Прејди на содржината

Недела на село

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Недела на село“ (француски: Un Dimanche à la Campagne) – филм на режисерот Бертран Таверние (Bertrand Tavernier) од 1984 година, снимен по сценариото на Пјер Бост (Pierre Bost), Бертран Таверние и Коло Таверние (Colo Tavernier). Главните улоги ги играат: Луј Дукре (Louis Ducreux), Сабин Азема (Sabine Azéma) и Мишел Омон (Michel Aumont). Филмот, кој спаѓа во омилениот поджанр на Таверние — филмови на провинцијата, претставува едноставна, тивка и интимна приказна за еден старец и неговото семејство, за минливоста на животот и за неостварените соништа, за неразбирањето, сеќавањето, тагата, староста, грубоста и нежноста. Според оцената на критичарите, тој е еден од најдобрите француски филмови на 1980-тите. За својата улога, Азема ја освоила најголемата француска филмска награда „Сезар“ (César), додека на Канскиот филмски фестивал Таверние ја освоил наградата за режија.[1]

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се одвива во 1912 година. Ладмирал (го игра Дукре) е 70-годишен сликар и вдовец кој живее сам во едно село, а за него се грижи домаќинката Мерседес. Еден летен ден, во недела, Ладмирал заминува пешки да ги пречека синот (го игра Омон) со неговото семејство, а малку подоцна пристигнува и ќерката (ја игра Азема)...