Нестор (митологија)


Во грчката митологија, Нестор од Геренија (старогрчки: Νέστωρ Γερήνιος, Нестор Герениј) - легендарен крал на Пилос. Тој е истакнат лик во Хомеровите дела како „Илијада“ и „Одисеја“, каде што се појавува како постар воин кој често на другите ликови им нуди совети.
Палатата од микенската ера во Пилос е позната како „Палатата на Нестор“. Ова име на палатата потекнува од хомеровите епови, каде самиот Нестор е опишан како крал на Пилос и мудар советник на Ахајците во „Илијада“ и „Одисеја“. Сепак нема никакви историски докази дека Нестор бил вистинската личност.
Опис
[уреди | уреди извор]Во записот на Дарес Фригиецот, ликот на Нестор е претставен како човек со впечатлива појава – голем, широк, убав и праведен. Неговиот нос бил долг и орловски, што му давало препознатлив изглед. Освен физичките карактеристики, Нестор бил познат и како мудар советник, чија мудрост и искуство му давале посебна улога меѓу хероите.
Семејство
[уреди | уреди извор]Воедно, Нестор бил син на кралот Нелеј од Пилос и Хлорис,[1] ќерка на кралот Амфион од Орхомен, мајката на Нестор се викала Полимеда.[2]
Според преданијата, тој имал сопруга која во различни извори е познта по различни имиња како Евридика или Анаксибија. Имале повеќе деца: Пејсистрат, Трасимед, Писидика, Поликаста, Персеј, Стратих, Арет, Екефрон и Антилох.
Во подоцнежните записи се споменува и неговата ќерка Епикаста која подоцна станала мајка на Хомер од Телемах.
Митологија
[уреди | уреди извор]Авантури
[уреди | уреди извор]По потекло од Геренија, Нестор бил еден од славните аргонаути, помагал во борбата против кентаурите, а учествувал и во познатиот лов на Калидонскиот вепар, каде што се истакнал меѓу другите херои.
Нестор станал крал на Пилос откако Херакле го убил неговиот татко Нелеј и сите негови браќа, оставајќи го единствен наследник на престолот.
Познато е дека Нестор живеел три генерации, благодарение на богот Аполон. Според преданието, годините што Аполон им ги одзел на Хлорис и нејзините браќа, му ги подарил на Нестор.
За време на Тројанската војна, Нестор заедно со своите синови Антилох и Трасимед се борел на страната на Ахајците. Иако во тој период бил веќе прилично стар, Нестор бил познат по својата храброст и особено по своите говорнички способности. Во „Илијада“ тој често им дава совети на помладите воини, а најзначајно ги советува Агамемнон и Ахил да се помират за доброто на војската.
Годините не му дозволувале активно да се вклучи во борбата, но сепак тој ги предводел пилските трупи. Возејќи се на својата кочија, еден од неговите коњи бил убиен од стрела испукана од Парис. Нестор, исто така, поседувал штит од чисто злато, што го издвојувало меѓу хероите. Хомер често го нарекувал со епитетот „Геренискиот коњаник“, нагласувајќи ја неговата врска со родниот крај и неговата улога како водач.
На погребните игри на Патрокле, Нестор го советувал својот син Антилох како да победи во трката со кочии. Сепак, трагично, Антилох подоцна бил убиен во битка од страна на Мемнон.
Во „Одисеја“ се раскажува дека Нестор и неговата војска безбедно се вратиле во Пилос по ограбувањето на градот Троја. Тие донеле одлука да го напуштат походот и да не останат со Агамемнон, кој се обидувал да ја смири налутената Атена, разгневена од гнасните постапки на поединци од Грците, најверојатно Ајакс Малиот.
Во ова дело се појавува и Телемах, синот на Одисеј, кој патувал во Пилос за да дознае нешто повеќе за судбината на својот татко. Нестор, како стар пријател на Одисеј, го примил Телемах со голема љубезност и раскошно гостопримство, но не можел да му даде конкретни информации за неговиот татко.
Хомер во „Одисеја“ ја споменува и сопругата на Нестор, Евридика, како и нивните преостанати живи синови: Ехефрон, Стратиј, Арет, Трасимед и Пејсистрат. Покрај нив, Нестор имал и две ќерки по име Писидика и Поликаста.
Совет
[уреди | уреди извор]Во „Илијада“ советите на Нестор секогаш биле почитувани од неговите слушатели, бидејќи неговата возраст му донела големо искуство и мудрост. Тој бил познат како човек кој знае да даде насоки во најтешките моменти, а неговите зборови имале тежина и авторитет. Сепак, неговите совети често биле придружени со подтекст на хумор на негова сметка, бидејќи Нестор имал навика да се фали со своите минати подвизи. Пред да го даде вистинскиот совет, тој најпрво раскажувал по неколку пасуси за своите херојски постапки од младоста, кога се соочувал со слични околности. Истото се забележува и во делото „Одисеја“, каде што Хомер го изразува својот восхит кон Нестор, но тој восхит е ублажен со малку хумор на негова сметка. По посетата на Елена од Троја и Менелај, каде што побарал дополнителни информации за судбината на својот татко, Телемах се враќа во домот на Нестор. Таму тој го поттикнува Пејсистрат да му дозволи веднаш да се качи на неговиот брод и да се врати дома, наместо да биде изложен на уште една доза од огромното чувство на гостопримство на Нестор. Пејсистрат веднаш се согласува со неговата желба, но со жалење додава дека неговиот татко сигурно ќе биде бесен кога ќе дознае за ненадејното заминување на Телемах.

Советите на Нестор во „Илијада“ понекогаш се толкуваат и како злокобни. Еден пример се наоѓа во Книга 11, кога Патрокле доаѓа кај Нестор за совет. Наместо да му даде едноставна информација за ранетиот Махаон, што всушност била целта на неговата посета во име на Ахил, Нестор го убедува Патрокле дека итно треба да се маскира како Ахил и да се вклучи во борбата.
Оваа интерпретација ја потврдува Карл Рајнхарт, кој забележува дека советот на Нестор бил спротивен на вистинската намера на Патрокле. Според него, улогата на Патрокле како гласник е клучна, а средбата со Нестор е проткаена со иронична цел, бидејќи „неважна задача оставена од многу важен“ станува пресуден момент што ќе доведе до трагични последици.
Хана Ројсман објаснува дека ликовите во Илијадата го игнорираат несовпаѓањето меѓу квалитетот на советите на Нестор и нивните исходи, бидејќи во светот на епот резултатите секогаш се наоѓаат во рацете на произволните и непостојани богови. Хероите, според ова гледиште, не мора да се сметаат за одговорни кога работите тргнуваат наопаку.
Во Илијадата, луѓето не се оценуваат според современиот критериум на резултатите, туку како обични луѓе со одредени лични квалитети.[3] Поради тоа, Нестор треба да се смета за добар советник врз основа на неговите лични способности, како што е опишано уште во неговиот вовед во Книга 1: тој е човек со „слатки зборови“, „јасен говорник“ и глас што „тече посладок од мед“. Овие елементи го сочинуваат неговиот лик и се паралелни со критериумите што Хомер ги наведува за добар советник во Илијада 3.150–152.
Оттука, дефиницијата ни кажува дека Нестор, како добар советник, ги поседува трите суштински карактеристики што го означуваат како таков. Тој е добар советник по природа, а последиците од неговите совети не се релевантни за оваа оценка – гледиште што значително се разликува од современиот начин на вреднување на советниците, каде резултатите играат пресудна улога.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Postlethwaite, N. (2000) Homer's Iliad: A Commentary on the Translation of Richmond Lattimore, Exeter, on 4.301–9.
- ↑ Examples include Iliad 2.372, 4.293 and 11.627.
- ↑ Roisman, Hanna (2005). „Nestor the Good Counselor“. Classical Quarterly. 55: 17–38. doi:10.1093/cq/bmi002.