Прејди на содржината

Нимруд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Нимруд
Ламасу во Северозападниот дворец на Ашурнасирпал II пред уништувањето во 2015.
Друг називКалху
МестоНуманија, Ал-Хамданија, Нинивска Мухафаза, Ирак
ОбластМесопотамија
Координати36°05′53″N 43°19′44″E / 36.09806°N 43.32889°E / 36.09806; 43.32889
Виднаселба
Површина3.6 km2 (1.4 ми)

Нимруд (арапски: كال) — подоцнежно арапско име за древниот асирски град Калху, кој се наоѓал јужно од реката Тигар во Северна Месопотамија. Археолозите го нарекуваат градот Нимруд по библискиот Нимрод, легендарен јунак.

Градот зафаќа површина од 360 хектари. Урнатините на градот се наоѓаат на еден километар од денешното асирско село Нуманија во Нинивската Мухафаза, Ирак. Ова е околу 30 километри југоисточно од Мосул.

Историја

[уреди | уреди извор]

Асирскиот крал Шалманесар I (1274–1245 пр. н. е.) ја изградил Калха (Калах/Нимруд) за време на Средното Асирско Царство. Сепак, античкиот град Ашур останал асирски главен град, каков што бил од околу 2500 година пр. н. е.

Бројни историчари, како што е Џулијан Џејнс, веруваат дека библиската слика за Нимрод (од кого е изведен многу подоцнежното арапско име за градот) е вдахновена од постапките на вистинскиот асирски крал Тукулти-Нинурта I (1244–1207 пр. н. е.), син на Шалманесар I и моќен освојувач. Други веруваат дека името потекнува од асирскиот бог Нинурта, кој имал голем култен центар во Калху/Нимруд.

Градот се здобил со популарност кога кралот Ашурнасирпал II од Неоасирското Царство (883–859 пр. н. е.) го направил главен град на царството, заменувајќи го Ашур. Тој изградил голем дворец и храмови, кои биле во лоша состојба, помеѓу средината на 11-тиот и средината на 10-тиот век пр. н. е.

Стела од Нимруд.

На отворањето имало голема свеченост со празнични приредби и раскошни гозби, истата се одржала во 879 година пр. н. е., како што е опишано на стела откриена за време на археолошките ископувања. Градот можеби имал население од околу 100.000 жители за време на владеењето на кралот Ашурнасирпал II, а имал и ботаничка градина и зоолошка градина. Неговиот син, Шалманесар III (858–824 пр. н. е.), изградил споменик познат како Големиот Зигурат и неговиот придружен храм.

Калху останал главен град на Асирското Царство за време на владеењето на Шамши-Адад V (822–811 пр. н. е.), Адад-Нирари III (810–782 пр. н. е.), кралицата Семирамида (810–806 пр. н. е.), Шалманесер IV (782–773 пр. н. е.), Ашур–дан III (772 - 755 пр. н. е.) Ашур-нирари V (754–746 пр. н. е.), Тиглат-Пилесер III (745–727 пр. н. е.) и Шалманесер V (726–723 пр. н. е.). Тиглат-Пилесер III особено извршил големи градежни работи во градот, како и воведување на источниот арамејски јазик како лингва франка на царството.

Меѓутоа, во 706 година пр. н. е., Саргон II (722–705 пр. н. е.) го преместил главниот град на царството во Дур-Шарукин, а по неговата смрт, Сенахирим (владеел 705–681 пр. н. е.) го преместил во Нинива. Таа останала главен град и кралска резиденција сè додека градот не бил во голема мера уништен за време на падот на Асирското Царство од страна на сојузничките поранешни народи Вавилонците, Халдејците, Медијците, Персијците, Скитите и Кимеријците (помеѓу 616 и 605 година пр. н. е.).

Губернијата Нинива, каде што лежат урнатините на Нимруд, е сè уште важно средиште на домородното асирско население на Ирак (сега исклучиво христијани кои зборуваат источен арамејски).

Името Нимруд во врска со населбата првпат било употребено во списите на Карстен Нибур, кој бил во Мосул во март 1760 година.

Ашурнасирпал II

[уреди | уреди извор]

Кралот Ашурнасирпал II, кој владеел од 883 до 859 година пр. н. е., изградил нов главен град, Нимруд. Илјадници луѓе изградиле ѕид долг 8,0 км што го опкружувал градот и Големата палата. Пронајдени се многу натписи на камен, вклучувајќи еден на кој пишува: „Палата од кедар, чемпрес, смрека, црница, фстак и тамариск, за моја кралско живеалиште и за мое кралско задоволство за цела вечност, сум создал таму. Чудовишта од планините и морињата, направени од бел варовник и алабастер, стојат пред неговите порти“. Натписи се пронајдени и во палатата. „Сребро, злато, олово, бакар и железо, моите раце ги ископаа од земјата што ја доведов под моја власт, во големи количини дадени тука и таму“. Натписите, исто така, опишуваат големи прослави во врска со неговите освојувања. Тој ги исполнил своите жртви со ужас. Текстот вели: „Заробив многу затвореници и ги изгорев, им ги отсеков рацете на големите живи по зглобовите, им ги отсеков носевите, ушите и прстите на другите... Им ги извадив очите на многу војници. Ги изгорев до смрт нивните млади мажи, жени и деца.“ За неговите освојувања во други освоени градови, тој напишал: „Ги дерев благородниците ако се спротивставеа и им ги распнував кожите на колци“. Овие шокантни тактики донеле успех во 877 година пр. н. е., кога, по походот во Медитеранот, тој објавил „Го исчистив моето оружје во длабокото море и им жртвував овци на боговите“.

Шалманесар III

[уреди | уреди извор]

Синот на кралот Ашурнасирпал, Шалманесар III (858 - 823 пр. н. е.), продолжил таму каде што застанал неговиот татко. Тој поминал 31 година од своето 35-годишно владеење во војни и освојувања. Бил многу суров владетел.

Тој изградил дворец во Нимруд кој значително го надминувал дворецот на неговиот татко, зафаќал површина од околу 12 хектари и имал над 200 соби.

Во 828 година пр. н. е., неговиот син се побунил, а нему му се придружиле уште 27 асирски градови, вклучувајќи ги Нинива и Ашур. Овој судир траел до 821 година пр. н. е., три години по смртта на Шалманесар, за време на владеењето на Шамши-Адад V (822–811 пр. н. е.).

Археологија

[уреди | уреди извор]
Нацрт на Нимруд, Феликс Џонс околу 1920 година

Местото прв го посетил британскиот патник Клавдиус Џејмс Рич и го опишал во 1820 година, кратко пред неговата смрт. Првите ископувања во Нимруд ги извршил Остин Хенри Лејард, кој работел од 1845 до 1847 година и од 1849 до 1851 година. Лејард верувал дека местото е дел од Нинива и неговите ископувања биле опишани во неговата публикација. Тогаш, работата му била предадена на Хормузд Расам, Асирец, во 1853–54 година, а потоа на В. К. Лофтус во 1854–1855 година.

После Џорџ Смит кој кратко работел на наоѓалиштето во 1873 година, Расам се вратил во 1877–1879 година. Нимруд останал недопрен речиси 60 години. Британската школа за археологија во Ирак ги продолжила ископувањата во Нимруд во 1949 година, под раководство на Макс Малован. Работата продолжила до 1963 година со Дејвид Оутс кој станал директор во 1958 година, по што следел Џулијан Орчард во 1963 година.

Понатамошната работа ја водела Дирекцијата за антиквитети на Република Ирак (1956, 1959-60, 1969-78 и 1982-92), Јануш Меузински (1974-1976), Паоло Фиорина (1987-1989) со Центарот за археолошки истражувања и ископувања во Торино, кој главно се сосредоточувал на тврдината на Шалманезер, и Џон Кертис (1989). По неговата прерана смрт во 1974 година, во 1976 година, Јануш Меушински, директор на Полскиот центар за средоземна археологија, со дозвола од ирачкиот тим за ископување, документирал сè на филм - 35 мм слајдови и 120 мм црно-бел филм. Секој релјеф што останал на самото место, како и превртените, скршени предмети што биле распоредени низ градот, бил фотографиран. Меушински се договорил со архитектот Ричард П. Соболевски да направи тлоцрт и нацрт на местото.

Ископувањата откриле извонредни барелјефи, слонова коска и скулптури. Статуата на Ашурнасирпал II била во одлична состојба, како и огромните крилести лавови со човечки глави, со тежина помеѓу 10 и 30 тони секој, кои го чуваат влезот во дворецот. Големиот број натписи што се однесуваат на владеењето на Ашурнасирпал II дале повеќе подробности за него и неговото владеење отколку што се познати за кој било друг владетел од таа ера. Делови од градот се идентификувани како храмови на боговите Нинурта и Енлил, згради посветени на Набу, богот на пишувањето и уметноста, и обемни утврдувања.

Тие ги идентификувале палатите на Ашурнасирпал II, Шалманесар III и Тиглат-Пилесер III. Познатиот Црн обелиск на Шалманесар III бил откриен од Лајард во 1846 година. Лајард бил поддржан од Хормузд Расам. Споменикот е висок 6,5 метри и го одбележува победничкиот поход на кралот од 859–824 година пр. н. е. Дизајниран е како храмова кула на врвот, која завршува во три фази. На една плоча, Израелците, предводени од израелскиот крал Јуј, му оддаваат почит на кралот Шалманесар III, кој наздравува за својот бог. Клинестиот текст на обелискот гласи: „Јуј, син на Омри“ и споменува подароци од злато, сребро, олово и копја.

Богатство од Нимруд

[уреди | уреди извор]

Богатството на Нимруд, откриено при ископувањата, е збирка од 613 парчиња златен накит и скапоцени камења, кое преживеало грабежи и уништувања во инвазијата на Ирак во 2003 година во банкарски трезор каде што било складирано 12 години и било „повторно откриено“ на 5 јуни 2003 година.

Закани за Нимруд

[уреди | уреди извор]

Различните споменици во Нимруд се изложени на суровите временски услови на ирачката клима. Недостатокот на соодветен заштитен покрив значи дека античките релјефи што останале на место се изложени на ерозија од ветер и песок и обилни сезонски дождови.[1]

  1. Jane Arraf (February 11, 2009). „Iraq: No Haven for Ancient World's Landmarks“. The Christian Science Monitor.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]