Ние сме лудаци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ние сме лудаци - читање, смеење и подголтнување; драма, епика и лирика во едно - збирка раскази на македонскиот писател Сашо Кокаланов. Книгата е објавена во 2016 година од издавачката куќа „Или-Или“. Книгата била кандидат за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник.

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Книгата, објавена кон крајот на 2016 година, го свртела вниманието на јавноста најпрвин со необичната промоција, во која заедно со книгата се делеле и чоколади. Поднасловот на книгата го нагласува хумористичниот стил на книгата, а на сличен начин е решена и корицата, на која е прикажана убава девојка која со темноцрвен куфер чека покрај железничка пруга во некој пуст предел. Како мото на книгата, авторот избрал еден цитат од „Алиса во земјата на чудата“. Во делото, Кокаланов се определува за алегориски пристап, градејќи проза која функционира како свет за себе, т.е. создава сомнабулен свет којшто претставува симболичко-алегориска еманација на авторот, обременет од лудилото на времето во кое живее. Воопшто, лудилото е сеприсутно во збирката, зашто главните јунаци во неа се чудаци и лудаци, т.е. луѓе со несекојдневни афинитети, кои живеат во чудни семејства и средини, луѓе на кои им се случуваат чудни нешта и луѓе со извртена логика. Притоа, раскажувачот го разрушува дејството, прави несоодветни и немотивирани референци и ги меша жанровите, така што текстот постојано осцилира меѓу создавањето фикции и илузии и уривањето на тие илузии. На тој начин, книгата може да се дефинира како сатира со постмодерна антиестетика. Сепак, таквата експлицитна присутност на самиот автор во раскажувањето е најголемата слабост на книгата.
Книгата има добра композиција - започнува со четири неповрзани раскази, а потоа авторот ги поврзува сите нив во една целина. Притоа, Кокаланов се покажува како мајстор на изразот: неговите реченици се полни, многузначни, реторички богати и добро исплетени, а како најсилни делови во книгата се токму оние каде добрата реченица е комбинирана со создавање фикција и со необична перспектива. [1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Роберт Алаѓозовски, „Разгоропаденост на авторското его“, Економија и бизнис, година 18, број 224, февруари 2017, стр. 98-100.