Нивичанска чета
Нивичанската чета или Четата на Атанас Цонев била една од постарите револуционерни чети на револуционерниот округ во Струмичко. Војвода на четата бил истакнатиот струмички револуционер Атанас Цонев кој имал неколку видни селани од своето село кои се истакнале во своите борбени вештини.[1] Таа дејствувала во атарот на селото Нивичино од каде што потекнувале сите нејзини четници. Освен против Отоманското Царство, таа се борела и против врховистите кои минувале низ селото. Попозната акција во која учествувала четата е аферата „Мис Стон“.[2]
Местоположба, почетоци и важност
[уреди | уреди извор]Заминавме кон Малешевско за да подготвиме некаква почва за криење, но не останавме, туку продолживме кон Струмичко, таму стигнавме до селото Невичани, клучот на каналот на организацијата за надолу; врховистите од овде па натаму не можеа да напредуваат.
— Михаил Герџиков, Материјали за историјата на македонското ослободително движење, том IX[1]
Сместено во северниот високопланински дел од Струмичката котлина, Нивичино или тогаш познато како Невичино или Нивичин било село во Струмичката каза кое за револуционерната организација бил важен пункт. Низ селото минувале повеќе канали на организацијата за оружје, писма и слично.[2] Иако било мало село, имало високо истакнат револуционер – Атанас Цонев или повеќе познат како Атанас Невичански. Тој, заедно со неколкумина жители на селото одржувал сигурна чета на организацијата во овој дел од регионот.
Револуционерната дејност во ова село и неговиот атар била тесно поврзана со Цонев, тој бил главен иницијатор за отпор не само против султанскиот режим, а и против непријателите на внатрешното крило на организацијата. За активноста на Нивичино, кое денес е отселено, е задолжена таканаречената Нивичанска чета или Четата на Атанас Цонев. Таа била мала чета составена од неколку четници од селото, на чело со војводата Атанас Цонев.
За неа се знае дека е една од постарите револуционерни чети во Струмичко, имено таа дејствувала уште пред Илинденското востание, а се претпоставува дека постои уште од самото формирање на револуционерниот округ во Струмичко во 1896 година. Таа строго се спротивставувала на врховистичките чети, но истовремено претставувала јатак на Гоце Делчев поради што секогаш се ставала на услуга на внатрешните чети во организацијата. За селото Нивичино и војводата на Нивичанската чета, војводата Аргир Манасиев пишува:
Дедо Атанас беше нелегален и постојано се вртеше околу своето село. Која чета и да поминеше, тој и беше на услуга. Тој се сметаше за доверен човек на Гоце Делчев и беше помеѓу првите негови јатаци.
— Известувања на Институтот за бугарска литература, том VII[3]
Учество во аферата за Елен Стон
[уреди | уреди извор]Според кажувањата на синот на Атанас Нивичански, Стојан Цонев, четата зела учество и во аферата со американската протестантска мисионерка Елен Марија Стон во која била задолжена да ги засолни киднапираните жени и бебето во Струмичко, а се претпоставува дека таа исто така и ги ослободила киднапираните, иако според други кажувања тоа е направено од страна на револуционерот Андон Лазов Јанев попознат како Ќосето.[2]
Имено, одредено време пред ослободувањето на киднапираните во аферата, преку таен канал на организацијата киднапираните Елен Стон, Катерина Цилка и нејзиното бебе Елена Цилка (крстено по Елен Стон) биле одведени до селото Митрашинци каде што од страна на курири на Јане Сандански биле предадени на Андон Јанев. Тој, киднапираните ги спровел до селото Нивичино каде што добиле поддршка од Атанас Цонев и неговата чета.
Цонев одлучил жените и бебето да бидат засолнати и згрижени во месноста „Орлово Гнездо“, јужно од селото. Таму ќе бидат снабдени со храна од страна на Ангелина Цонева и Стојан Цонев, сопругата и синот на Атанас Цонев, а за нивната безбедност ќе се грижи Нивичанската чета.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Любомиръ Милетичъ, „Материяли за историята на македонското освободително движение“, том IX, Въ Македония и Одринско ― Спомени на Михаилъ Герджиковъ, София, 1928.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Костадин Кајдамов, „Илинденски настани во Струмичко“, Скопје, 2003.
- ↑ Българска академия на науките, „Известия на Института за българска литература“, том VII, София, 1957.