Нимфоманијак 1 и 2

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Нимфоманка 1 и 2)

Нимфоманијак (1 и 2 дел) (англиски: Nymphomaniac Vol. I and Vol. II) е филм од 2013 година, во режија на Ларс фон Триер (Lars von Trier), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Шарлот Гејнзбур (Charlotte Gainsbourg), Стелан Скарсгард (Stellan Skarsgård), Стејси Мартин (Stacy Martin), Шија Лабуф (Shia LaBeouf), Кристијан Слејтер (Christian Slater), Ума Турман (Uma Thurman), Вилјем Дефо (Willem Dafoe), Мајкл Пас (Michael Pas), Миа Гот (Mia Goth) итн. Постојат две верзии на филмот: целосна, нецензурирана и скратена, цензурирана верзија. Првиот дел на скратената верзија на филмот трае 117 минути, а вториот дел 123 минути, а во него се зборува на англиски јазик. Премиерата на филмот била одржана на 25 декември 2013 година, во Данска.[1]

Филмот е снимен во продукција на повеќе продуцентски куќи: Zentropa Entertainment, Heimatfilm, Film i Vast, Les Films du Losagne итн. Продуценти на филмот се: Marie Cecilie Gade и Loise Vesth, а кинематографер е (Manuel Alberto Claro). Филмот освоил награди и имал номинации на повеќе филмски фестивали. Така, првиот дел на филмот освоил две награди и имал девет номинации, додека вториот дел освоил една награда и имал девет номинации.[2][3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Во филмот се раскажува животната приказна на една жена по име Џо (ја глуми Геинзбург), која себеси се означува како нимфоманијак. Филмот започнува така што еден осамен и начитан средовечен човек, Селигман (го игра Скарсгард), во една тесна уличка ја наоѓа претепаната Џо. Тој ја зема жената кај себе и таму ја негува, а таа му ја раскажува својата животна приказна.[1]

Уште како мала, Џо (младата Џо ја игра Стејси Мартин) е заинтересирана за сексот и во тинејџерските години ја губи невиноста. Потоа, заедно со својата најдобра другарка, Џо се впушта во лов по мажи, напаѓајќи ги во возовите и натпреварувајќи се која ќе има поголем број сексуални односи. Притоа, тие формираат и клуб кој подоцна Џо го напушта, зашто не сака да прифати мешање на љубовта со сексот. Потоа, таа се вработува во една фирма, каде го среќава Џером (го ирга Лабуф), момчето кое ѝ ја одзело невиноста. Џером се вљубува во Џо, но таа не сака да се врзува во постојана врска, туку продолжува со своите многубројни сексуални односи, имајќи по неколку мажи на ден. Разочаран, Џером се жени со својата девојка и го напушта градот. Но, подоцна, за време на една од своите вообичаени прошетки по паркот, Џо повторно го среќава Џером, кого го напуштила жената. Така, тие почнуваат да живеат заедно и добиваат син, но тогаш се случува голема промена кај Џо - водејќи љубов само со еден маж, таа повеќе не доживува задоволство во сексот.

Нејзиниот маж сака да ѝ помогне и ѝ дозволува повторно да се гледа со други мажи, но Џо не успева да го најде загубеното задоволство во сексот. Најпосле, таа посетува тајни сеанси на садо-мазо секс, каде едно момче ја врзува со јаже и ја камшикува и така, конечно, таа повторно доживува оргазам. Меѓутоа, нејзината желба да секс е толку силна, што таа целосно го запоставува своето дете. Поради тоа, нејзиниот маж ја напушта, заедно со детето, кое подоцна завршува во дом за сираци, а Џо редовно му испраќа пари. На крајот, како последица на бројните сексуални односи, Џо има и физички проблеми со нејзината вагина, која е целосно уништена.

Животот на Џо повторно доживива пресврт, кога таа се вклучува во криминалот, работејќи како изнудувач на долгови при што ги користи своите сексуални вештини за да ги наплати парите од должниците. Во таа работа, Џо се покажува во одлично светло. Подоцна, таа посвојува едно девојче (ја игра Миа Гот), кое потекнува од криминално семејство, со намера да го обучи и да го направи свој наследник во работата. Девојчето учи многу брзо и станува понемилосрдна и од самата Џо. Истовремено, Џо и девојчето стануваат љубовници. Една вечер, тие одат во акција за наплата на долгот од некој човек, а кога стигнуваат пред неговата куќа, Џо гледа дека се работи за Џером (возрасниот Џером го игра Мајкл Пас). Поради тоа, таа не сака да влезе во куќата, туку го пушта девојчето да го наплати долгот. Меѓутоа, со текот на времето, девојчето и Џером се зближуваат и стануваат љубовници, а Џо е многу љубоморна на двајцата. Нервозна и разочарана, таа оги надвор од градот и се качува на врвот од планината, каде што гледа едно осамено дрво.

Една ноќ, Џо ги пречекува Џером и девојчето во една мрачна уличка и го вперува пиштолот во Џером со намера да го убие, но пиштолот не функционира, бидејќи Џо заборава да го репетира. Тогаш, Џером брутално ја претепува Џо, по што, тој и девојчето имаат полов однос пред очите на Џо, а на крајот, девојчето моча врз Џо. Така, Џо останува да лежи неподвижна на улицата, а утредента ја пронаоѓа Селигман.

Со тоа, Џо ја завршува својата приказна и му ветува на Селигман дека никогаш повеќе во животот нема да има сексуални односи. Уморна, Џо легнува да спие. Во меѓувреме, Селигман, кој никогаш во животот немал секс, ѝ се доближува гол, со намера сексуално да ја искористи. Џо се буди, го зема пиштолот и го убива.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 МКЦ, „Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное.“, Скопје, 2014, стр. 43.
  2. IMDb, Nymphomaniac Vol. I (2013) (пристапено на 22.11.2014)
  3. IMDb, Nyphomaniac Vol. II (2013 (пристапено на 22.11.2014)