Николас Мадуро
| Николас Мадуро Nicolás Maduro | |
|---|---|
| Мадуро во 2023 г. | |
| Претседател на Венецуела | |
| Претходник | Уго Чавес |
| Лични податоци | |
| Роден(а) | 23 ноември 1962 Каракас, Венецуела |
| Сопружник |
|
| Деца | Николас Мадуро Гера |
| Вероисповед | католицизам |
| Потпис | |
Николас Мадуро Морос (шпански: Nicolás Maduro Moros; р. Каракас, 23 ноември 1962 г.) — венецуелски државник и политичар, претседател на Боливарската Република Венецуела (од 2013 г.). Од 3 јануари 2026 г. де факто не ги извршува претседателските должности.
Бил министер за надворешни работи во владата на Уго Чавес (2006 — 2013) и потпретседател на Венецуела (2012 — 2013). Од 5 март до 19 април 2013 г., по смртта на Уго Чавес, ја вршел должноста претседател на Венецуела.
На 26 март 2020 г., властите на САД го обвиниле претседателот за шверц на дрога. На 3 јануари 2026 г., Мадуро заедно со својата сопруга Силија Флорес бил заробен од американските специјални сили во Каракас и изнесен од Венецуела од страна на Вооружените сили на САД во текот на воена операција. Тие биле пренесени во Њујорк, каде што се наоѓале во притвор.[1][2] Мадуро се појавил пред федералниот суд на 5 јануари, каде што се изјаснил за невин.
Животопис
[уреди | уреди извор]Неговиот татко и дедо по таткова линија биле Евреи, Сефарди од Пиринејскиот Полуостров што преминале во католицизам, додека неговата мајка потекнува од Кукута, Колумбија — град на самата граница со Венецуела. Работејќи како возач на автобус, Мадуро ја започнал својата политичка кариера како неофицијален член на синдикатот што ги претставувал работниците во метрото во Каракас во 1970-тите и 1980-тите години. Во текот на осумдесеттите завршил лицеј и средно училиште во западниот дел на Каракас. Се смета за еден од основачите на Движењето за Петтата република (MVR), каде одиграл клучна улога во ослободувањето на Уго Чавес и во неговата претседателска кампања во 1998 г.
Подоцна, Мадуро бил избиран од истото движење за пратеник во венецуелскиот Дом на пратеници (1998), во Уставотворното собрание (1999) и во Националното собрание (2000 и 2005), претставувајќи го Федералниот округ на Венецуела. Бил избран за спикер (претседател) на парламентот, и покрај тоа што немал (и сѐ уште нема) високо образование. На таа должност останал во текот на 2005 и првата половина на 2006 г.
Во септември 2006 г., кратко по назначувањето за министер за надворешни работи, Николас Мадуро бил приведен од агенти на ФИБ на меѓународниот аеродром „Џон К. Кенеди“ во Њујорк, откако платил три авионски билети со готовина. Оваа случка предизвикала дипломатски скандал помеѓу САД и Венецуела.
Мадуро ја предводел и комисијата што го подготвила новиот Закон за работни односи на Венецуела, потпишан од Чавес на 1 мај 2012 г. На 8 декември 2012 г., Уго Чавес изјавил дека во случај на влошување на неговата состојба, должноста претседател треба да ја преземе Мадуро, изразувајќи надеж дека гласачите ќе ја поддржат неговата кандидатура. При објавувањето на смртта на Чавес, Мадуро изјавил дека бил отруен од „надворешни непријатели“, додека опозицијата ја нарекла „фашисти“.
На изборите одржани на 14 април 2013 г., Николас Мадуро го победил Енрике Каприлес со разлика од 1,5 %. Според државната изборна комисија, Мадуро освоил 50,76 % од гласовите, наспроти 49,07 % за Каприлес, кој не ги признал изборните резултати. Набрзо по победата, на 14 мај истата година, Мадуро во интервју потврдил дека има еврејски корени и ги истакнал „богатите социјалистички традиции на еврејскиот народ“.
Семејство
[уреди | уреди извор]Оженет е за Силија Флорес, која е постара од него речиси 10 години. Силија Флорес е исто така позната левичарска политичарка (прво во Движењето за Петтата република, а потоа во Обединетата социјалистичка партија на Венецуела). Таа го наследила својот сопруг на должноста спикер на Националното собрание, која ја извршувала од 2006 до 2011 г.[3]
Неговиот син, Николас Мадуро Помладиот (роден на 21 јуни 1990 г.), исто така е политичар.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ EST, Updated 6:23 PM; January 4, Sun; 2026 (2026-01-03). „January 3, 2026 — Maduro in US custody“. CNN (англиски). Посетено на 2026-01-11.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
- ↑ „Maduro declares 'I am innocent' and 'still president' in Manhattan court appearance“. ABC News (англиски). Посетено на 2026-01-11. На
|first=му недостасува|last=(help)CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link) - ↑ „BBCBrasil.com | Primeira Página | Parlamentares venezuelanos acusam EUA de conspiração“. www.bbc.com. Посетено на 2026-01-11.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| Повеќе за Николас Мадуро на збратимените проекти на Википедија | |
| Податотеки на Ризницата ? | |
| Мисли на Викицитат ? | |
| Запис yes во базата на Википодатоци ? | |
- Ministerio del Poder Popular para Relaciones Exteriores (Venezuelan Foreign Ministry) (на шпански)
- Biography by CIDOB (на шпански)
- "A Dangerous Assignment: Uncovering Corruption in Maduro's Venezuela". Frontline. PBS. WGBH. No. 16, season 42.
- Nicolas Maduro на Instagram
- Nicolás Maduro Moros Profile