Нечиста крв

Од Википедија — слободната енциклопедија
Најава за излегување на делото од печат во весници

Нечиста крв е роман на српскиот писател Борисав Станковиќ.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 33 глави.[1]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Во „Нечиста крв“, Станковиќ се претворил од илустратор на „старото“ Врање во негов историчар. Во ова дело, авторот подлабоко ја осветлил судбината на луѓето, како резултат на општествените односи, судири и борби. Во прв ред, романот е историја на едно чорбаџиско семејство од Врање, од неговите најусшпешни времиња („од турските времиња“) до загубата на богатството и моќта. Меѓутоа, оваа историја не е сведена, како што тврдел Јован Скерлиќ, на „физиолошката дегенерација на едно старо богато семејство“ во стилот на натурализмот на Зола. Во романот, никој не е сведен само на темперамент, на физиолошка суштина. Секој лик е карактер чиј начин на мислење и став кон луѓето се определени од општествената положба.[2]

Сепак, „Нечиста крв“ ги преминува рамките на хроника на едно семејство и прераснува во историја на едно полуфеудално, патријархално општество. Уште повеќе, романот претставува слика на секое општество во кое владеат парите и обвинение против секое општество во кое човечката личност се лишува од слободата и, со тоа, се нагрдува. Оваа идејна содржина, силно заситена со хуманизам, добива и впечатлив уметнички облик. Сите слабости во дотогашниот книжевен метод на Станковиќ - лабавата композиција, недовршеноста на одделни слики - во ова дело или се елиминирани или сведени на најмала мера, а позитивните страни на неговата уметничка техника добиваат позрел облик. Во прв ред, се истакнува неговата извонредна способност да ги изгради своите ликови, да ги разоткрие нивните душевни преживувања и начинот на кој се формира нивната свест. Така, зреењето на женственоста на Софка, нејзината борба со сексуалниот нагон, кризите кога се соочува со она „двојното“, прикажувањето на еротските чувства итн. - тоа се едни од најсилните страници во српската книжевност.[3]

Главен лик во романот е Софка, последниот потомок на некогашно угледно семејство од Врање. Зборувајќи за неа, Бора всушност зборува за издигнувањето, дегенерацијата и гаснењето на едно семејство, за моралното извитоперување на нејзините членови, несреќата која паѓа врз грбот на Софка и се пренесува врз нејзините потомци. „Нечиста крв“ е најпознатото дело на Станковиќ и претставува синтеза на сите битни елементи на неговите поранешни дела, кои овде се собрани околу еден проблем и мотив. Со „Нечиста крв“, српската книжевност го достигнала врвот во книжевниот реализам.[4] Романот Нечиста крв се оценува како ремек-дело на српската книжевност и како почеток на модерната.[5]

Романот бил објавен на англиски јазик во 1932 година, во превод на Алек Браун, и тоа со насловот Sophka, според главниот лик.

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 1988 година, романот „Нечиста крв“ бил објавен како заедничко издание на „Мисла“, „Култура“ и „Македонска книга“, во рамките на едицијата „Странски и југословенски автори“. На првата страница од книгата е наведено дека преводот го извршил Цветко Мартиновски, додека во библиографскиот запис стои дека преводот е дело на Тодор Димитровски. Книгата, со димензии од 20 сантиметри и со обем од 224 страници, била испечатена во БГЗ ООЗТ ПечатницаКиро Дандаро“ во Битола. Ликовното уредување го направил Кочо Фидановски, лектурата е дело на Вера Арсовска, а на крајот од книгата се наоѓа поговор, напишан од Јосип Шкавиќ, како и речник на непознати, претежно турски, зборови. Книгата е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ во Скопје и ја носи межѓународната ознака ISBN 86-15-00020-4.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Борисав Станковиќ, Нечиста крв. Скопје: Мисла, Култура, Македонска книга, 1988.
  2. Јосип Шкавиќ, „Нечиста крв од Борисав Станковиќ“, во: Борисав Станковиќ, Нечиста крв. Скопје: Мисла, Култура, Македонска книга, 1988, стр. 218-219.
  3. Јосип Шкавиќ, „Нечиста крв од Борисав Станковиќ“, во: Борисав Станковиќ, Нечиста крв. Скопје: Мисла, Култура, Македонска книга, 1988, стр. 220.
  4. 3. Предраг Костић, Бора Станковић, Нолит, Београд, 1956.
  5. Сања Златановић, Етнографски институт САНУ, Београд, pp. 52.