Никола Макеларски-Бецко
Никола Макеларски | ||
Роден | 1914 Дебар | |
---|---|---|
Починал | 10 октомври 1980 Струга |
Никола Макеларски-Бецко (Дебар, 1914 - Струга, 10 октомври 1980) — македонски комунист, првоборец, сообраќаен инженер.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Макеларски основно училиште завршил во родниот град, а потоа вечерен Градежен техникум во Скопје (1938). Како ученик во Скопје пишувал песни на македонски јазик, од кои полицијата му одзела околу 100 песни. Бил синдикален активист во УРС-овите синдикати во Белград, Сремска Митровица и Ниш. По отслужувањето на воениот рок, поради комунистичка дејност, бил уапсен и испратен во затворот во Ниш, каде што бил заедно со Јордан Николов-Орце. Додека бил на робија, во весникот „Наша реч“ му била објавена песната „Апсана“ (22.04.1939). Априлската војна го затекнала во Нишкиот затвор, по што бил префрлен во германски логор на Црвениот крст, од каде што избегал на 12 февруари 1942 и се вклучил како борец на Нишкиот НОПО, потоа во Врањскиот НОПО, како заменик-политички комесар на Мишарскиот НОПО и политички комесар на Озренскиот НОПО. Подоцна се префрлил во Скопскиот НОПО (во есента 1943) и како искусен командант на одред заминал во Поречието да основа нов партизански одред. Учествувал во разбивањето на четничките сили во Поречието, бил назначен за политички комесар на Дебарскиот НО младински баталјон (1943) и учествувал во пробивот на Сремскиот фронт како командант на Првиот баталјон на Ⅺ (македонски) корпус на НОВЈ, по што останал во служба на Генералштабот на НОВЈ во Белград. По ослободувањето завршил Воена академија (градежна насока) во Ленинград (СССР, 1946–1951) и како инженер за истражување на железничките линии и јазли се активирал во Советската армија (до 1964). По враќањето во Македонија работел во Проектантското биро на Железничкото транспортно претпријатие. Носител е на Партизанска споменица 1941.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 899. ISBN 978-608-203-024-1.