноста на мерењата зависеле од непроменливоста на магнетното поле, при што Ремзи заклучил дека било тешко да се создаде задоволително непроменливо магнетно поле. Тој го развил Методот на издвоено колебливо поле во 1949 година како начин за постигнување на бараната точност.[1]

Ремзи и неговиот студент докторант Даниел Клепнер го развиле атоскиот водороден масер, со што сакале да ја зголемат точноста со која суперфините раздвојувања на водородот, деутериумот и трициумот биле измерени, а и да се измери колку суперфината структрура била под влијание на надворешните магнетни и електрични полиња. Тој исто така учествувал во развојот на крајно стабилниот часовник заснован на водородниот масер. Од 1967 година сѐ до 2019 година, била дефинирана секундата како 9.192.631.770 суперфини премини кај атомот на цезиум-133, атомскиот часовник кој се користи за воспоставување на стандардите е произведена од Ремзи.[21] Тој бил награден со Нобелова награда за физика во 1989 годиназа осмислувањето на методот на издвоено колебливо поле и неговата употреба кај водородниот масер и другите атомски часовници“.[8] Наградата ја подели со Ханс Георг Демелт и Волфганг Паул.[8]

Во соработка со Институтот Лауе-Лангевин, Ремзи исто така работел на примената на слични методи на неутронски зраци, мерејќи го неутронскиот магнетен момент при што ја определил границата на неговиот електричниот диполен момент.[1] Како претседател на Универзитетското истражно здружение во периодот на 1960-тите тој бил вклучен во осмислувањето и изградбата на Фермилаб во Батавија, Илиноис.[1][20][22] Тој истовремено бил и раководител на Американскиот национален истражувачки совет во 1982 година кој дошол до спротивен заклучок од оној на Одборот за атентати при Претставничкиот дом на САД, дека досегашниот доказ при атентатот на Џон Кенеди не потврдува присуство на втор атентатор.[22]

Последни години

[уреди | уреди извор]

Ремзи се пензионирал во Харвард во 1986 година. Покрај тоа, тој останал активен во полето на физиката, минувајќи година како член на Здружениот институт за лабораториска астрофизика во Универзитетот на Колорадо. Тој исто така бил и привремен професор на Универзитетот на Чикаго, факултетот „Вилијамс“ и Универзитетот на Мичиген. Покрај Нобеловата награда за физика, Ремзи добил голем број на награди, како што се Лоренсовата награда во 1960 година, Дејвисон-Гермеровата награда во 1974 година, Медалот на честа во 1984 година, Рабиевата и Румфордовата награда во 1985 година. Комптоновиот медал во 1986 година и Ерстедовиот медал како и Националниот медал за наука во 1988 година.[1] Во 2004 година, бил потписник на писмото заедно со други 47 нобеловци предложувајќи го Џон Кери за претседател на САД, како некој кој би ја „вратил науката на нејзиното соодветно место во владата“.[23]

Неговата прва жена, Елинор, починала во 1983 година, по што се оженил со Ели Велч од Бруклин, Масачусетс. Ремзи починал на 4 ноември 2011 година.[7][22]

Објавени дела

[уреди | уреди извор]
  1. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 „Norman F. Ramsey – Autobiography“. The Nobel Foundation. Архивирано од изворникот на 2012-10-08. Посетено на June 13, 2013.
  2. Cullum 1950, стр. 101.
  3. Cullum 1930, стр. 669-670.
  4. Cullum 1940, стр. 167-168.
  5. 1 2 „Norman F. Ramsey“. Soylent Communications. Посетено на June 11, 2013.
  6. 1 2 3 4 5 6 „Norman F. Ramsey, an oral history conducted in 1991 by John Bryant“. IEEE History Center. Посетено на June 11, 2013.
  7. 1 2 3 Tucker, Anthony (November 18, 2011). „Norman Ramsey obituary“. The Guardian. Посетено на February 13, 2010.
  8. 1 2 3 „Isidor Isaac Rabi“. Nobel Media. Архивирано од изворникот на 2012-05-28. Посетено на 17 August 2012.
  9. Kellogg, J. M. B.; Rabi, I. I.; Ramsey, N. F. Jr.; Zacharias, J. R. (October 1939). „The Magnetic Moment of the Proton and the Deuteron. The Radiofrequency Spectrum of 2H in Various Magnetic Fields“. Physical Review. 56: 728–743. Bibcode:1939PhRv...56..728K. doi:10.1103/PhysRev.56.728.
  10. Conant 2002, стр. 209–213.
  11. Conant 2002, стр. 204.
  12. Rigden 1987, стр. 135–135.
  13. Hoddeson и др. 1993, стр. 59.
  14. 1 2 3 Hoddeson и др. 1993, стр. 378-379.
  15. Groves 1962, стр. 254.
  16. Hoddeson и др. 1993, стр. 380-382.
  17. Hoddeson и др. 1993, стр. 248.
  18. Hoddeson и др. 1993, стр. 387-388.
  19. Hoddeson и др. 1993, стр. 392-393.
  20. 1 2 „The Passing of a Scientific Giant: Norman F. Ramsey (1915–2011)“. National Geographic. Архивирано од изворникот на 2011-11-12. Посетено на 11 June 2013.
  21. „Nobel Prize press release“. The Nobel Foundation. Посетено на June 13, 2013.
  22. 1 2 3 „Norman Ramsey Dies at 96; Work Led to the Atomic Clock“. New York Times. November 6, 2011. Посетено на November 7, 2011.
  23. „48 Nobel Winning Scientists Endorse Kerry-June 21, 2004“. George Washington University. Посетено на July 6, 2013.

Употребена литература

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]


Статијата Норман Фостер Ремзи е добра статија. Таа исполнува одредени критериуми за квалитет и е дел од инкубаторот на Википедија.