Нора Морк

Од Википедија — слободната енциклопедија
Нора Морк
Лични податоци
Роден(а) 5 април 1991(1991-04-05)(33 г.)
Осло, Норвешка
Националност Норвешка Норвешка
Спорт Ракомет
Висина &100000000000001690000001,69 м
Позиција десен бек
Клупски податоци
Тековен клуб ЧСМ Букурешт ЧСМ Букурешт
Број 9
Младински клубови
Бекелагет Бекелагет
Сениорски клубови
2007
2007
2008
2008–2009
2009–2016
2016–2019
2019-
Бекелагет Бекелагет
Олборг Олборг
Бекелагет Бекелагет
Њард
Ларвик Ларвик
Ѓер Ѓер Ауди ЕТО
ЧСМ Букурешт ЧСМ Букурешт
Репрезентација
2010– Норвешка Норвешка 117 (566)

Нора Морк (родена на 5 април 1991 г., во Осло) е норвешка ракометарка која игра на позицијата десен бек за ЧСМ Букурешт и за норвешката репрезентација.

Кариерата ја започнала во екипата на Бекелагет, а потоа играла и за Олборг и Њард пред да потпише за најславниот норвешки клуб Ларвик во 2009 година. За Ларвик играла 7 сезони и освоила исто толку титули Првак на Норвешка и Купови на Норвешка како и Лигата на шампионите во сезоната 2010-2011. Во 2016 година потпишала за унгарскиот Ѓер.

Во својата досегашна кариера Морк со норвешката репрезентација има освоено едно Светско првенство (во 2015), три Европски првенства (2010, 2014, 2016) и бронза на олимписките игри (2016).

Животопис[уреди | уреди извор]

Нора Морк е сестра близначка на Теа Морк, која исто така е ракометарка и во моментов настапува за Ларвик.[1]

Морк израснала во близина на областа Бекелагшален во Осло. Додека била дете нејзината мајка работела во одборот на ракометниот клуб Бекелагет, па било природно и Нора и нејзината сестра Теа на шестгодишна возраст да започнат да играат ракомет во клубот, како и двајцата нивни родители претходно активни ракометари.

Клупска кариера[уреди | уреди извор]

Бекелагет[уреди | уреди извор]

Откако ги поминала сите младински категории во клубот, на 11 април 2007, само шест дена по нејзиниот 16-ти роденден, Нора Морк дебитирала за А-тимот на Бекелагет играјќи во завршницата од првенствениот натпревар против Левангер. Меѓутоа поради правилото во Норвешката Прва лига со кое дозвола за настап имале само играчи на возраст над 16 години, по крајот на сезоната 2006-2007 сестрите Морк потпишале договор со данскиот клуб Олборг.

Олборг[уреди | уреди извор]

Во текот на летото на 2007 година, Леиф Готештад бил ангажиран за тренер во Олборг. Покрај неговата тогашна девојка Хајди Локе, тој ги довел во клубот и сестрите Нора и Теа Морк со што бројот на норвешки ракометарки во клубот станал три. Во тоа време близначките биле на возраст од околу 16 и пол години и морале да го пренасочат своето образование во Данска запишувајќи се на колеџот во Олборг.

Двете сестри поради возраста немале право на настап ниту во Данската прва лига, но биле пријавени за европските натпревари на клубот во текот на сезоната. За разлика од својата сестра Теа која набрзо по почетокот на сезоната се здобила со сериозна повреда и не одиграла ниту еден натпревар за данскиот клуб, Нора играла и во трите натпревари од групата во Лигата на шампионите, но на клубот не му одело добро, па откако биле елиминирани се префрлиле во понискиот ранг на натпреварување Купот на ЕХФ. Во Купот на ЕХФ, Олборг се приклучил во шеснаесеттина финалето на турнирот и првиот противник им била екипата на Алкоа Корнекси од Унгарија. Во првиот натпревар на домашен терен на 4 ноември 2007 година, Нора Морк постигнала 7 голови, а подоцна била прогласена и за играч на натпреварот во победата со 28-26 над Унгарките.[2] Меѓутоа во реваншот следната недела Морк неуспеала да се запише во списокот на стрелците, а Олборг загубил со 30-26 и биле елиминирани од европските натпреварувања.

На почетокот на 2008 година тренерот Готештад добил отказ поради слабите резулатати, а набргу потоа и близначките Морк се вратиле во Бекелагет.

Враќање во Бекелагет[уреди | уреди извор]

На почетокот на пролетта 2008 година, сестрите Морк се вратиле во Бекелагет откако завршил нивниот престој во Данска. Како и сестрите во текот на летото Бекелагет го напуштил и тренерот Фроде Шеије. Клубот имал тежок период при наоѓање на трајно решение на тренерската функција во текот на сезоната, а поради тоа и некој од играчите започнале да бараат нови клубови. Нора Морк ја завршила сезоната во Бекелагет, а потоа потпишала едногодишен договор со екипата на Њард.[1]

Њард[уреди | уреди извор]

Нора добила неколку понуди од големи клубови за трансфер во текот на летото на 2008 година, но заедно со нејзината сестра, таа одбрала да остане во Осло и потпишала едногодишен договор со екипата на Њард. Клубот водел голема битка за опстанок во првата лига и благодарение пред сè на сестрите Морк успеал да се спаси од испаѓање, победувајќи во 5 победи од првите 8 натпревари во 2009 година.

Добрите игри во Њард не останале не забележани, на 16 март 2009 најдобриот норвешки клуб Ларвик објавил дека потпишале 3-годишен договор со Нора Морк и нејзината сестра Теа, кој ќе стапи на сила од летото 2009 година.[3]

Ларвик[уреди | уреди извор]

Морк (лево во бел дрес) во дресот на Ларвик против Вардар во Лигата на шампионите во сезоната 2013-2014.

По летната пауза во 2009 година Нора Морк ги започнала подготовките за новата сезона со нејзиниот нов клуб, Ларвик.[4] Во својата прва сезона во клубот, таа станала Шампион на Норвешка со клубот и постигнала 151 гол во 21 натпревар во првенството. Нора исто така постигнала 58 гола во натпреварите од Лигата на шампионите 2009-2010, каде Ларвик стигнал до полуфиналето и загубил од подоцнежниот шампион данскиот Виборг.

Во следната сезона таа била дел од тимот на Ларвик кој ја освоил тројната круна норвешкото првенство, Купот на Норвешка и Лигата на шампионите 2010-2011. Нора играла во сите 16 европски натпревари на тимот во победничката кампања постигнувајќи вкупно 68 гола. Во финалните натпревари против Итчако Морк постигнала 4 гола; 3 во првиот натпревар на домашен терен кој Ларвик го добиле со 23-21 и еден во реваншот во Шпанија во кој загубиле со 25-24, но сепак тоа било доволно за освојување на титулата.

Следната сезона 2011-2012 била најмалку успешна за Нора Морк бидејќи таа доживеала тешка повреда на стартот од сезоната поради што ги пропуштила најголемиот број од натпреварите. Иако Ларвик одново ја освоил домашната двојна круна (првенството и купот), во полуфиналето на Лигата на шампионите ниту враќањето на Морк не можело да им помогне посилно да им се спротивстават на подоцнежните шампионки Будуќност Подгорица кои во двата полуфинални натпревари славеле победа со 23-13 (во Подгорица) и 20-22 (во Ларвик) елиминирајќи го Ларвик.

Во сезоната 2014-2015 Морк го предводи Ларвик до ново финале во Лигата на шампионите, но таму повторно загубиле од Будуќност со 26-22 иако таа постигнала 10 гола. Вкупно во сезоната Морк постигнала 98 гола во Лигата на шампионите и била трет стрелец со 4 гола помалку од водечкото дуо Кристина Њагу и Андреа Пенезиќ кој постигнале 102 гола.

Вкупно во седум сезони во Ларвик, Морк освоила 7 титули Првак на Норвешка, 7 Купа на Норвешка и титулата во Лигата на шампионите.

Ѓер[уреди | уреди извор]

Во летото 2016, Морк потпишала за унгарскиот Ѓер, приклучувајќи им се во клубот на својте колешки од репрезентацијата Кари Олвик Гримсбо и Хајди Локе. Во својата прва сезона во клубот ги освоила Унгарското првенство и Лигата на шампионите. До трета титулата во Лигата на шампионите, втора лична за Морк во кариерата, Ѓер стигнал победувајќи го Вардар во финалето по продолженија со 31-30, а Морк придонела за успехот со 6 гола вклучувајќи го и последниот гол на Ѓер.[5][6]

Почетокот на следната сезона 2017-2018, бил тежок за Морк откако се нашла на удар на хакерите кој преку апликација и го хакирале телефонот и ги објавиле нејзините интимни голи фотографии на интернет.[7] Како последица на тоа ракометарката паднала во депресија и одбила да игра за норвешката репрезентација на Светското првенство во Германија,[7] но сепак подоцна се предомислила и настапила на турнирот.

На 5 февруари во натпреварот на Ѓер против Никобинг во Лигата на шампионите претпела тешка повреда по која изнесена на носилки предвреме го завршила натпреварот. Подоцна деталните прегледи покажале дека се работи за скинати вкрстени лигаменти на коленото поради што морала да го пропушти остатокот од сезоната.[8]

ЧСМ Букурешт[уреди | уреди извор]

На 28 февруари 2019, Морк потпишала двегодишен договор со ЧСМ Букурешт.[9]

Репрезентативна кариера[уреди | уреди извор]

Нора Морк го имала своето деби за сениорската репрезентација на Норвешка на 21 септември 2010 во натпревар против Романија. Таа била повикана во норвешката репрезентација за Европското првенство 2010 во Норвешка и Данска, и притоа постигнала 23 гола на турнирот помагајќи и на Норвешка да стане европски шампион. Во финалето играно во Јуске Банк Боксен во Хернинг, каде што Норвешка ја победила Шведска пред 11.000 гледачи, Морк постигнала 1 гол.

Нора Морк беше најдобар стрелец на Норвешка на Европското првенство 2014, Светското првенство 2015 и Европското првенство 2016 (на последниот турнир, таа била и целокупно најдобар стрелец) и на тој начин била најзаслужна за тоа норвешката репрезентација да освои три титули. Таа, исто така била најдобар стрелец на Норвешка и на Светското првенство 2013 и Олимпискиот турнир 2016.

Титули[уреди | уреди извор]

Клупски и репрезентативни[уреди | уреди извор]

Норвешка Ларвик[уреди | уреди извор]

Унгарија Ѓер[уреди | уреди извор]

Норвешка Норвешка[уреди | уреди извор]

Поединечни[уреди | уреди извор]

  • Ол-стар десен бек на Норвешката Прва лига: 2008-2009
  • Руки на сезоната во Норвешката Прва лига: 2008-2009
  • Ол-стар десно крило на Норвешката Прва лига: 2009-2010
  • Ол-стар десно крило на Норвешката Прва лига: 2010-2011
  • Ол-стар десен бек на Норвешката Прва лига: 2013-2014
  • Најкорисен играч на Норвешката Прва лига: 2013-2014
  • Ол-стар десен бек на Европското првенство: 2014
  • Ол-стар десен бек на Норвешката Прва лига: 2014-2015, 2015-2016
  • Ол-стар десен бек на Светското првенство: 2015
  • Најкорисен играч на Норвешката Прва лига: 2014-2015, 2015-2016[10]
  • Ол-стар десен бек на Лигата на шампионите: 2015, 2016,[11] 2017
  • Најдобар стрелец на Летните олимписки игри 2016 (62 гола)
  • Ол-стар десен бек на Европското првенство: 2016
  • Најдобар стрелец на Европското првенство 2016 (53 гола)
  • Ол-стар десен бек на Светското првенство: 2017
  • Најдобар стрелец на Светското првенство 2017 (66 гола)
  • Најдобра странска ракометарка во Унгарското првенство: 2017[12]
  • Играч на годината според Handball-Planet.com : 2017[13]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Jacobsen, Arild (2008-05-29). „Tvillingene Nora Mørk og Thea Mørk til Njård“. Nordstrands Blad. Посетено на 25. December 2010. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  2. Godtberg, Bendt (2007-11-04). „Endelig en sejr til Aalborg DH“. P4 Nordjylland. Посетено на 25. December 2010. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)[мртва врска]
  3. Bugge, Mette (2009-03-16). „Larvik fikk stjernespilleren“ (норвешки). Aftenposten. Посетено на 25 декември 2010.
  4. Haraldsen, Stian (2009-09). „- Nora er tidenes gullkjøp“ (норвешки). Dagbladet. Посетено на 25 декември 2010. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. Györ clinch third trophy in five years after thrilling overtime
  6. Пехарот остана сон, Вардар загуби од Ѓер во финалето на ЛШ
  7. 7,0 7,1 Нора Морк жртва на хакери g-sport.mk
  8. Крај на сезоната за Нора Морк g.sport.mk
  9. „Dette er Nora Mørks nye klubb“ (норвешки). TV 2. Посетено на 28 February 2019.
  10. „Årets Beste GRUNDIGligaen 2015/2016“. topphandball.no. Архивирано од изворникот на 2016-06-09. Посетено на 22 August 2016.
  11. TV 2 AS. „Tre norske på stjernelaget i Champions League“. tv2.no. Посетено на 22 August 2016.
  12. „Három győri 2017 legjobbjai között“ (унгарски). Győri Audi ETO KC. Посетено на 10 February 2018.
  13. „Nora Mørk is World Female Handball Player 2017“. handball-planet.com. Посетено на 10 February 2018.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]