Некој го наклеветил Хегел

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Некој го наклеветил Хегел“ (српски: Неко је оклеветао Хегела) — роман на српскиот писател Радомир Смиљаниќ. Авторот им го посветил романот на Лепосава и Божидар Ѓ. Карличиќ.[1]

Структура[уреди | уреди извор]

Податотека:Neko je naklevetao Hegela.jpg
Корицата на романот, издание на БИГЗ од Белград (1986)

Романот се состои од следниве поглавја:[2]

  • Доаѓањето на Хегел
  • Нешто кратко за страдањето на Прапорчетовиќ и првото читање на Хегеловите Легенди
  • Како да му се помогне на Хегел во неговата творечка работа
  • Со Хегел и комшијата Маловразиќ во посета на аеродромот во Сурчин
  • Мојот вујко Фрањо Опачиќ го запознава Хегел
  • Повторна средба со Хегел
  • Како да се обезбеди мирен престој на Хегел во нашата средина
  • Реквием за еден стаорец
  • Хегеловата пресметка со епохата
  • Скандал во хотелот Империјал
  • Преселбите на Хегел Милирадовиќ
  • Софија Маловразиќ
  • Станимир Маловразиќ
  • Светот не ни е дом
  • Зошто крадците го заобиколуваат својот плен како мачка околу џигер
  • Хегел Милирадовиќ штрајкува со глад
  • Го испративме Хегел на железничката станица

Содржина[уреди | уреди извор]

Во едно мало место на околу 60 километри од Белград пристигнува старецот Хегел Милибрадовиќ кој се сместува во хотелот „Империјал“. Хегел пишува записи со наслов „Легенди“, како и бројни записи од различни науки, а раскажувачот (авторот на романот) и неговите другари му помагаат на Хегел во умножувањето на неговите записи. Еден ден, раскажувачот, неговиот другар Станимир Маловразиќ и Хегел одат на излет во аеродромот Сурчин, каде Станимир предизвикува скандал во јавниот тоалет. За време на излетот, раскажувачот се уверува дека Хегел нема намера да го плати заостанатиот долг во хотелот чија управа се заканува дека ќе го избрка. Затоа, тој организира широка акција за собирање добротворни прилози за Хегел, а истовремено успева да издејствува продолжување на рокот за плаќање на долгот. Меѓутоа, еден ден, управата на хотелот го исфрла Хегел на улица, а токму во тој миг тој добива инспирација и ги пишува скиците за новиот роман со наслов „Реквием за еден стаорец“.[3]

Раскажувачот тајно го вселува Хегел во својот дом. Кога оди во хотелот за да го плати Хегеловиот долг, тој дознава дека Хегел е осомничен за кражба на накитот на една англиска госпоѓа при што во собата на Хегел е пронајден дел од украдениот накит. Набргу, милицијата извршува претрес во станот на раскажувачот, но не го наоѓа Хегел. Меѓутоа, татко му на раскажувачот упаѓа во собата на неговиот син и ги исфрла личните предмети на Хегел на улица, а потоа, заканувајќи му се со револвер, го брка Хегел од станот. Раскажувачот набрзина го преселува Хегел во куќата на негов другар, но притоа, во куферот на Хегел го наоѓа прстенот на англиската госпоѓа. За да ја дознае вистината, тој оди кај Станимир со намера да ја испрашува неговата сопруга Софија која наводно го нашла накитот во собата на Хегел. Софија признава дека имала неколку интимни средби со Хегел, по што раскажувачот во очај оди во својот дом, а набргу го посетува Софија која се обидува да го принуди на сексуален однос. Раскажувачот успева некако да ја избрка од станот по што паѓа во агонија при што се качува на дрвото во дворот замислувајќи дека на него е качена голата Софија. Утредента, тој добива писмо од Софија која ја изразува својата страст кон него и го уверува дека нема да го зарази со трипер. Тој е растргнат меѓу желбата да води љубов со Софија и чувството дека извршил предавство кон најдобриот другар, Станимир.[4]

Додека раскажувачот закрепнува од психичката криза, него го посетува Станимир кој му соопштува дека го пронашол украдениот накит, скриен во олукот на хотелот. Потоа, Станимир го известува полицискиот инспектор Стругар за открититето при што смислува план како да го откријат крадецот. Така, Станимир, вујкото на раскажувачот, инспекторот Стругар и неговиот помошник се кријат во грмушката крај олукот, очекувајќи да се појави крадецот, а набргу им се придружува и раскажувачот, кој претходно ги здогледува Хегел и Софија како заедно се упатуваат кон хотелот. По некое време, до олукот се приближува Хегел, кој чита поезија и си заминува, а по него на местото доаѓаат и Софија и двајца вработени во хотелот, но никој не посегнува по накитот. Најпосле, на местото повторно се враќа Хегел, кој посегнува кон олукот, но тогаш од грмушката излегуваат Станимир и останатите. Притоа, инспекторот Стругар се обидува да го уапси Хегел, раскажувачот го брани, а Софија го оплакува. Тогаш, Станимир признава дека тој го украл накитот и милицијата го апси. По тој настан, очајниот Хегел седи затворен во својата соба и дури по неколку дена неговите следбеници успеваат насилно да влезат внатре. Потоа, Хегел го напушта градот, а неговите приврзеници, меѓу нив и Софија, свечено го испраќаат на железничката станица.[5]

За романот[уреди | уреди извор]

Романот „Некој го наклеветил Хегел“, заедно со другите делови од трилогијата, добил одлични критики: Така, Павле Зориќ го оценил како едно од најголемите остварувања во југословенската книжевност; Игор Мандиќ смета дека романот претставува нешто потполно самородно; Петар Јокостра го вброил романот меѓу најдобрите светски дела напишани во текот на неколку децении; според Хајнц Бекелман, романот спаѓа во ризницата на големите светски романи; а според Никола Милошевиќ, со овој роман Смиљаниќ отворил нови, поуниверзални видици.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 5.
  2. Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986.
  3. Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 7-79.
  4. Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 80-140.
  5. Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986, стр. 141-193.
  6. Radomir Smiljanić, Neko je oklevetao Hegela. Beograd: BIGZ, 1986.